29 Март, 2024
0.0236

Како борбата против перење пари да биде поефикасна?

Објавено во: Колумни 09 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Процесот на перење пари последните години станува се поинтересен , а посебно плодна почва наоѓа кај т.н. misinvoicing (несовпаѓањето на износот од фактурата со вистинската вредност на стоката или услугата). Имено, познато е дека банките бараат од своите комитенти да приложат одредени документи од кои ќе може да се согледа што се плаќа, на кого се плаќа и колкав е износот кој треба да биде трансфериран во странство. Такви документи можат да бидат фактури, профактури, царински декларации, договори итн. Посебно внимание треба да се обрне на износот наведен во тие документи. Тој износ би требало да ја претставува вредноста на стоката која е увезена или извезена. Но, за жал, не е секогаш така.Субјектите кои се занимаваат со перење на пари се свесни дека постојат ситуации кога на банката и е многу тешко да изрази сомневање во веродостојноста на документот кој треба да послужи како основа за извршување на трансакцијата. Банкарските службеници не можат да ја знаат вредноста на сите стоки и услуги кои се предмет на тргување на меѓународниот пазар. Притоа, тргувањето со стоки и услуги имаат свои специфичности кои треба да бидат посебно разгледани. Ситуацијата кај трговијата со стоки е нешто поповолна за банката кога истата има намера да изрази сомневање во поглед на веродостојноста на износот наведен во фактурата (или друг документ). Банката може да провери на интернет или да добие информација од берзите на стоки за цената на одредена стока. Дури и да има флуктуации во цената, најчесто станува збор за транспарентни промени со кои банката може да биде во тек. Комитентот може да ја правда разликата помеѓу цената наведена во фактурата и вредноста на таа стока на пазарот со квалитетот на стоката или другите нејзини карактеристики. Тоа можеби ќе биде и прифатено од страна на банката, па ќе биде дозволено извршување на трансакцијата по цена која отстапува од пазарната. Но, ако износот наведен во фактурата подрастично отстапува од општо познатата и прифатена вредност на таа стока, банката е должна да изврши анализа на клиентот и трансакцијата, па доколку има индиции дека станува збор за перење на пари, за тоа да ги извести надлежните органи. Се поставува прашањето што е со оние стоки (артикли) кои обично не се предмет на тргување на стоковите берзи. На пример, комитентот на банката купил уметничка слика во странство и сака да плати со дознака. Банката, се разбира, не е во можност да се впушта во толкувања за вредноста на сликата. Не само поради претпоставената некомпетентност на банкарските службеници за оценка на вредноста на уметнички предмети, туку и поради тоа што таквиот предмет покрај материјална, содржи и нематеријална вредност. Во такви ситуации, банката нема друг избор, освен да ја третира трансакцијата како “нормална” и да го дозволи нејзиното извршување без никаков проблем. Токму таквата ситуација може да биде злоупотребена од страна на субјектите кои се занимаваат со перење на пари кои ќе настојуваат во името на набавка на стоки од странство да ги трансферираат “жешките” пари и да им дадат на истите легитимитет. Ситуацијата во сферата на трговијата со услуги е уште понеповолна за банките кога е во прашање откривањето на сомнителните трансакции. Во овој случај речиси и да не постои начин на кој банката ќе ја открие вистинската вредност на извршената услуга. Субјектите кои перат пари единствено мора да внимаваат да не претераат во поставувањето на неконзистентната цена за одредена услуга. На пример, одредено истражување на пазарот во една мала земја тешко може да чини неколку милиони евра. Сите други техники на перење на пари во сферата на услугите можат да се реализираат без банката (или некој друг субјект) да може да докаже дека станува збор за перење на пари. Дури и во случај кога банката ќе се посомнева во одредена трансакција, докажувањето е тешко од причини што услугите не се физички присутни. Физичката неприсутност на услугите овозможува крајно релативизирање на работите при одредувањето на нивната вредност, а тоа ја прави неконзистентноста на цените практично недокажлива. Со оглед на тоа што банките сами не можат да се справат со перењето на пари по пат на неконзистентност на цените на увозните или извозните фактури, тој проблем треба да се решава на национално или меѓународно ниво. Контролата на неконзистентоста на цените мора да се спроведе на државно ниво. Притоа се поставува прашањето “што и колку да се контролира”. Мора да се појде од т.н. цост - бенефит анализа. Екстремните нивоа на контрола се 0% и 100%.  Ако не се врши контрола, нема трошоци, но подрачјето на неконзистентност на цените ќе остане неконтролирано. Кога до тоа сознание ќе дојдат субјектите кои вршат перење на пари, отсуството на контрола ќе биде злоупотребено во функција на извршување на трансакции кои претставуваат класичен пример на перење на пари. Од друга страна, контролата на сите трансакции значително ќе ги зголеми трошоците, а да не зборуваме за тоа дека малку е веројатно таа контрола да биде максимално ефикасна. Затоа, мора да се пронајде одредено оптимално ниво на контрола. Контролата на (не)конзистентноста на цените дава многу предности на ниво на една национална економија. Минимизирањето на одливот на капитал ќе овозможи тој капитал да остане во земјата и да биде насочен во инвестиции во јавниот и приватниот сектор. Од друга страна, минимизирањето на даночната евазија ќе значи креирање на поголеми буџетски приходи и поголема јавна потрошувачка. Што се однесува до спречувањето на перењето на пари, контролата треба да креира одредени стандарди или параметри кои ќе им овозможат на банките полесно да ја утврдуваат некозистентноста на износите наведени во фактурите во споредба со вистинската вредност на стоките, односно услугите. На тој начин, нивните сомневања во поглед на регуларноста на одредени трансакции ќе станат поиздржани, пореални ќе станат и нивните извештаи до надлежните државни органи, а со тоа и борбата со перењето на пари ќе стане поефикасна. д-р Гоце Трајковски 

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?