20 Април, 2024
0.0255

КАВАДАРЧАНИ САДАТ ЛАВАНДА: Со колку садници и колку пари може да се стартува овој бизнис?

Објавено во: Агробизнис 09 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Семејството на Цветанка Колева од Кавадарци се одлучило да си ја проба среќата со одгледување на лаванда, култура која е реткост на македонските полиња.

Засега нивниот насад е скромен, но доколку успеат и доколку имаат профит, ќе ги зголемат површините засадени со лаванда. Поседуваат 12 хектари  обработлива површина која се наоѓа во атарот на селото  Горниково, на 13 км јужно од  Кавадарци  и на 720 метри надморска височина.

„Почвата е каменлива и со плиток ораничен слој,  но богата со минерали. Регионот е ариден/сушен и затоа сметавме дека е погоден за одгледување лаванда. Ова е експериментален насад на површина од 1 декар и доколку констатираме дека можеме да одгледуваме лаванда со задоволителен квалитет,  истата ќе ја посадиме на површина од 10 хектари. Досега садниот материјал го произведуваме сами, а најголем проблем засега е заштитата на насадот од плевели, затоа што не сакаме да користиме хербициди кои многу би ја олесниле работата, но органскиот начин на производство не го дозволува тоа. За подигање на 1 хектар со лаванда потребни се околу 7000 садници кои ги нема на пазарот во Македонија или се многу скапи. Сметаме дека за подигање на 1 хектар лаванда потребни се околу 3000 евра“ – вели Колева.

Таа додава дека засега не размислуваат за поврат на инвестицијата, туку им е важно насадите да успеат и да го разубават овој дел од земјата.  Вели производството засега ќе биде мало за да се обезбеди пласман, но понатаму се надеваат на успешна и рентабилна работа.

„За одгледување лаванда најпрво потребно е да се има соодветна почва, надморска висина и местоположба којашто одговара за оваа култура. Исто така важно е да се напомене дека лавандата, како и другите лековити и ароматични растенија можат да дадат економски резултат само ако се одгледуваат на површини поголеми од 5 или 10 хектари.Оваа култура не заболува од болести, но треба да се води грижа за борбата против плевелите кои знаат да и направат големи штети, па и угинување на голем број растенија од насадот. Исто така лавандата не трпи влажни почви или почви на кои се задржува влага во крајот на зимата кога се топат снеговите“ – раскажува Колева.

На сите оние кои сакаат да засадат лаванда, било да е тоа хоби или професионално, Колева им препорачува да си направат анализа на своите можности за менаџирање со насадите, затоа што  засадувањето е процес кој се одвива кампањски и во неколку дена, а грижата за насадот и понатамошното одгледување  бара многу знаење, труд, истрајност и љубов.

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари