ЌЕ СЕ ПРЕДАДАТ ИЛИ ЌЕ БИДАТ УБИЕНИ: Се види битка за бастионот на „Исламска држава“
Објавено во: Свет 20 Август, 2017
Во тек е битка за освојување на бастионот на „Исламска држава“.
Премиерот на Ирак, Хајдер ал-Абади го најави почетокот на битката за освојување на градот Тал Афар, последниот бастион на џихадистите во северната ирачка провинција Ниневија, пренесоа светските агенции.
Абади синоќа преку телевизиско обраќање го најави почетокот на операцијата за ослободување на овој град.
„На луѓето од ДАЕШ (арапски акроним за ИД) им кажувам дека немаат друг избор освен да се предадат или да бидат убиени“ - рече тој.
Тал Афар се наоѓа на 70 километри западно од градот Мосул, вториот по големина град во Ирак, од кој ирачките сили, поддржани од САД, на почетокот на јули ги протераа џихадистите по офанзивата што траеше неколку месеци.
Абади прецизира дека освен различните единици на ирачката армија, полицијата – федерална и локална, и единиците за борба со тероризмот, во офанзивата за ослободување на Тал Афар учествуваат и Силите за народна мобилизација – паравоена организација, во која доминираат шиитски милиции, а се поддржани од Иран.
Тие веќе учествуваа во други битки за враќање на контролата врз ирачките градови.
Освен Тал Афар, ИД го контролира и градот Хавиџа, во провинцијата Киркук, на 300 километри северно од Багдад. ИД ја има и во западната провинција Ал Анбар, посебно во реонот на Ал Каим, што граничи со Сирија.
Ирачките сили минатиот вторник почнаа воздушна офанзива врз Тал Афар, како подготовка за копнената офанзива.
Градот е под контрола на ИД од средината на 2014 година. Се смета дека сега во градот има 2000 исламисти.
Калифатот минатиот месец доживеа крах.