20 Април, 2024
0.0263

Кои се домашните акционери кои земаа над 100.000 евра од дивиденди?

Објавено во: Анализа 21 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Осуммина познати директори и бизнисмени земаа дивиденди од нивните акции во распон од 100.000 до 419.000 евра покажува анализата на „Фактор“ направена според официјални податоци објавени на интернет страницата на Македонската берза и податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност.

Живко Мукаетов, најголем поединечен акционер на „Алкалоид“, воедно и претседател на Управниот одбор и генерален директор на најголемата македонска фармацевтска компанија добил околу 25,86 милиони денари односно над 419.000 евра дивиденда од неговите акции од ланската добивка на „Алкалоид“. За 2016 година „Алкалоид“ делеше 225 денари нето дивиденда на секоја акција со право на глас. Мукаетов е најголем поединечен акционер и поседува над 114.900 акции со право на глас односно 8,09 отсто од гласачките права во „Алкалоид“.

Доне Таневски, долгогодишен претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Македонијатурист“ и најголем поединечен акционер за лани доби над 235.000 евра дивиденда односно 14,52 милиони денари. Таневски е најголем поединечен акционер во „Македонијатурист“ и поседува 19,18 отсто односно над 86.700 акции со право на глас. Мукаетов го замени Таневски кој долги години наназад важеше за домашен акционер што има најголем приход од дивиденда на своите акции во „Македонијатурист“.

Кирил Самарџиоски, претседател на Управниот одбор на најголемата домашнопоседувана пиварница „Прилепска пиварница“ е трет на листата најдобитни акционери. Долгогодишниот прв човек на „Прилепска“ од ланската добивка на пиварницата доби дивиденда во износ од над 156.000 евра. Самарџиоски поседува 62,6 отсто од акциите во таа компанија односно околу 25.000 акции од кои секоја носеше нето дивиденда во износ од 385,6 денари.

Славица Туџарова Трајковска е најдобитна жена акционер. Таа поседува 11,57 отсто од управувачките права во „Реплек“ и е најголем поединечен акционер во таа компанија. За лани таа компанија подели по 50 евра нето дивиденда по акција. Туџарова – Трајковска доби 150.000 евра дивиденда од своите акции.

Иван Туџаров, втор по големина акционер во „Реплек“ за лани доби дивиденда во износ од околу 147.500 евра. Туџаров поседува 11,42 отсто од акциите во „Реплек“ и е член на Управниот одбор на „Реплек“.

Соња Бибановска, втор по големина акционер во „Македонијатурист“ и долгогодишен член на Управниот одбор е во групата на најдобитни акционери. Од своите 11,27 отсто од акциите со право на глас од ланската добивка Бибановска доби над 138.000 евра.

Стојанче Стојанов, е најголемиот акционер и прв човек на светиниколската компанија за градежни материјали и производи од битумен БИМ. Тој поседува 53,36 отсто од акциите во компанијата и лани за своите 5.420 акции доби дивиденда од 131.700 евра за своите акции.

На листата на најдобитни акционери се уште и Зоран и Ивана Милковски од „Гранит“. Ивана Милковска Симева е претседател на Надзорниот одбор, сопственик на 8,4 отсто од акциите од кои доби дивиденда во износ од над 105.000 евра. Зоран Милковски е генерален директор и член на управниот одбор и има 8,23 отсто од акциите во „Гранит“. па од своите акции доби дивиденда во износ што надминува 103.000 евра.

Меѓу најдобитните акционери физички лица се уште и Глигорие Гоговски, најголем акционер и долгогодишен прв човек на „Тетекс“ кој доби над 94.000 евра дивиденда од своите акции во таа компанија. Тука се уште и најголемите акционери во „Агромеханика“: Мито Јовановски, Славчо Лазов ,Љубомир Стојановски и Славка Павлова кои поделија од 60.000 до 85.000 евра во зависност од количеството акции што го имаат во посед. За листата да биде комплетна на неа се и Андреја Јосифовски како акционер во ОИЛКО од каде доби над 49.000 евра дивиденда и Меџит Цапа, сопственик на 83,65 отсто од „Дебарски бањи“ кој доби над 38.000 евра од своите акции во таа компанија.

Р.Ф.