Кога ќе проработи бројчаникот што го вети Заев?
Објавено во: Македонија 22 Октомври, 2017
На Триумфална капија ќе поставиме бројчаник кој ќе покажува колку украдени пари се вратени. Ова ветување во јавноста лани за време на изборната кампања го даваше лидерот на актуелната владеачка партија која тогаш беше опозиција.
Премиериот Зоран Заев во изборната кампања ветуваше дека на триумфалната порта „Македонија“ ќе постават бројчаник .
“СДСМ кога ќе дојде на власт, ќе постави бројчаник на Триумфалната капија кој ќе покажува колку пари се вратени во државата со цел да испрати порака до сите корумпирани политичари и функционери дека криминалот повеќе нема да се толерира“, ветуваше Заев.
Токму за ова прашање премиерот вчера го „чепна“ редакцијата на Канал 77 каде што Заев имаше интервју.
Запрашан кога ќе проработи бројчаникот, Заев рече:
„Ведаш штом правниот систем донесе правосилни први пресуди каде што ќе наплатат или конфискуваат пари кои што се украдени од граѓаните.
Зоран Заев е надвор од правосудството и не сака апсолутно да се меша во истото. Наша обврска е да овозможиме независно правосудство, и штом ќе бидат донесени пресудите и констатирани со докази, на независен начин, верува, дека ќе се спроведат и законите, одземање на незаконски стекнати пари и имот од оние што направиле криминал. Штом ќе се вратат парите во буџетот тркалото ќе заврши“, рече премиерот.