28 Март, 2024
0.0252

Кога Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат со реалноста за негова оставка?

Објавено во: Анализа 17 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Уште долго време во ВМРО-ДПМНЕ ќе се прашуваат што им се случи на овие локални избори, како можеа да загубат така убедливо и катастрофално во првиот круг, па дури и да изгубат во општини кои важеа за нивни неосвоиви бастиони со децениска локална власт и целосна контрола над политичките случувања. 

Сега теории има безброј, но повеќето членови на ВМРО-ДПМНЕ не може да прифати дека суровата реалност е вината лежи во самиот Никола Груевски кој се претвори во новиот Б.Ц. политичар која ја тоне со себе партијата надолу, претседател на партија во кој повеќе никој нема верба дека може да понуди нешто ново и квалитетно и политичка фигура која е премногу испрљана со скандали. 

Па дури и еден Коце Трајановски кој меѓу народот важеше за вреден градоначалник без оглед на сите скандали со Скопје 2014 имаше можност повторно да победи, но работливиот кандидат ги изгуби изборите убедливо и не толку по своја вина колку што не му одговараше политичкото друштво на Груевски. 

Што точно се случуваше во изминатиот период во ВМРО-ДПМНЕ? Ако забележавте партијата избра нови извршни и централни комитети во кои по неуспехот да се формира влада влегоа доста активисти, новинари и аналитичари кои со месеци глумеа дека се независни, дека се загрижени патриоти и македончишта кои му се спротиставија на предавникот Заев, но всушност се покажаа како евтини партиски мегафони кои немаат ниту политички капацитет ниту искреност, ниту скромност за десничари кои може да поведат реални гласачи со себе. 

Напротив партијата се повеќе го навлекуваше гневот со ултранационалистичкото лудило кое почна да го шири против секого, да прави кавги со секој можен странски дипломат и меѓународен партнер, да ја изгуби целосно својата визија на партија од народот за народот. Груевски тука ја има најголемата вина бидејќи никогаш јасно не им застана на патот на пропагандистите, на шовинистите, на националистите, на лажговците и манипулаторите. Груевски како лидер е виновен за сите погрешни потези со кревање на меѓумакедонски тензии и братоубиствени тенденции. 

Таа катарза која беше најавена на 11 декември мораше да се случи конечно на 15 октомври и за тоа не се виновни ни Бејли, ни „Чадорот“, ни СЈО, ни медиумите. Се може да биде само очаен изговор кој покажува дека лекцијата не им е научена досега, дека можат да сменат 5 слогани во текот на дваесетдневна кампања и дека пак гласачите нема да им поверуваат ниту збор, ниту за милион мигранти, ниту за фантазии за меѓународни заговори, ниту дека тие ќе враќале светлина, ниту дека ќе почнувале нова ера. 

Груевски најави нова ера, но таа ќе биде без него, барем ако има доволно политичка доблест навреме да се повлече од лидерското место на ВМРО-ДПМНЕ и да ја подготви партијата за искрена трансформација, реформа и промена со ново раководство и отворање на членството за нови попрактични политички идеи наместо да остане заглавено во национални и историски фрустрации и постојано барање кривица во надворешните непријатели.

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот