29 Март, 2024
0.0251

Каде згрешивме, дали направивме генерации кои чекаат некој друг да им улови риба, наместо тие самите

Објавено во: Колумни 13 Февруари, 2018

Добивај вести на Viber

Многу дискусии околу тоа каде сакаме, каде ни е местото, од каде и од кого потекнуваме, но воопшто никој никогаш не се запрашал какви тоа генерации се профилираат во републикава, колку тие се подготвени за современите предизвици на времето во кое живееме, дали можат како генерации да обезбедат стабилност и просперитет на Република Македонија и кој е одговорен за тоа. Поводот за овој текст е еден напис за тоа како женката на орелот го бира својот партнер и како заедно, парот ги подига младите орлиња.

Имено, женката на орелот својот партнер го избира на уникатен начин, надлетувајќи ги потенцијалните партнери и од голема висина, повеќе пати испушта гранка. Тој орел што најмногу пати ќе ја фати гранката пред таа да падне на земја и нежно ќе и ја предаде во клунот, таа тој го избира за партнер. Тогаш започнуваат од гранки да градат цврсто гнездо на некоја стрмна карпа, кое на крај, за да биде меко и удобно, го полнат со сопствените пердуви. Кога ќе се изведат малите, едно до две, парот се грижи за нив, ги храни, грее и подига се додека не добијат цврсто перје и не им зајакнат крилјата. Тоа е времето кога парот полека ги исфрла перјата од гнездодо се додека не останат голи и неудобни гранки. Веднаш потоа следи изненадување, парот слетува во близина на гнездото, се храни, но не даваат храна на малото. Следуваат лекциите за летање, малото буквално се исфрла од гнездото во амбисот. Орелот се спушта и се поставува под орлето, така што неповредено го враќа назад на стрмната карпа. Таа лекција се повторува се до моментот кога младото орле не се охрабри и самостојно не пролета. Но и тоа не е крај на "суровиот" однос кон него. Го носат на местото каде ловат и тука веќе секој сам за себе лови, лекцијата тешко се совладува, но избор нема, секој е оставен сам на себе да се бори и избори. Со еден збор, успеале да го научат на вештини што ќе го направат силен и отпорен на удари, но едновремено и на вредности кои новиот потомок ќе ги пренесе на новите поколенија.

Каде сме ние како луѓе, како граѓани на Република Македонија во овој напис?! Како држава имаме сериозни амбиции да бидеме дел од НАТО и ЕУ, како граѓани освен што знаеме дека сакаме да бидеме дел од двете големи семејства по период поголем од една деценија, што правиме како и на кои вредности ги учиме младите генерации или попрецизно што направивме од нив, дали ги научивме на одговорност и дали вистински ги подготвивме за самостоен живот?!

Дали некој се прашал или дали некаде постои прецизна евиденција за тоа колку млади високо образовани кадри немаат работа; колку од вработените работат на соодветни работни места; колку се остручени и практично подготвени да понесат одговорност на работните места; колку млади се депримирани заради фактот што без врски, и покрај квалификациите не можат да се вработат на соодветни работни места; колку и какви фрустрации носи лошата економска состојба во земјава; зошто бројката на млади способни кадри во кои државата инвестирала се исселуваат од неа; колку млади не можат да оформат семејство заради се погоре кажано и живеат на грбот на своите родители?! 

Веднаш се поставува и прашањето кој е виновен за тоа?! Дефинитивно, никој од надвор, виновни сме самите ние како родители, вината е во нас, но и во системот креиран да профилира не кадарни кадри, генерации кои чекаат родителот цел живот, дури и кога ќе замине во пензија да улови риба за нив, затоа што тие ниту имале шанса, ниту научиле како се лови раба. Често пати се исчудуваме на западниот свет, како родителите се така ладни кон своите деца, како тие очекуваат после полнолетството на своите деца, низ животот сами да се борат и снаоѓаат, да им се исселат од дома, да си најдат работа и самите да заработуваат за себе. Веројатно пра пра коренот на своето потекло го имаат од некоја врста орли или некоја друга силна врста, но сигурно не од мајмун или некоја домашна животинка.

Наместо да се исчудуваме, требаше барем до сега да ја научевме лекцијата како родители, но и како држава, бидејќи вината е заедничка. Многумина соговорници со кои сум разговарал, велат дека нивните деца, само со еден до два дена учење одат да полагаат испити на факултет. И не е проблем што одат да полагаат испити, проблемот е што се враќаат со положени испити и тоа со високи оценки. Често тие разговори се претвараат во ода за сопствените деца, за тоа колку се паметни, колку се убави и способни. Меѓутоа, веднаш после првото соочување со реалноста, доаѓа процес на отрезнување, процес кој е многу болен и поразителен, како за младите, така за нивните родители, но и за државата.

Младите спасот го гледаат во еднонасочниот пат кон богатите западно европски земји, родителите во надежта дека децата таму некаде ќе се снајдат, ќе имаат поубав и побогат живот. Тие пак што ќе останат тука, со партиска книшка во рака, како пропусница за во диско клуб, безнадежно ќе бараат работа во пренатрупаната државна администрација, или ако им се позлати, ќе се вработат во некоја кладилница, казино, или во некоја приватна фирма за 200/250 евра месечно, живеејќи со и на грбот на своите родители. Државата упорно добива забелешки од инвеститорите за кои клучниот услов, покрај комотниот експлоататорски однос кон работниците од времето на раниот капитализам, е стручноста и компетентноста на кадрите. Забелешките се дека добар дел од кадрите кои се ангажирани се недоволно квалификувани за работните места што се нудат или во превод, државата има образовен систем кој се темели на изместени општествени вредности, дека тој е гломазен и не ефикасен. Во таа насока државата упорно глуми дека ги разбрала пораките од инвеститорите и од домашните фирми за ваквиот пропблем, и предолго ни се заканува дека ќе направи реформи во образованието, но барем до сега, се се сведува на популистичка шминка. Се укина екстерното тестирање, кое верувам дека беше воведено со добра намера, но беше лошо осмислено и со далекусежни последици по учениците и по наставниците, за се друго ќе треба уште долго да чекаме.

Природата ни дала примери за тоа како се гради и подига потомство, како се зачувува врстата, ни дала примери дека секоја единка треба да се подготви за да е спремна да се соочи со сите предизвици во животот, а тој е суров и никому не простува. Затоа треба да се започне од семејството, од училиштата и факултетите се до институциите на државата да се креираат и промовираат нови, поинакви вредности од тие до сега, бидејќи целта е високо поставена, треба да се зачува државата, идентитетот, јазикот, е таму не се стигнува со неукост, не знаење, импровизации и снобизам, напротив се стигнува со работа, со знаење и со вложување на многу труд. Дури и во тие семејства кон кои целиме ќе влеземе тогаш кога самите ќе научиме да ја ловиме рибата за себе, без да чекаме некој друг тоа да го стори за нас.Секако дека и кај нас има позитивни примери, но тие се исклучоци, тие се одблесоците во општото сивило и апатијата во која е западната младата генерација.

Ајде да тргнеме по патот на успешните, да не се тешиме со тоа дека има и полошо, ајде работите да ги ставиме да стојат на нозе, не на глава, да не ги заспиваме генерациите со ветувања дека ние, нивните родители и пријатели сме тука, дека ние ќе помогнеме, затоа што соочувањето со фактот дека еден ден сакале или не, тие самите ќе мораат да застанат на сопствени нозе, ќе треба да ги врати таму каде што ние како родители, како систем сме згрешиле - на самиот почеток. Вината, ќе повторам, е кај нас како родители и кај елитите што ја водат оваа држава, елитите на кои се друго им е позначајно отколку грижата за младите генерации, за нивната севкупна подготвеност тие да се изборат за тоа што се, што биле нивните предци, што биле дејците кои ги испилила и очовечила оваа нација и на светот му подарила богато културно и историско наследство.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?