20 Април, 2024
0.0263

Каква Турција сака да види Ердоган?

Објавено во: Анализа 16 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Гледајќи го хоризонтот на Истанбул, невозможно е човек да не остане шокиран од импресивниот број на знамиња во црвено и бело со ѕвезда и полумесечина кои се веат од зградите, спомениците, мостовите и столбовите. Патриотизмот во Турција отсекогаш бил силен, но по неуспешниот обид за воен удар, претседателот Реџеп Таип Ердоган го искористи популистичкиот ентузијазам, за да ја преобрази нацијата според своите ставови.

Прашањата се каква Турција сака всушност Ердоган и какви чекори ќе направи овој силен и понекогаш непредвидлив лидер, за да ја постигне својата визија, вели во својата анализа за Ројтерс, Лук Бејкер.

Одговорите може да имаат трајни последици за глобалната улога на Турција како членка на НАТО со муслиманско мнозинство, чија поддршка според Западот е клучна за војната против „Исламска држава“ и за решавање на миграциската криза.

Според дипломати и аналитичари, Ердоган јасно ги кажал своите цели. Во трите месеци по обидот за преврат, властите отпуштија 100.000 државни службеници, судии, универзитетски професори, војници и полицајци, правејќи чистка во едни од најцврстите столбови на општеството.

Можна цел е секој осомничен за врски со имамот Фетхулах Ѓулен, кој живее во САД и кого Ердоган го обвинува дека раководел со пучот. Ѓулен негира дека работел против државата или дека е вмешан на каков и да е начин во превратот.

Повеќе од 30.000 луѓе беа уапсени. Пет проценти од полициските сили беа суспендирани. Цели министерски оддели беа затворени.

Некои од западните сојузници стравуваат од авторитаризмот кој се случува и поместувањето кон политички модел, изграден околу силен лидер и една доминантна партија, во отсуство на поделба на властите во Турција, чии димензии, воена сила и располагање меѓу Европа, Блискиот Исток и Азија и даваат значително стратешко влијание.

„Тој сака една Турција, во која ќе зема сам решенија без ограничувањата на нормалниота демократски систем“, смета Џејмс Џефри, поранешен амбасадор на САД во Анкара и виш член на Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика.

„Тој нема да го наруши Уставот, за да се ослободи од демократијата, но сака да ја направи опозицијата неспособна да му се спротивставува и да ја остварува јасно својата власт над неа“, дополнува Џефри пред Ројтерс.

За разлика од тоа верните приврзаници на Ердоган гледаат на него како на градител на една горда и независна нација која нема да биде командувана од надворешни сили.

Претседателот и неговите најблиски ги прифаќаат остро критиките дека е диктатор. Тие ги истакнуваат последователните негови изборни победи, во почетокот како лидер на владејачката Партија на правдата и развојот, а потоа и во првите директни избори за претседател во Турција во 2014 година.

Отоманска гордост

Амбициите на Ердоган сепак најверојатно одат подалеку од тоа да ја преземе контролата и да пројавува авторитарност. Иако 62-годишниот лидер може да нема никаква желба да ја пресоздава Отоманската империја, според политичките аналитичари и дипломати тој сака да го користи чувството за величие, за да се изгради една Турција, која ќе доминира во светот, да биде почитувана, а можеби и да влева малку страв кај соседите и сојузниците.

Во говорот и коментарите пред и по пропаднатиот преврат, претседателот често се навраќа на отоманскиот период, кога турските предци владееле со територии од Југоисточна Европа до Кавказ, Северна Африка и Ирак.

Ердоган обично изразува жалење за отстапките направени од турските лидери по Првата светска војна при потпишувањето на Лозанскиот договор кој ја создава модерната турска држава во 1923 година, алудирајќи дека само тој може да го прероди големото минато на нацијата.

- Она што го гледаме во Турција, е поврзано со речиси постојаната желба за враќање на наследството на Отоманската империја, која била повеќејазична, мултиетничка единица, коментира Булен Алириза, директор за турскиот проект во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон.

„Во скоро секој од говорите на Ердоган има три теми: можете да бидете горди дека сте Турци, горди што сте муслимани, имаме влијание врз нашиот регион и пошироко“. Изразот „Голема Турција" се користи речиси секој пат“.

Во август со голем симболизам и фанфари, Ердоган го отвори новиот мост над Босфор меѓу Европа и Азија. Тој е трет над теснецот и беше крстен според османлискиот владетел од шеснаесеттиот век век Јавуз Султан Селим. „Биди горда со власта, Турција“, се велеше во реклами на телевизија.

Пред Генералното собрание на ОН во септември за време на најважниот говор кој Ердоган го држел по пропаднатиот обид за државен удар, тој зборува за две од омилените теми: како Турција помага на угнетените и служи за модел во муслиманскиот свет и како власта во ОН е концентрирана во премалку држави.

„Светот е поголем од Петорката“, изјави тој, мислејќи на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН. „Советот за безбедност, кој не го претставува целиот свет, никогаш не може да послужи за воспоставување на мир и праведност во светот“.

Критичен момент

По доаѓањето на власт, прво како премиер, а потоа и како претседател, Ердоган управуваше во период на брз економски раст и зајакнато регионално влијание.

Дури и да нема територијални амбиции, Турција, раполага со војници во Северна Сирија, обучува армии во Ирак пред растечката загриженост на владата во Багдад, и се надева дека ќе стане регионален енергетски центар, крстопат меѓу Русија, Иран и Источниот Медитеран.

„Тој се обидува да влијае во регионот преку големата и силна економија на Турција и претензиите нејзини да биде исламска сила“, вели Џефри. „Има нота на враќање кон османлиските времиња и кон турското влијание во регионот - тој сака една исламска алтернатива на Западот“.

Тоа се покажува добра формула. Студија од крајот на јули, две недели по обидот за преврат, покажа дека Ердоган има поддршка од две третини од 78 милиони луѓе, највисоката измерена досега.

А сепак, стремејќи се кон уверена и можеби повеќе исплашена Турција, Ердоган понекогаш оди по работ, ги затегнува односите со Европската унија и Западот, кои гледаат внимателно кон наметнување на авторитаризмот кој, според нив, веќе се случува.

Турската економија, која изнесува 720 милијарди долари, е поткрепена во голем дел од трговијата и инвестициите со Европа. Работната недела е од понеделник до петок, за да се совпаѓа со онаа со бизнисот во Лондон и Њујорк, а не со останатиот муслимански свет. Во теорија, Турција сеуште планира да се приклучи кон ЕУ и има централна улога во НАТО.

Просечниот годишен раст на земјата сепак се стопи од 5 на 3 проценти и има потреба од нов поттик за да се намали невработеноста кај милионите млади Турци. А тоа бара Турција да остане отворена кон Запад.

Ендрју Даф, поранешен член на Европскиот парламент и заменик-претседател на парламентарната комисија Турција-ЕУ, гледа на Ердоган како „целосно непостојана“ во однос на Европа и фокусиран засега врз тоа да го користи исламот и национализмот.

„Се плашам дека ќе станува полошо“, коментира Даф. Тој беше обвинет од турските власти дека е „ѓуленист“, но ги отфрла со потсмев. @Сигурен сум дека целта на Ердоган е да остане на власт барем до 2023 година, едновековниoт јубилеј од основањето на републиката“.

Даф не мисли дека Ердоган ќе се врти околу Истокот постојано. Но засега Европа, НАТО и Западот среќаваат еден непостојан партнер.

„Од историска гледна точка тоа е фасцинантно, бидејќи Турција е навистина самоуверена“, смета Алириза. „Дали ќе продолжи да гледа кон минатото на државата и отворање кон Западот или кон посакуваната иднина во која Турција ќе се приближи до своите браќа на Исток. Ова е критичен момент“.