25 Април, 2024
0.0305

Како Саудиска Арабија и Иран ги разменија улогите во светот на нафтата?

Објавено во: Анализа 27 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Најголемиот извозник на нафта - Саудиска Арабија, одеднаш ја смени традиционалната своја улога во ОПЕК (Организацијата на земјите извознички на нафта) со Иран. Владата во Ријад сега нуди договор - вклучувајќи и прво намалување на производството на нафта по осум години, за да се потикне зголемување на цените, додека Техеран одолговлекува со реакцијата. Во центарот на овој пресврт се нивните гранични прагови на економската болка, коментира денеска Блумберг.

„Двете земји доаѓаат од различни позиции“, вели Џејсон Тави, економист за Блискиот Исток во консултантската компанија „Capital Economics“. „Иран до неодамна беше под санкции, па сега добива економски поттик поради враќањето на инвестициите и зголемување на производството на нафта. Во меѓувреме Саудиска Арабија се соочува со фискално штедење“.

Контрастот помеѓу двете страни е силен. Перспективите пред Иран, кој никогаш не бил зависен од нафтените приходи како сосед, сега наоѓаат поддршка во повторното приближување со Западот. Во Саудиска Арабија колебливите движења кон економска реформа не ги сопреа две години ниските цени на нафтата да предизвикаат економски хаос. Земјата ги „согорува“ брзо девизните резерви, државните подизведувачи не добиваат плата, а државната администрација нема да добие бонуси оваа година.

Саудиска Арабија ќе забележи фискален дефицит во износ од 13,5% од бруто домашниот производ (БДП) оваа година во споредба со помалку од 2,5% од БДП за Иран, покажуваат проценките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Фондот вели дека Саудијците имаат потреба од нафта по цени од околу 67 долари за барел, за да постигнат баланс. За Иран цената е пониска - околу 61,50 долари за барел. Фјучерсите на нафтата од типот „Брент“ се тргуваат со намалување од 0,73% до 47,50 долари за барел, а на американската сурова нафта - со пад од 0,65% до 45,63 долари за барел до утринава по наше време.

Кога станува збор за економски раст, во Саудиска Арабија тој се забавува нагло до 1%, додека во Иран се забрзува до 4%. Тековната пресметка покажува слични резултати. Саудиска Арабија се соочува со двоцифрен дефицит оваа година, додека Иран речиси ќе направи рамнотежа по економските реформи од 2012 и 2013 година, кои имаа за цел да го ограничат влијанието на меѓународните санкции поради неговата нуклеарна програма.

Иако иранскиот претседател Хасан Рохани се соочува со нови избори следниот мај и е под притисок поради економската презентација на земјата по укинувањето на санкциите, Иран веќе ги претрпела мерките за штедење, кои дури сега почнуваат во Саудиска Арабија, тврди Амрита Сен, главен нафтен аналитичар во консултантската куќа „Energy Aspects“.

Саудиска Арабија го поведе ОПЕК во ноември 2014 година кон заштита на пазарниот удел, главно против американските компании. Месец по политичката промена, тогашниот министер за нафта, Али ал-Наим рече дека „порано или подоцна“ конкурентите ќе се соочат со финансиски тешкотии, а кралството има „способност да издржи“ на такви подолго време.

Речиси две години подоцна и со различен нафтен министер, Ријад сигнализира дека можеби е подготвен за правење свиок.

Саудиска Арабија изјавила пред другите земји членки на ОПЕК, дека е подготвена да ја намали екстракцијата до нивото од јануари, рече алжирскиот министер за енергија, Нуредин Бутарфа. Тоа практично значи намалување за 500 илјади барели на ден. Во меѓувреме Иран одбива да го замрзне производството на сегашното ниво од 3,6 милиони барели на ден, целејќи на дневна екстракција од 4 милиони барели - нивото од пред санкциите.

Кога падот на цените почна, малку луѓе очекуваа дека Саудиска Арабија ќе бара договор за зголемување на цените, а Иран ќе и се спротивставува. Тука сепак улога играат не само економските фактори, туку и регионалната политика. Двете земји се во спротивни позиции во граѓанските војни во Сирија и Јемен. А нема начин како да не се забележи и гордоста - Иран сака да се врати на производствените нивоа пред санкциите.

Во последните две години со ниски цени на нафтата, Саудијците повлекоа сериозна сума од девизните резерви за да го амортизираат влијанието. Земјата потрошила 115 милијарди долари од нив минатата година, а меѓу јануари и јули оваа година - уште 52 милијарди долари.

Субвенциите кои одамна се политичко табу, исто така беа смалени, како и платите на државните министри - за 20%. Инфраструктурните проекти се одложуваат, а се разгледува и наметнување на данок на додадена вредност во 2018 година. Ако Саудијците продолжат да трошат како минатата година, сподели финансискиот советник на кралството, Мохаммед ал-Шеик за Блумберг во април, земјата ќе биде „тотално разорена“ во почетокот на 2017 година.

Од другата страна на Персискиот залив недостасува слично чувство за криза.

- Техеран би бил задоволен од повисоки цени на нафтата, но Иран е онаа земја во ОПЕК, што треба да направи доста жртви поради евтината нафта, вели Оливие Џејкоб, аналитичар во „Petromatrix“ со седиште во Цуг, Швајцарија. 

„Тие чувствуваат дека држат силен адут во раката“.