24 Април, 2024
0.0259

Како Путин заработи од облогот на Блискиот Исток?

Како Путин успева да се движи толку успешно низ Блискиот Исток и да создава врски со земји кои се непријателски една со друга? Зошто Русија ја тера во регионот сопствената агенда далеку поуспешно отколку САД?

Објавено во: Анализа 11 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Владимир Путин мајсторски ги претвора слабостите во предност. Додека руските и сириските сили се борат во Алепо во најсериозната битка во петгодишната граѓанска војна, рускиот претседател очигледно се издигна како доминантен фактор во Блискиот Исток. Пред две години Русија во пракса не присуствуваше во регионот, освен една морска база во Сирија. Денес нејзините воени авиони и проектили летаат над Сирија, Иран и Ирак.

Во последната година Путин ја внесе Русија во сирискиот конфликт и го зацврсти режимот на претседателот Башар ал Асад, кој веќе беше на работ. Рускиот лидер создаде квазивоенен сојуз со Иран и тоа му овозможи да ја прошири својата сила и во Персискиот залив - нешто што Москва го немаше постигнато од Втората светска војна наваму, вели во својата анализа Амир Ханџани, соработник на Truman National Security Project и член на одборот на Атлантскиот совет. .

Што се однесува до Турција, со која Москва беше пред судир, откако Анкара собори руски авион минатата година, сега односите им се затоплија дотаму дека Путин и турскиот претседател Реџеп Ердоган се подготвени да ги обноват целосно дипломатските односи. А цело време тој одржува блиска и продуктивна врска со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Како Путин успева да се движи толку успешно низ Блискиот Исток и да создава врски со земји кои се непријателски една со друга? Зошто Русија ја тера во регионот сопствената агенда далеку поуспешно отколку САД?

Путин брзо определува каков е интересот на земјата во даден конфликт и одвојува ресурси за него, а потоа одеднаш го менува курсот, кога ќе биде задоволен или целта ќе се промени.

Од Исламската револуција во 1979 година во Иран, САД ги усогласуваат интересите во Персискиот залив со сунитските монархии како Саудиска Арабија, Кувајт и Катар. Во замена овие држави инвестираа сериозно во САД - откупија американски долгови, инвестираа во недвижности и купуваа воен хардвер за милијарди.

Арапските држави исто налеаја пари во Вашингтон, купувајќи влијание во коридорите на моќта, финансираа институти и ангажираа фирми за односи со јавноста, кои ќе размножат приказни дека земјите им се витални за Америка на Блискиот Исток.

Односите меѓу Ријад и Вашингтон се особено топли, иако американското општество се сомнева во сојузништвото со држава, чии активности често се спротивни на националниот интерес.

Според овие земји САД се обврзани да го споделат нивното гледиште за Блискиот Исток, односно да ги поддржат независно од конфликтите во кои влегуваат, и дали тие се против интересите на Вашингтон. Истите држави немаат такво влијание во Москва.

Иако Русија ја поддржува шиитската тврдина Иран и режимот на Асад во Сирија, арапските сунитски лидери продолжуваат да му се додворуваат на Путин и бараат можности за соработка. Саудиска Арабија, на пример, се обидува да ја координира со Москва стабилизацијата на нафтените пазари и сака Путин да го притисне Иран да се вклучи.

Партнерствата на Русија се базираат на ладен прагматизам. Единствената цел на Путин е да го спроведе интересот на Москва и нема стари сојузи кои ќе пречат на неговата стратегија. Тој ги поддржува Дамаск, Техеран и шиитската власт во Ирак, бидејќи го смета сунитскиот екстремизам за долгорочна закана која ги дестабилизира земјите на Блискиот Исток и загрозува и земји кои се наоѓаат во близина на Русија. Но координацијата со Иран не му пречи да работи со сунитските арапски држави во трговијата и атомската енергија.

Путин останува близок со Нетанјаху, иако соработува со смртните непријатели на Израел - Сирија и Иран. Тој го убеди израелскиот премиер, дека овие сојузи нема да претставуваат закана за постоењето на земјата, туку се дел од големата борба со сунитскиот екстремизам. Русија уште соработува со Израел во енергетиката, земјоделството и оружјето, а освен тоа двете страни одржуваат блиски воени контакти.

Споредете го тоа со односот на Нетанјаху кон Обама и мешањето во американската внатрешна политика. Пред нуклеарниот договор со Иран Нетанјаху го искористи влијанието на лобистичката група AIPAC и други организации, за да се обиде да го поткопа авторитетот на в.д. претседателот и да го спречи најзначајното достигнување на надворешната политика.

Ако Израел или друг сојузник на САД се обидат да го предизвикаат Путин на таков начин, тој едвај ќе ги награди со помош во износ од 38 милијарди долари за десет години, како што Обама направи. Ниту ќе продолжи да ги снабдува со оружје и информации, како што Вашингтон направи за Саудиска Арабија.

Иако САД се далеку поголема сила и би требало да имаат поголемо влијание во политиките на помлади партнери како Саудиска Арабија и Израел, се случува спротивното: држави како овие често се обидуваат да ги ограничат стратешки можностите на Вашингтон, за да не бидат напуштени или за да служат на сопствениот интерес. Засега Русија има цврст и опортунистички пристап кон регионот, на Вашингтон ќе му биде тешко да се спротивстави, а влијанието на Москва ќе продолжи да расте.