18 Април, 2024
0.0240

Кој е Амансио Ортега – милијардерот од Ла Коруња?

Објавено во: Стил 06 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Амансио Ортега е познат галициски моден дизајнер и претприемач. Како основач на “Зара“, коосновач и претседател на “Индитекс“ групата од страна на Форбс е прогласен за еден од најбогатите луѓе на светот. “Зара“ е дел од холдингот на компанијата “Индетекс“ која во моментов е најголемата текстилна компанија на светот. Со богатство од 32 милијарда долари Амансио е најбогатиот човек во Шпанија и осмиот по богатство во светот. Вака накратко изгледа приказната за Амансио Ортега, син на слугинка, кој никогаш не стекнал формално образование, но успеал да стане многу успешен. Тој е роден на 28 март 1936 година во шпанскиот град Леон. Татко му работел на железница, а мајка му помагала во издржувањето на семејството, работејќи како слугинка. Со свои 13 години Ортега започнува да работи за еден производител на кошули како доставувач во Ла Коруња, во Галиција, центарот на шпанската текстилна индустрија. Работел за многу кројачи и учел како се произведува, но учел и како трошоците се менуваат на својот пат – од производител до потрошувач. Тој во текстилната индустрија работел до раните шеесети години, по што станува менаџер на локална продавница за облека каде дознава дека голем број на богати луѓе можат да си дозволат да купат убава модерна облека. По овие сознанија тој решава да почне да прави квалитетна облека која ќе биде достапна за сите. Како резултат на тоа, Ортега започнува сопствено производство за чија намена набавува ефтини материјали од Барселона. Така почнува со продажба на ефтина, но квалитетна облека во локалните продавници. Во 1963 година на свои 27 години, Ортега основа сопствена компанија под името Confecciones Goa која произведува и продава луксузни бањарки. Тој продолжува да ја надоградува својата компанија и во 1975 година ја отвара својата прва малопродажна продавница, под името “Зара“. Таа се наоѓала спроти една од најпознатите стоковни куќи и набрзо “Зара“ станува позната по продажба на високодизајнирана облека по пристапни цени. Како резултат на тоа, Ортега продолжува да отвара нови продавници, а за секоја се трудел да одбере совршена локација. До 1989 година тој успешно води околу стотина продавници на “Зара“ ширум Шпанија. Со се поголемиот успех на “Зара“, Ортега во 1985 година ја основа “Индитекс холдинг“ компанија за брендот “Зара“, како и други помали ланци. “Индитекс“ станува една од најголемите текстилни компании во светот. Неговата цел била моделите од модните писти до обичниот купувач да пристигнат за само неколку недели. Тој сакал облеката да се произведува во мали количини, а продавниците да се снабдуваат почесто, со цел да се намалат за залихи и испорака. Бидејќи ги задржал своите фабрики во Шпанија и произведувал помали количини на облека, имал можност да задржи голем број на работни места. Во 2011 година “Индитекс Групацијата“ излегува на берза, а со 59 отсто од својот удел, Ортега станува еден од најбогатите луѓе во светот. Тој и понатаму јавно не се експонира, никогаш не дава интервјуа и многу ретко се појавува на јавни собири. Живее повлечен живот во Ла Коруња со својата втора сопруга и понатаму ужива во дизајнирањето и работењето на модните детали.   Извор Економски Лидер

Можеби ќе ве интересира

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган

МЛАДИТЕ БРИТАНЦИ НЕ ГО САКААТ КРАЛСКОТО СЕМЕЈСТВО: Само еден член стои полошо од Хари и Меган

ГАБОР МАТЕ ОТКРИ ШТО ПРОПУШТАТЕ ВО ЖИВОТОТ: Tоа никој нема да ви го врати утре

ГАБОР МАТЕ ОТКРИ ШТО ПРОПУШТАТЕ ВО ЖИВОТОТ: Tоа никој нема да ви го врати утре