20 Април, 2024
0.0256

Како глупоста на Доналд Трамп Џуниор ќе го доведе татко му до импичмент

Објавено во: Анализа 14 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Најстариот син на Доналд Трамп кој го носи и неговото име е под огромен медиумски притисок откако беше откриено дека за време на претседателската кампања имал средба со руска адвокатка во Трамп кулата во Њујорк која требало да му даде штетни информации за Хилари Клинтон која тогаш беше кандидат со сериозно поголем рејтинг. 

Оваа средба долго време беше истражувана од американските медиуми во обид да ја потврдат по што Џуниор направи катастрофална грешка за себе и неговиот татко. Тој ги објави сите мејл пораки кои претходеле на состанокот и тоа во првата испратена од музичкиот менаџер Роб Голдстон стои дека средбата е организирана од Русија и поддршката на владата за Доналд Трамп. Инаку Голдстон е менаџер на рускиот пејач Емин Агаларов кој пак е син на рускиот олигарх Арас Агаларов, познат и како соработник на Доналд Трамп во повеќе бизниси и одржувањето на Мис Универзум во Москва во 2013 година.

Дон по само 17 минути му одговорил на Голдстон дека баш сака вакви информации, особено во текот на летото кога кампањата ќе се заостри. Подоцна синот на американскиот претседател тврдеше дека за средбата не знаел Трамп, а причината за состанок со адвокатката Наталија Веселницкаја не им ја кажал на зетот Џеред Кушнер еден од советниците на Доналд Трамп, како и на Пол Манафорт поранешниот менаџер на изборната кампања, за да ги заштити од кривичен прогон. 

Сепак, од пораките кои како што го нарекуваат американските медиуми глупавиот син на Трамп самиот ги објави, се гледа дека мејлот со поканата во која јасно стои дека е вмешана руската влада им го препратил токму на Кушнер и Манафорт директно вмешувајќи ги во огромен скандал и обид да сторат кривично дело. 

Дон Џуниор се правда дека на состанокот со Веселницкаја не било разговарано за кампањата и потенцијалните „прљавштини“ за Хилари Клинтон туку дека тоа било мамка за сосема друга тема, поточно за програма за посвојување на деца од Русија. Дон всушност сам призна дека се обидел да соработува со странска влада која САД ја смета за непријателска, но не ги добил информациите кои ги очекувал. 

Ваквата постапка е строго забранета според американскиот Устав и на синот на Трамп му се заканува затворска казна. Целиот скандал даде ново светло на сомнежите дека Доналд Трамп и неговиот тим всушност цело време бил во контакти со руски претставници во име на власта на Путин што е нарушување на изборните правила. Против Трамп веќе е започната постапка за импичмент.

ФБИ и Специјалниот обвинителен советник во САД веќе водат посебни истраги за влијанието на руската влада врз американските избори во 2016 година преку хакерските напади, но и за поврзаноста на Трамп со Русија и неговата потенцијална компромитираност. Ако се докаже дека навистина зад сето ова стои голема завера тогаш треба да му се честита на Владимир Путин за генијалниот план и реализацијата на руските агенти кои ги врбувале Доналд Трамп и неговите советници, патем речено дел од нив како Мајкл Флин веќе си поднесоа оставки и се под големи истраги.

Автор: Христијан Станоевиќ