Каква агенда има Коѕиас за в четврток?
Објавено во: Балкан 28 Август, 2017
Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, во четврток во Скопје се очекува да допатува со автомобил.
Како што веќе објавија грчките медиуми, тој не сака да слета со авион на скопскиот аеродром именуван како „Александар Велики“. Коѕијас освен со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, се очекува да се сретне и со шефот на државата, Ѓорѓе Иванов и вицепремиерот Бујар Османи. Официјално, спорот за името нема да биде тема на разговорите, туку повеќе мерките за градење доверба и нивното досегашно имплементирање.
Претходно во Атина ќе отпатува работна група од македонското МНР, во нов обид за усогласување на ставовите околу пакет мерки за подобрување на билатералните економски, транспортни и енергетски односи. Коѕиас неодамна во Брисел се сретна со посредникот на Обединетите нации во спорот за името, Метју Нимиц, кој подоцна изјави дека постои „нов импулс“ во напорите за наоѓање решение за проблемот. Премиерот Зоран Заев изрази очекување дека Нимиц до крајот на годинава, или почеток на наредната, ќе достави нов предлог за решение на спорот за името.