Добивај вести на Viber
Најголемите кинески државни банки преместуваат голем дел од европскиот бизнис во Луксембург, бидејќи се обидуваат да избегнат заострените регулативи во Велика Британија, пишува „Financial times“. Неодамна од кинеските банки било испратено и писмо до британското Министерство за финансии во кое се жалат на прекумерно строгите барања за ликвидност, кои ги принудуваат да го пренесат својот менаџмент надвор од Лондон.
„За нас станува се потешко да работиме во Велика Британија, посебно ако се земат во предвид се построгите законски регулативи", пишува во писмото испратено од страна на Здружението на странски банки, а во име на кинеските институции. Релокацијата на банките нанесува сериозен удар на намерите на Владата која сака Лондон да стане главен центар за кинеските финансиски институции.
На самиот почеток на финансиската криза, големите државни банки како „Industrial and Commercial Bank of China“(ICBC), „China Construction Bank“ и „Agricultural Bank of China“ беа отворени во Лондон. Во своето писмо до Министерството, кинеските банки истакнуваат дека во канцелариите во Луксембург веќе поминуваат три пати повеќе трансакции, отколку во Лондон. Се повеќе банки од Кина планираат да го следат овој пример и да се ориентираат кон Луксембург, кој е познат по добрите закони во областа на финансиите.