24 Април, 2024
0.0671

Јовановски од клупата за „резерви“ ќе се натпреварува во општина Центар

Објавено во: Анализа 15 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Спротивно на очекувањата ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар реши да го кандидира екс кошаркарот и директор на Спортската Академија Дејан Јовановски кој е релативно помалку истакнат член на партијата, наместо етаблираните политичари од оваа општина Томислав Лазаров и Даниела Рангелова кои до пред неколку дена важеа за главни адути.

Ваквата партиска одлука укажува на тоа дека можеби ВМРО-ДПМНЕ нема голема самодоверба дека ќе победи на изборите во општина Центар каде има многу низок рејтинг, па партиските „тешкаши“ ги седна на клупа, Лазаров или Рангелова би ја направиле трката во општина Центар поинтересна бидејќи тие беа многу активни во минатото, особено со критиките против градоначалникот Андреј Жерновски. 

Секако, немаме намера да ги потценуваме капацитетите на кандидатот Дејан Јовановски, но тој е релативно помалку познат на јавноста. Во својата кариера бил кошаркар на КК Работнички и репрезентацијата, а од неодамна е и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Јовановски за победа во Центар ќе треба навистина да се помачи и постигне „тројка од половина терен“, но кошот ќе го чува Саша Богдановиќ од СДСМ кој има солиден рејтинг, четири години е директор на ПОЦ и е популарен партиски кадар кој беше избран како најдобра алтернатива за неисполнителниот Жерновски.