25 Април, 2024
0.0273

Кога моралот отиде во бестрага

Објавено во: Колумни 30 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Кога политиката ја отвора вратата, моралот ја затвора, ќе напише познатиот научник Живковиќ. Многумина се сложуваат со оваа констатација, посебно на овие наши балкански простори, бидејќи од искуството во текот на изминативе години ни се потврдува тезата дека моралот и политиката не одат рака под рака, односно, за нив важи флоскулата моралот и политиката се реалност и контрадикторност. Политички бон - тон е мисловна именка за многумина политичари, посебно кога станува збор за практицирање на политиката во нашата ни мила држава. Можеби прегрубо ќе звучи, но со право моралниот и вредносен дискурс е далечен за политичарите како Хималаите за обичниот планинар. Едно од клучните прашања, кое се врзува за јавниот морал е како политичарите, кои де факто се креатори на јавното мнение кај нас, без трунка срам и слободно и недвојбено говорат за морални норми и вредности, без притоа да се стават себе си во центарот на внимание и да размислат каков пример се тие како морални субјекти? Первертирани вредности Анализирајќи го јавниот морал кај нас со право може да се каже дека во многу случаи моралното (правилното, нормалното) стана патолошко, а патолошкото стана морално и нормално. И во еден таков морален вакум, во време на еродирани вредности и криза на моралниот дискурс, размислата оди во насока дали можеме да се вратиме на вистинскиот и правилен морален пат, посебно во случај ако моралниот патоказ ни е искривен? Первертирани вредности, морална хипокризија, морална двојба, морална изопаченост, морална дегенеративност се термини кои се почесто се креираат и истакнуваат кога се говори за јавниот морал. Едноставно со постапките кои ги превземаат носителите на јавната власт ни покажуваат и докажуват дека моралот за нив не само што не е нешто свето, напротив, за нив моралот е растеглива категорија, која си ја прилагодуваат на сопствените потреби и прилики. Морално се отиде во бестрага Вредностите и моралните норми кои се суштински за правилно и посакувано однесување и содејство во склад со општествените потреби се маргинализираат, а за сметка на нив на површина испливуваат вредности и норми кои ни се туѓи, несвојствени и не го прикажуваат вистинскиот морален пат. Чесност, доблесност, прецизност, почит, одговорност, навременост, совесност се само врендости кои се срж на моралот, а кои за жал не се дел од моралниот хабитус на денешниве политичари -носители на јавната власт. За нив важи некој поинаков морал, ним само познат, за нив важат вредности кои сами си ги креираат и практицираат, за нив се создава еден нов, извитоперен јавен морал кој во никој случај не може да ни го трасира вистинскиот морален пат. И си го поставуваме прашањето - какви модели за идентификација и имитација на младите се политичарите, со первертирани вредности и двојбен морал и какви личности ќе станат оние што на нив се огледуваат..Морално се отиде во бестрага.. Проф. д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД