20 Април, 2024
0.0243

КАЗНАТА НА ЕПЛ: Замавнат прст на ЕУ против дупки во даночните закони?

Објавено во: Анализа, Економија 31 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Деновите во кои големите американски технолошки компании можеа лесно да го решат плаќањето на помали даноци во Европа, се ближат до својот крај, пишува во својата анализа Bloomberg.

Со децении компании како Apple, кои генерираат значителни приходи во странство, се насочуваат кон Ирска, Холандија и Луксембург, каде се потпираат на флексибилните фискални режими за да ги намалат даноците кои се плаќаат.

Во вторникот еврокомесарот за конкуренција Маргрете Вестагер го испрати најсилниот сигнал дека Европа веќе нема да дозволи слични стратегии, најавувајќи дека Apple треба да плати 14,5 милијарди долари поради даночен договор со Ирска.

„Секоја глобална компанија која треба да плаќа даноци на одделните земји во Европската унија (ЕУ), сега треба да погледне назад и да се запраша дали некои од нејзините договори не можат да бидат предмет на слични напади“, коментира Томас Кук, професор во McDonough School of Business во Џорџтаун.

Според него ова е прв сигнал од  ваков вид, а ќе видиме уште во следните месеци.

Вчера ЕК откри дека Apple има склучено договор со ирската влада, што и овозможило на компанијата да плаќа пониски даноци на продажбата во Европа. Комисијата соопшти дека Apple добила незаконско поповолно оданочување што и е овозможено да плаќа данок врз европскиот профит во износ од 1% во 2003 година до 0,005% во 2014 година (Стандардната стапка на корпоративниот данок во Ирска е 12,5%, за компаниите од производствениот сектор е 10% ) Apple и Ирска најавија дека ќе поднесат жалба на одлуката.

Поголеми напори

А сепак потегот на Вестагер е дел од поголеми напори за затворање на дупките кои европските регулатори им даваат на странските корпорации. Alphabet, компанијата мајка на Google, исто така има корист од даночниот режим во Ирска преку т.н.. „Двоен ирски“ механизам за заштеда на милијарди од даноци на меѓународниот профит.

Amazon.com користи сличен процес на испраќање профит во Луксембург. Американската компанија за електронска трговија изјави пред властите во Европа дека интелектуалната сопственост врз нејзината платформа за шопинг е исклучително вредна што ги оправдува милијардите необложени приходи кои ги прибрала откако ги префрлила технолошките средства во Луксембург пред една деценија.

Во САД таа ја минимизираше вредноста на истите средства, за да објасни зошто платила толку малку данок за лиценцирање. Тоа поттикна истрага од двете земји на океанот и доведе до промена на политиката на компанијата во 2015 година, а оваа практика во голема мера беше елиминирана.