25 Април, 2024
0.0403

Кога кукавичлукот се продава како храброст и бунтовност

Објавено во: Колумни 16 Јануари, 2017

Добивај вести на Viber

Недозволувањето за продолжување на мандатот на СЈО не е страв, туку храброст и пркос, обзнанија од партијата која глуми дека може, но не сака да прави колиција со својот долгогодишен „тендер“  партнер. Која храброст? Кој пркос? Од кога кукавичлукот се третира како храброст и пркос? Дури и „непоправливите“ дпмнеовци  знаат дека зад борбата против СЈО стои желбата на лидерот и врхушката на власт да го избегнат соочувањето со правдата. Проблемот е што сега ги стегнаа во ќоше и „претањето“ се обидуваат да  го продаваат како храброст и бунтовност.

Впрочем, по „бесконечното“ одолговлекување  на разговорите за договор за излез од кризата, и ДПМНЕ е една од четирите партии кои ги потпиша Пржинските договори, а како точка на исполнување беше нотирано и формирањето на СЈО. Меѓутоа, се’ што во меѓувреме правеше партијата беше само  опструирање на неговата работа.  Кога видоа дека СЈО сериозно планира да си ја реализира својата задача, мораа дополнително да го одврзат државното  „ќесе“ и како и досега потрошија огромни пари за корумпирање на гласачите. Но, како што бива,  сметките дома и на пазар секогаш не излегуваат. На изборите на 11 декември лидерот доби два пратеника повеќе, но не и  63  колку што бараше, за да нели, не мора да глуми бунтовник.

Граѓаните не  ја испочитуваа желбата на лидерот.  Поголем број пратеници добија партиите кои сакаат, не само да му се продолжи мандатот на СЈО, туку и да му се обезбедат услови за непречено  работење. А тоа нормално, никако не им одговара на Груевски и ДПМНЕ. Дури го убедија и Претседателот на РМ неуставно да  им го даде мандатот да формираат влада, ама пак сега проблем, не можат да најдат „компањон“. На крајот го уфрлија во игра и нивното последно оружје, уцената на политичари. Јавно ставија до знаење дека ДУИ не смее да формира влада со СДСМ, а зошто,  како и кој може да го спречи тоа? Тоа го знаеле Али и ДУИ. Повиканите премолчеа,  а „бунтовникот“ не објасни што е тоа поради што тие занемеа.

Факт е дека кукавичлукот е заеднички именител на Груевски и ДПМНЕ откако се слушнаа содржините на „бомбите“ од Заев. Наместо чесно и достоинствено да повлечат политичка одговорност, доколку знаеја  и сметаа дека се невини,  и да овозможат ефикасно утврдување на вистината, тие пристапија кон организирано, смислено  бегство од одговорноста. Од јавноста бегаа како ѓавол од темјан, а без скрупули,  во „ одбраната“ ги вовлекуваа раководните луѓе во државните органи и институции, особено во правосудниот систем. Не е тајна дека си имаат „свои“ обвинители и судии. Впрочем, имаат и  свој претседател на Република.  Неговата одлука за аболицирање на 56 лица од врвовите на власта и за повлекување на одлуката е без преседан. Имиџот на правото и правниците го срози како ниеден досега. 

Бранејќи ја сопствената кожа дружината на „бунтовникот“систематски го уриваа нивното достоинство  до ниво да тврдат дека „црното е бело, а белото црно“.  Симптоматично е  и како „професоналнците“ во судството не гледаат дека и таквите постапки се криминогени и еден ден и тие ќе мораат да се соочат со правдата. Евентуалната одбрана со незнаење или притисок секако дека нема да може да ги оправда. Жално е што и универзитетски професори  паднаа не само на испитот  по морал, туку и на стручноста, бранејќи  право  „победникот на изборите“  (партија со најголем број гласови) да формира влада, иако во уставот јасно стои дека мандат за состав на нова влада добива „кандидат на  партијата односно партиите што имаат  мнозинство во Собранието“. А тоа мнозинство треба да го докажат со пратенички потписи. Не е за верување дека не знаат што е партиско, а што парламентарно мнозинство. По нестручна интерпретација на просто логично расудување, здравје!

Врв на кукавичлукот  е тврдењето дека  „со пролонгирање на роковите за СЈО со сигурност ќе се пролонгира кризата“. Невидено и нечуено. Излегува дека криминалот не е проблем, туку борбата против криминалот. До вакви небулози  доаѓаат само луѓе притиснати до ѕид од правдата. За среќа тие се помалку. Да се надеваме дека мнозинството набрзо  ќе формира влада и ќе создаде услови криминалот да не се исплати и никому да не му текне јавно да го промовира. Неговата неказнивост не’ доведе на ова дереџе на кое сме. Само нултата толеранција кон криминалнот може да го отвори патот кон демократски и одржлив развој.

д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок