29 Март, 2024
0.0303

Кои се невидливите пречки пред германската економија?

Објавено во: Анализа 21 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Уште еднаш Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја критикуваше федералната влада на Германија за „погрешна“ финансиска политика. ММФ предупредува дека германските власти треба да го користат фискалниот простор за да ги поттикнат јавните и приватните инвестиции и на тој начин да се зајакне растот во Германија и Европа.

Оваа критика во Германија не се прифаќа сп добро, а од многумина воопшто не се прифаќа. На пример Отмар Исинг - поранешен главен економист на Европската централна банка (ЕЦБ) и еден од водечките економисти на Германија, критикува остро на темата во својот напис во „Frankfurter Allgemeinen Zeitung“, пишува во својот блог Марсел Фратцшер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања (DIW) и професор на Универзитетот „Хумболт“ во Берлин.

Исинг правилно потсетува за слабоста на инвестициите во Германија и ја повикува владата за нивно значително зголемување. Сепак овие инвестиции според Исинг не треба да се финансираат преку нов долг, туку преку прераспределба во јавните буџети - на повисоките трошоци треба да се спротивстави падот во потрошувачката на јавниот сектор.

Во позадина на солидниот економски развој на германскиот министер за финансии сигурно не му недостасуваат даночни приходи. Голем дел од фискалниот простор сепак е користен за економски помалку разумни предизборни подароци како што се пензиските реформи, смета Фратцшер. Нивната цена е 10 милијарди евра годишно.

Покрај тоа Отмар Исинг е во право кога вели дека зголемувањето на јавната потрошувачка во Германија едвај ќе биде доволна за да предизвика импулс за раст за Италија и други земји во кризата.

Сепак според Фратцшер има разумни причини за осмислување на фискалната политика во Германија. Аргументот дека германската економија сама произведува потенцијал за раст и затоа нема потреба од повисоки државни трошоци, не е сосема точно. Бидејќи главниот проблем на германската економија е дека потенцијалниот раст во последните 20 години беше, и е премногу низок.

Германија се чувствува денес како европската суперѕвезда: има чудо на пазарот на труд, економијата е во пораст, потрошувачката е во пораст. За жал, сепак Германците го знаат фактот дека економските показатели на земјата се далеку од импресивно ниво. Два факта го покажуваат тоа многу јасно. Германската економија се зголеми од почетокот на 2008 година, само за 8 отсто, што е грубо само околу 1,0% годишно. Тоа е слаб раст и е под оној потенцијален раст од 1,25 до 1,5 проценти.

Покрај тоа на Германија ќе ѝ дојде добро малку повеќе скромност - бидејќи сегашните добри години одразуваат всушност еден процес на стигнување, смета економистот.

Уште подепресивен е прегледот на економските перформанси за последните две децении. Од почетокот на монетарната унија во 1999 година германската економија има генерирано вкупно 3% помал раст отколку француската и за 10 проценти помал од шпанската.

„Ние забораваме денеска дека пред десет години Германија беше „болниот човек“ на Европа, кој беше гледан од соседите толку жалосно како што денес многумина во Германија гледаат кон германските соседи. Затоа за Германија би било подобро да е малку поскромна. Тековните добри податоци за растот одразуваат само стигнување на загубените години во почетокот на векот“, пишува уште Фратцшер.

Овие бројки покажуваат дека најголемата економска слабост на Германија се премногу малите инвестиции, кои на крајот беа одговорни за релативно ниската продуктивност и економскиот раст во последните 20 години. И токму затоа политичарите треба да сторат повеќе за да се зајакнат јавните и приватните инвестиции, нагласува економистот. Според него инвестициите создаваат не само краткорочни импулси за побарувачката - уште поважни се нивните ефекти врз понудата, каде што тие ја зголемуваат продуктивноста и потенцијалот за раст.

Германија има потреба од промена во даночната политика, пишува Фратцшер. „Кочницата“ за донесување на висок долг е правилно и неопходно решение и таа придонела за намалување на државниот долг, но за жал тоа е на сметка на јавните инвестиции. Федералната влада треба да ги преиспита своите предизборни подароци и наместо тоа треба да ги зајакне значително јавните инвестиции, појаснува тој. „Со тревога ги набљудувам во овој контекст дебатите и ветувањата за намалување на даноците, кои во моментов ги водат политичките партии“.

Повеќе инвестиции, почнувајќи со јавните инвестиции, ќе ја зголемат продуктивноста и потенцијалот за раст на германската економија, ќе ги задржат добрите работни места во земјата и во крајна линија ќе помогне за зачувување на долг рок на атрактивноста на Германија како добро место за водење бизнис, нагласува економистот.


Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот