Како Богдановиќ ќе ги реализира ветувањата за Центар?
Објавено во: Македонија 23 Ноември, 2017
Саша Богдановиќ, градоначалникот на општина Центар, најави дека нема да се трошат пари за прослава на Нова година, туку ќе има неформално славење преку собирање на донации на Сквер Јадран, што се поклопува и со политиката на градоначалникот Шилегов на град Скопје.
Богдановиќ најави повеќе мерки за справување со загадувањето во Центар, а меѓу нив ќе биде поскапување на паркингот со цел да се намали движењето на автомобили во централното градско подрачје слично како на повеќе метрополи низ светот каде самото паркирање е доста скапо. Исто така Богдановиќ најави ревитализирање на сите зелени површини. За почист воздух ќе има рестрикции за паркирањето во Центар и во договор со градот, забрана за изведување на градежни активности во деновите кога воздухот е загаден.
Во делот на ветувањата дадени за стопирање и проверка на проектот Скопје 2014 Богдановиќ рече дека ќе има ревизија на повеќе објекти и споменици чија документација се проверува и во соработка со надлежните институции ќе следат соодветни мерки.
Богдановиќ најави активности со МВР и надлежните институции за отстранување на дивите препродавачи, потоа ставање ред во работењето на угостителските објекти, подобрување на состојбата во сообраќајот со мирни зони.