28 Март, 2024
0.0229

„Газда Нини“, човекот што сакаше да биде бизнис император на Србија и Македонија!

Објавено во: Анализа 08 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Македонската јавност веќе со години немаше слушнато за Јовица Стефановиќ, познат како „газда Нини“, се до вчера кога одекна веста дека српската полиција го уапсила поради малверзации со фармацевтската компанија „Југоремедија“ вредни 7,5 милиони евра. Кој е „газда Нини“ и од каде се појави?  Почетоците на Стефановиќ се поврзуваат со неговото родно место, Ниш, во Србија, каде во во 80-тите години отворил мала фирма за трговија. Но, благодарение на врските со тогашниот директор на Тутунската индустрија Ниш (ДИН), Смиљко Костиќ, набрзо станал еден од ексклузивните дистрибутери на цигарите од нишката фабрика. Во време на санакциите, освен со цигари, се занимавал и со продажба на лекови на црно, нафта, злато, брашно, прехранбени производи. Во 1998 година, по избувнувањето на аферата во фабриката ДИН и апсењето на Костиќ, Јовица Стефановиќ ја напушта Србија и доаѓа во Македонија.Во Србија не може да се врати се до 2003 година, поради тоа што е осомничен за кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластување во бизнисите со ДИН и српската Комерцијална банка. Доаѓањето во Македонија Македонија му била идеално одредиште на Нини, бидејќи тука веќе имал разработени бизниси со трговијата со лекови и цигари. Познавачите на приликите тврдат дека Стефановиќ ја одбрал земјава како своја втора татковина бидејќи тука ги добил најдобрите лекции за македонските бизнис-шеми од поранешниот прв човек на „Македонија табак“, Данчо Шутурков. Особено му одговарало тоа што Македонија и тогашна Србија и Црна Гора немале потпишано договор за екстрадиција, па одлуките на срската полиција тука немале никакво извршно  дејство. Веднаш по доаѓањето во земјава во 1998 година, Нини почнува да го шири своето бизнис царство. Прво со преземањето на „Јака 80“ од Радовиш, па потоа „Радо банка“, „Ветфарм трејд“, „Македонска банка“... Акции купува и вофабриката за леб и бели печива „Жито Скопје“, „Мак лек“, земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, „Тетекс“, Охридска банка, фабриката за масло за јадење „Благој Ѓорев“, Силекс банка, битолската картонажа „Фустеларко борец“, Комерцијална банка и во кондиторската фабрика „Европа“. Преку нивна сопственост на акции во други компании, Нини поседувал капитал во уште најмалку толку фирми. Во најголемиот број од овие компании Нини влегол со откуп на акциите преку „Јака 80“. Оваа фармацевтска компанија до ден денешен е во негова сопственост, но што се случува со уделите во другите фирми тешко е да се следи. Банките му се слабост Ако по нешто Нини остана запаметен во земјава е неговата пасија да биде сопственик на банка. Прво проба со „Радо банк“, а потоа и со „Македонска банка“, но и двете завршија со ликвидација. Особено интересен и од денешен аспект, со оглед дека постапката се уште не е завршена, е случајот „Македонска банка“. Во 2008 година, тогашниот гувернер Петар Гошев даде налог за ликвидација на банката, во која Нини преку својата „Јака 80“ од Радовиш поседуваше 78 проценти, но поради тоа што беше прогласен за неподобен акционер, мораше да го оттуѓи својот удел. Но, тој го направи тоа само фиктивно. Уделот наводно го продал на 16 фирми, но сите биле регистрирани на иста адреса со претставништвото на „Јака 80“ во Скопје, што беше доволно за Народната банка да го оцени за измама на прописите. Интересно е што според некои проценки, по завршувањето на постапката за ликвидација, банката ќе остане со позитива на капитал од околу 15 милиони евра, кои во тој случај би му припаднале на Нини! „Европа“ Од податоците достапни на Централниот депозитар за хартии од вредност, Нини денес освен 60 проценти во „Јака 80“, поседува и 16 проценти од кондиторската фабрика „Европа“, преку фирмата „Ветфарм трејд“. Тоа е далеку од контролниот пакет, но пред неколку години, кога акции во фабриката имаше и „Јака 80“, Нини беше блиску до превземање на „Европа“. Сепак, тој не успеа во намерата, бидејќи директорката  Савка Димитрова, тогаш ги употреби сите дозволени и расположливи средства да го спречи. Колку фирми и колку удели во компании поседува денес Нини, никој не знае. Но, според некои информации, Македонија веќе не му била во фокусот на интересот, па тој полека ги отуѓува своите удели во македонските компании. Главните бизниси на Стефановиќ денес се во Србија, каде поседува десеетина компании од повеќе сектори. Многу од нив кои ги стекна преку приватизации, се ставени под знак прашалник, а меѓу нив е и „Југоремедија“ за која вчера беше уапсен. Во Македонија, иако отсекогаш важел за конторверзен, Нини никогаш и за ништо не бил гонет.    

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот