22 Февруари, 2017
0.4680

КАЈ И ДА СТЕ ЗА БАДНИК ДОМА ДА СТЕ: Ноќта на мирот, радоста и сплотеноста-Што вели историјата и обичаите?

Објавено во: Македонија 06 Јануари, 2017

Денес е бадник.

Ова се денови кога секој треба да го заборави лошото и да ѝ даде можност на добрината да ги усреќи луѓето. Дури и најнесреќните и најбедните треба да се обидат да стават насмевка на своите лица. Барем за момент секој треба да научи да простува и да го отвори своето срце за другите.

Бадник е ноќта на мирот, радоста и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Христос.

Што вели Македонската Православна Црква за празнувањето...

Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6. јануари секоја година, а Божиќ на 7. јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден - Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.
Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24. декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, осбоено поврзани со Бадниковата вечера.

Етимологија

Зборот Бадник веројадно доаѓа од старомакедонскиот збор - да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник - будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај обредниот оган.

Историја

Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“. 

Обичаи

Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството, со посна но, свечена вечера и прераскажување на библиски приказни.

Во Македонија

Традиционално, во Македонија семјството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртвите.
На Бадник во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокаат.
Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др.

Една од најпеаните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, обjaвена во 1893:

Коледе, леде! 
паднало греде, 
утепало деде. 
Дедо се мачи, 
баба го квачи, 
со четири јајца 
гускини, паткини! 
О. О. коледе! 

Обичаи

Обичаите што се изведуваат на Бадник и Божиќ се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, но она што е заедничко секако се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, коледниот оган и бадниковото дрво, како и коледарските песни. 

За Бадник трпезата секогаш е посна, но исклучително богата ( посна сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл.) Пред да започнат домашните да вечераат, домаќинот го отворал прозорецот и го поканувал Дедо Боже на вечера со зборовите: 
"Повели Дедо Боже да вечераме". 

Во некои места софрата се изнесувала во дворот и оттука се упатувала поканата кон Дедо Боже. Обичај е по вечерата софрата да не се крева. Храната останувае цела ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божиќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани.

На Бадник во секоја куќа се меси обредно лепче со пара, познато како кравајче во кое се става сребрена пара. Кога сите ќе седнат на вечера домаќинот откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. 

Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најдел парата ја ставал во чаша со вино од која сите пијат за здравје и среќа. На оној што ќе му падне парата се верува дека годината ќе му донесе многу среќа, радост, успех и богатство.

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган, како и со горењето на бадниковото дрво. Најчесто се гори пенушка од даб. Таа ноќ, како што запишал Кузман Шапкарев, "сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: "Бадник - будник". 

На Бадник и Божиќ се изведуваат и повеќе други обичаи, како што се сечењето и горењето на дрвото "Бадник" коледарските огнови и многуте песни што се пеат крај нив. 
Децата утрото на Бадник ги посетуваат куќите каде што пеат песни, го најавуваат и го честитаат големиот празник "денеска е Коледе, утре е Божик" за што добиваат дарови (овошје, бомбони, пари итн.) 

Со Божиќ е поврзана и поговорката: "Пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си" што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом. 
На Божиќ се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. 

Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. 
На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. 

Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена. 

Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.

Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан. Од Божиќ почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. 

Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. 
Затоа од Божиќ до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии - апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол. 

Можеби ќе ве интересира

Екс премиерот на суд за случајот со нарачаните шамари

Екс премиерот на суд за случајот со нарачаните шамари

Деновиве ќе имаме пролет во февруари

Деновиве ќе имаме пролет во февруари

Ахмети деновиве ќе донесе одлука дали да ги даде потписите на Заев

Ахмети деновиве ќе донесе одлука дали да ги даде потписите на Заев

Сите луѓе на претседателот Иванов: Кој го советува шефот на државата?

Сите луѓе на претседателот Иванов: Кој го советува шефот на државата?

Заев: Денови се во прашање, а ставовите се доближени

Заев: Денови се во прашање, а ставовите се доближени

Заев: Jас сум тој што ги чека потписите, ама Уставот не го чепкаме

Заев: Jас сум тој што ги чека потписите, ама Уставот не го чепкаме

(ВИДЕО) ФАКТОР24: Намалена невработеност, но се поголем егзодус на млади стручни кадри на светските пазари на труд

(ВИДЕО) ФАКТОР24: Намалена невработеност, но се поголем егзодус на млади стручни кадри на светските пазари на труд

Заев вечерва во Мала Речица: Ќе има Влада?

Заев вечерва во Мала Речица: Ќе има Влада?

Спасовски: Очекуваме дека наскоро ќе ги добиеме потписите од партнерите

Спасовски: Очекуваме дека наскоро ќе ги добиеме потписите од партнерите