29 Март, 2024
0.0254

Д-р Трајче Стојанов

Ќе победиме!

Објавено во: Колумни 11 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

На денешен ден 1941 година, Аспарух Јосифоски, Никола Попоски и Мице Димески како команданти на трите групи, дел од Партизанскиот одред „Гоце Делчев“, ги напаѓаат трите цели:  првата група го изврши нападот на полицискиот участок, втората нападот на затворот, а третата група имаше за задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација. Од страна на партизаните нема загинати и повредени при нападите, додека од страна на окупаторот убиен е чувар во участокот, кој бил локален човек, мобилизиран во окупаторската војска.  Вкупно 16 луѓе учествуваат во првата акција со која се означува почетокот на воените дејствија и оттогаш 11 октовмри е датумот на почеток на македонската борба, Денот на востанието. Веќе следниот ден, во Куманово е формиран Козјачкиот партизански одред, па Карадачкиот, претходно Скопскиот....за да до крајот на војната тоа да прерасне во организирана структура која ќе брои повеќе од сто илјади војници.

Овие први пукотници се симболичен почеток на македонската борба. Поточно, тие се продолжување на вековната борба започната уште од Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и Илинденското востание. Тоа е еден ист стремеж, една иста борба која тлее низ вековите и која конечно се потврдува на на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година. Овие настани се исклучително важни. Еднаш, по повод 2-ри август напишав зошто се важни, ако не и најважни мигови во македонската историја. Со овие настани, Македонија и македонскиот народ се ставија во камен темелникот на модерна Европа. Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, во борба против фашизмот како најмрачната идеологија во современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности кои било кога го навјасале човештвото. 

И токму заради тоа и затоа уште еднаш – антифашизмот е темелот на кој е изградена поновата европска историја и од тие причини Македонија, навистина нема потреба да се обидува поинаку да се вгради во европската историја, барајќи го темелот во класичното европско наследство. Ние сме ја имале несреќата под Отоманската империја да не создадеме национална држава и да не го „приграбиме“, класичното и античко наследство, како уште еден од столбовите на европскиот идентитет. Обидот сега, ретроградно да се вградиме во истото е повеќе пародија и карикатура, отклоку реална можност да се вградиме во столбовите на неокласичната архитектура. Нашето просветителство е поинакво. Првенствено врзано со јазикот и црковноста. Нашето просветителство единствено се израсувало низ јазикот, не низ визуелноста. Нашите просветители Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски,Јордан Хачиконстантинов-Џинот, Григор Прличев...не се раѓаат наспроти црквата, ами во пазувите на црквата. Училиштата на македонски јазик не се отворале надвор или наспроти црквата, ами токму во црквите и манастирите. Таа наша еманципација не била воедно и процес на секуларизација, како што тоа било со западното просветителство. Затоа, обидот да се градат денеска столбови и неокласични градби е во најмала рака смешен.  

Но, нејсе, за тоа веќе пишував. Она што сепак не смее да се заборави е фактот, кој намерно сака да се заборави, дека целата македонска борба во својата суштина е левичарска! Како што може да се види во двата најважни документи, двата манифеста: Крушевскиот и Асномскиот и обата се подеднакво антиимперијалистички, социјалистички четива - чисто левичарски прогласи. Затоа, не смее да се заборави - борбата македонска е левичарска. Впрочем, секоја борба поинаква на може да биде. Оти во суштина секоја борба е борба на обесправените.  

И заветот на АСНОМ останува да важи можеби и до денес: „Зората на слободата изгрева! Од крвавата борба израсна веќе слободна Македонска држава, во нова, демократска и федеративна Југославија. Но борбата уште не е завршена. Прегнете ги сите сили да се истргне слободата што поскоро, да се сачуваат печалбите на сегашната борба, мобилизирајте ги сите снаги за изградувајнето на нашата држава и направете од неа сретна татковина на среќен народ“. Заветот, драги мои оставен во Манифестот за „сретна“ татковина, веројатно сеуште стои! Борбата не е завршена. Оти борбата никогаш не престанува. Сега, денес, таа е борба за среќна, просперитетна Македонија. Македонија дел од Европската унија, Македонија отворена кон соседите, Европа и светот. Убеден сум дека новите генерации што веќе се тука, таа борба ќе ја продолжат!

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?