Ќе има ли голема компанија со IPO на Македонска берза
Објавено во: Финансии 06 Декември, 2017
На светските берзи големите компании кои сакаат да привлечат пари од инвеститори излегуваат со IPO портфолио на акции, односно со иницијална јавна понуда за сите заинтересирани кои се подготвени да купат хартии од вредност и на тој начин да заработат како и да добијат удел во брендот.
На Македонска берза досега ваков голем настан се нема случено, но Фактор го запраша Иван Штериев, директорот на Македонска берза, дали може да се очекува во наредниот период компанија што ќе го скрши мразот.
„Јас сум оптимист и веќе сме во преговори со една голема компанија чие име засега не може да се открие. Но, доколку се одлучат да истапат со иницијална јавна понуда, тоа ќе биде историски момент за Македонска берза“, одговори Штериев.
Македонска берза неодамна ја презентираше и новата алатка за тргување e-trader која на сите заинтересирани за купување акции ќе им овозможи со една регистрација кај овластен брокер на електронски начин преку веб апликација да креираат налози за тргување, а ќе имаат бројни бенефити како преглед на состојбите во реално време.
Според податоците кои Македонска берза ги презентираше за првите 11 месеци се бележи раст во тргувањето со акции и има раст на вредноста на компаниите од МБИ10, па Штериев е оптимист дека и во наредната година ќе има поголема раздвиженост кај инвеститорите, како кај правните субјекти, така и кај физичките лица кои во зголемен број се вклучуваат на берзата.