Катар ќе преговара за крај на кризата во Заливот?
Објавено во: Свет 15 Септември, 2017
Катар е подготвен да седне на преговарачка маса за да се обиде да стави крај на спорот со соседите во Персискиот залив, изјави Емирот Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани во петокот во Берлин, пренесува Ројтерс.
„Како што знаете, ние во Катар сме под опсада од над сто дена. Разговаравме за подготвеноста на Катар да седне на масата за да се реши овој проблем"- изјави тој во Берлин на средбата со Меркел.
Саудиска Арабија, ОАЕ, Египет и Бахреин ги прекинаа дипломатските и трговските врски со Катар на 5 јуни, обвинувајќи ја земјата дека финансира тероризам и одржува пријателски односи со нивниот непријател Иран. Доха ги негираше обвиненијата.
Ангела Меркел изрази загриженост затоа што уште нема решение на кризата, додавајќи дека ги поддржува напорите на Кувајт и САД да посредуваат во спорот.
Катар бил принуден да потроши околу 40 милијарди долари за поддршка на економијата во првите два месеци на конфликтот со четирите арапски земји, пресмета меѓународната рејтинг агенција Moody's.