23 Април, 2024
0.0252

Како на Трамп му се случи „СЈО“?

Објавено во: Колумни 19 Мај, 2017

Добивај вести на Viber

Поврзувањето на македонската и американската политика е во најмала рака несериозно, но бидејќи голем број на домашни „експерти“ и „аналитичари“ му палеа свеќи на Доналд Трамп, а истовремено најавуваа дека плејбој милијардерот од Менхетен ќе му стави крај на тимот на Катица Јанева, доведува до доза на мало ситење бидејќи на новиот американски претседател му се случи токму еден вид на „СЈО“.

Доналд Трамп ќе биде истражуван од специјален обвинител, кој да појасниме ќе нема посебен оддел како Катица Јанева, но ќе има целосна контрола над независната истрага. Целта на изборот на Роберт Милер кој е поранешен директор на ФБИ со мандат од 2001 до 2013-та, е да ги води истражните дејствија, а да нема политичка обоеност бидејќи истрагата не може да му се довери единствено на Департмантот за правда кој е под влијание на администрацијата на Трамп.

Тоа што најмногу го „здоболи“ Трамп е начинот на кој дознал дека се подготвува избор на специјален обвинител. За време на интервјуата кои Трамп ги имал со кандидатите за нов директор на ФБИ, група на советници влетале во Овалната канцеларија на претседателот со голема потиштеност и погледи кои не навестуваат ништо добро. 

Трамп побарал од нив ништо да не кријат, за тие да му соопштат дека Департмантот за правда се согласил да биде назначен специјален обвинител. Два часа по дознавање на веста, советниците на Трамп ја склопиle неговата изјава за медиумите во која на доста присебен начин ја прифаќа истрагата и дека таа нема да открие ништо ново бидејќи нема никаква поврзаност на неговата изборна кампања и руски државни и бизнис влијанија.

Милер лево, Коми десно на сликата

Изборот на Милер е исто така симболичен бидејќи станува збор за врвен професионалец од службите за безбедност, но и долгогодишен директор на ФБИ. Токму целиот правен хаос за Трамп настана откако реши да го отпушти актуелниот директор на ФБИ Џејмс Коми. Засега се претпоставува дека Трамп барал од Коми да ја прекине истрагата против неговиот поранешен советник за национална безбедност Мајкл Флин кој криел дека имал контакти со руски дипломати и дека неговата поврзаност со Русија е доста длабока. 

По 24 мирни часа Трамп збесна на неговиот Твитер профил, кој за чудо Белата куќа се уште му го дозволува. Тој бликаше од гнев велејќи дека во времето на Клинтон и Обама имало премногу скандали па никогаш за нив не бил назначен специјален обвинител и дека ова е најголемиот политички лов на вештерки во историјата на САД. 

Трамп лево, Флин десно на сликата

Милер ќе има целосна автономија да ја надгледува и води истрагата поврзана не само со руската врска на кампањата на Трамп туку и неговите наредби врз Коми за прекин на истражни дејства што може да резултира со обвиненија за попречување на правдата и заплашување на сведоци. 

Токму затоа во Белата куќа постои голема загриженост дека специјалниот обвинител е многу лоша вест за Трамп бидејќи тој ќе биде во фокусот на вниманието во наредните месеци, а во втор план ќе бидат обидите на претседателот да ги спроведе политиките кои им ги вети на американските гласачи.

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок