Ќе биде ли во хаос „Партизанска“ за празничната сезона
Објавено во: Македонија 22 Ноември, 2017
Булеварот Партизански одреди кој е еден од најважните за сообраќајот во Скопје поврзувајќи го центарот на градот со западниот дел често носи голем број на ризици за возачите и пешачите и тоа најмногу поради несовесноста, прекршувањето на правилата и возењето под дејство на алкохол или опојни дроги. Во текот на летото голем проблем беа и ноќните диви трки, како и ниското ниво на авто култура со што се создаваше голема бучава и неподнослив хаос за околните жители. Фактор тогаш успеа да добие одговори од надлежните институции за состојбите и да презеде конкретни мерки.
Неколку месеци подоцна повторно го актуелизираме ова прашање со оглед на тоа што сообраќајни несреќи секако се случуваат и натаму, но интересира дали мерките биле привремени и што ќе биде преземено во текот на претстојната празнична сезона кога луѓето почесто излегуваат, сакаат да се забавуваат, па нечесто завршуваат возејќи под дејство на супстанци што може значително да го зголеми ризикот од нови тешки последици и враќање на неподносливиот сообраќаен хаос во ноќните часови.
Од МВР велат дека преземаат активни мерки и ќе продолжат и во наредниот период согласно законските овластувања.
„СВР Скопје – Единицата за безбедност на патниот сообраќај во извештајниот периодот од последниве три месеци, заклучно со октомври, по однос на посочената сообраќајница, ги има превземено следните мерки и активности согласно позитивната законска регулатива која произлегува од Законот за безбедност во патниот сообраќај.
Притоа, по преземени мерки по член 63 и 66 кои се однесува на непрописно паркирање и запирање – санкционирани се 284 возачи;
По преземени мерки по член 35, 36 и 38 кои се однесува на управување на моторно возило со брзина поголема од дозволената со сообраќаен знак – санкционирани се 326 возачи;
По преземени мерки по член 116, 117 и 118 кон пешаци кои не ги почитувале правилата и прописите предвидени со закон - санкционирани се 93 лица (пешаци)“ ни одговорија од МВР.
Партизанска е под надлежност на град Скопје, па исто така за став се обративме и до новото раководство на локалната самоуправа за нивни став.„Булеварот Партизански одреди е сообраќајница по сите европски стандарди и со поставена комплетна сообраќајна сигнализација. Градот Скопје во рамки на своите надлежности ги презема сите потребни активности за зголемување на безбедноста во сообраќајот на сите учесници. Останува до учесниците во сообраќајот да придржуваат до сообраќајните правила и пропишаните услови“ велат од град Скопје.
Зголемен ризик за Новогодишниот и Божиќниот период
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата велат дека „Партизанска“ е една од клучните сообраќајни артерии во Скопје, но за жал многу често токму на овој булевар се случуваат сообраќајни незгоди со тешки или фатални последици. Еден дел на несовесни и неодговорни возачи искористувајќи го периодот од денот кога има помал интензитет на сообраќај, односно искористувајќи го периодот кога нема сообраќаен метеж, го користат булеварот како место за трошење на вишокот на адреналин и достигнување на брзини кои не се дозволени, кои не се својствени и не се разумни за сообраќај во населено место.
„Новогодишниот и божиќниот период претставува период на зголемен ризик за безбедноста во сообраќајот поради фактот дека станува збор за период кој го одбележуваат големиот број на слави и веселби, опуштената и празнична атмосфера која владее, изобилството на алкохол пропратено со ниски температури, замрзнати коловози, а секако и зголемен интензитет на сообраќај.
Токму затоа, неопходно е МВР во наредниот период да презема повеќе акциски контроли за пречекорување на брзината на возење и акциски контроли „ алкотестирање“, со цел санкционирање и отстранување од сообраќај на неодговорните возачи кои управуваат моторно возило под дејство на алкохол и тоа не само на булеварот „ Партизански одреди“ туку и на сите останати делови во Република Македонија и колку и да не се популарни овие мерки тие секако, се во насока на заштита на јавниот интерес и заштита на животот и здравјето на учесниците во сообраќајот“ велат од РСБСП.
Потребни се анализи за вистински мерки
Според нив неопходно е Град Скопје во соработка со МВР, да направи анализа на местата каде најчесто се случуваат сообраќајни незгоди долж булеварот „ Партизански одреди “, да се анализираат сообраќајните незгоди од аспект на причини, учесници , последици, време и услови под кои се случени со цел да се извлечат заклучоци каде и како да се дејствува од страна на МВР и каде и како да се унапреди сообраќајната инфраструктура долж булеварот „ Партизански одреди “ и ваквиот пристап треба да се прошири и за другите делови од градот со цел да се заштитат сите учесници во сообраќајот.
Со кампања до поголема свест
РСБСП како и секоја година, во периодот на новогодишните и божиќните празници ќе реализира кампања за едукација и подигање на свеста за неуправување на моторно возило под дејство на алкохол и за подигање на свеста за последиците од брзото возење. Во таа насока, РСБСП и оваа година ќе реализира повеќе превентивни, сообраќајно едукативни активности и тоа: поставување на билборди со сообраќајно едукативни пораки, поставување на банери со сообраќајно едукативни содржини во повеќе угостителски објекти и во високообразовните институции, организација на едукативни предавања на кои ќе присуствуваат и повеќе личности од јавниот живот, изработка и дистрибуција на новогодишен промотивен материјал со сообраќајно едукативни совети, велат од РСБСП.
РСБСП апелира до возачите и останатите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни, да бидат дисциплинирани учесници во сообраќајот и да не дозволат една грешка, момент на невнимание, непромисленост или лекомисленост да ја уништатат празнична атмосфера и доброто расположение.
Автор: Христијан Станоевиќ