Коѕиас стои зад унитарна Македонија и да нема промена на граници
Објавено во: Балкан 04 Мај, 2017
Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас синоќа упати предупредување против оние кои размислуваат и сонуваат за дестабилизација на Балканот и менување на границите.
Според него, сега сме во ера каде има стабилност, која бара стабилност во меѓународните правила и во спроведувањето на меѓународните односи. Грчкиот министер за надворешни работи бара голема почит кон границите, јави грчката државна новинска агенција АНА-МПА.
„Грција – и ова, исто така, се однесува на нашиот северен сосед – е цврсто во корист на стабилноста во регионот. Ние сме цврсто во корист на унитарноста на Македонија, ние сме единствените кои дури ни денес не се мешаат во нејзините внатрешни работи, и ние ќе го браниме нејзиното постоење“ - изјави Коѕиас.
Тој ова го изјави во говор на презентација на книгата на поранешниот министер на ПАСОК, Никос Сифунакис за историјата на грчката заедница на турските острови Ѓукчеада (на грчки познат како Имврос) и Бозкаада (познат како Тенедос).
Дополнителна нестабилност и граѓански конфликт во Македонија не ѝ оди во прилог на Грција, пишуваа медиумите во Грција деновиве. Грчките власти и досега јасно кажуваа дека сакаат Македонија да биде стабилна затоа што за нив се важни и економските врски.