29 Март, 2024
0.0310

Кој го „убива“ Зоран Заев?

Објавено во: Колумни 10 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Како и што можеше да се очекува не помина ни една недела, а од официјална Москва стигна одговор на она што нашиот премиер Зоран Заев го искажа во интервјуто за радиото „Антена М“ во Подгорица.

„Ги читавме изјавите на премиерот на Република Македонија Зоран Заев во однос на некои планови за негова ликвидација „според црногорско сценарио“. Дадени во интервју на црногорското радио „Антена М“ на 5 ноември годинава. Сметаме дека таквите искажувања не само што се инсинуации без основа и манијакални конструкции, туку во принцип личат на обид за жртвувачки самопиар. Но, главно е дека таквите изјави нанесуваат штета врз руско-македонските односи и јавно се во спротивност со декларираната готовност на Скопје за изградба на конструктивна заемна соработка со нашата земја“, рече меѓу другото официјалниот портпарол на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.  Не останаа покусур и од амбасадата на Руската Федрација во Скопје. „Со зачуденост и загриженост истакнуваме дека во тоа интервју, во контекстот на минатогодишните настани во Црна Гора, шефот на македонската влада, повикувајќи се на некои „репорти“ и „аналитичари“, намерно или не, ја претстави ситуацијата на тој начин дека Руската Федерација наводно била вмешана во обиди за „ликвидација“ и подготвувала такви акции против самиот господин Зоран Заев“, соопштија од амбасадата.

А што кажа Заев во Подгорица. Во контекст на разговорот околу амбициите на Македонија за влез во НАТО и она што се случуваше во Црна Гора во периодот кога таа требаше да влезе во НАТО, Заев истакна дека е подготвен на жестока реакција на Русија во тој поглед. „Реагираше во Црна Гора (Русија. з.а.), ние сме подготвени, бидејќи мојата земја нема алтернатива. Јас повторувам, ние сакаме да ја унапредуваме соработката со Русија, сакаме таму, на пример, што подобро да продаваме домати, да продадеме што повеќе зелка и сите производи. Сепак ние немаме алтернатива, наш избор е Европската Унија и НАТО“, рече Заев. На новинарската констатација дека влегувањето на Црна Гора во Алијансата предизвикало големи тензии и за малку не дошло до насилство и Русија се позиционирала како отворен непријател, Заев во интервјуто не исклучи дека такво нешто може да се случи и кај нас. „Знам дека имаше и обиди за ликвидација, добро е што на време се реагираше, се е спречено, фала Богу. И сега некои аналитичари велат – сега ти си на ред. Ако треба нешто да се случи, нека се случи. Јас се нафатив да бидам премиер, на мојата земја и треба лидер, подготвен сум да носам одлуки какви што очекуваат нашите граѓани, по секоја цена, па што сака нека биде“, истакна Заев.

Дали некој го подучува премиерот како се одговара на некои прашања? Во истото интервју Заев и покрај инсистирањето на новинарот со прашања за српско-македонските односи, истакна дека не би сакал да дава коментар за некои од нив. Зарем не можеше да не го коментира или поинаку да зборува во делот кога новинарот му сугерира за насилство во Црна Гора, за непријателски став на Русија и сл. А не да споменува ликвидации и да се става на некакви списоци за нив. Колку и да е вистина тоа. Ми се допадна еден коментар на ФБ од личност која знае што е дипломатија и политика. Пораката беше: „Нека му каже некој на Зоран Заев помалку да збори. И кога ќе збори да обмисли што и, поважно, како кажува!“ И навистина што прават тие во Кабинетот на премиерот задолжени за меѓународна политика или други кои се задолжени за неговиот имиџ и подготовка пред јавни настапи. Или пак тој самиот потклекнал под атмосферата од посетата на Црна Гора и може да зборува отворено за се’ она што го мисли и го знае.

Наместо да се разберат меѓу себе кој, каде и како потфрлил од владата и некои министертва почнаа да го релативизираат кажаното од премиерот. Демек веќе две години бил под постојна закана. Тоа не е ништо ново. Го видовме тоа и на 27 април. Од министерството за внатрешни работи, како што пренесоа некои медиуми, изјавиле дека Заев добивал индиректни закани додека како лидер на СДСМ пред две години ги објавувал материјалите од незаконското прислушување, односно проектот „Вистината за Македонија“. Овие закани биле пријавени во МВР, по што на Заев му било доделено полициско обезбедување. – Од 2015 година, Заев е под постојани закани за атентат. Службите преземаат сериозни мерки за обезбедување на премиерот, но и за сите други функционери – рекол министерот Оливер Спасовски. Во тој контекст, според Спасовски, Заев ја дал изјавата во интервјуто за црногорското радио „Антена М“, во кое вели дека бил предупреден од безбедносни аналитичари дека животот може да му биде загрозен. Спасовски како да не го видел интервјуто и контекстот во кој се споемнува ликвидацијата.

Полошо реагираа од владата. Па оттаму велат дека: „Изјавата на претседателот на Владата на Република Македонија за црногорскиот медиум се темели на искуствата од регионот и реакциите на Руската Федерација при зачленувањето на други земји од регионот во НАТО алијансата.Во интервјуто за црногорскиот медиум, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во ниту еден момент не ги доведува укажувањата за ликвидација кон него во било каква релација со Руската Федерација, се нагласува во соопштението кое уследи по реакцијата од Руската амбасада“. Од една страна велат дека изјавата на Заев се темели врз основа на руските реакции, а од друга дека укажувањата за ликвидација не биле во релација со Русија. Уште повеќе го закопуваат премиерот. Руските реакции се однесуваат на споменувањето на ликвидацијата воопшто, а не само на Заев.

 Не е битно кои се аналитичарите и советниците на премиерот, но тие сигурно досега требале да го информираат дека Русија не може ништо да направи против нашето зачленување во НАТО. Три четвртини од граѓаните на Македонија даваат поддршка за таков чекор. Не е ова Црна Гора каде што поради големата поделеност во општеството Владата се уплаши, па наместо на референдум влегувњето во НАТО го потврди во Парламентот каде што власта има многу тесно мнозинство. Згора на тоа Зоран Заев не е Мило Ѓукановиќ, кој што долги години шуруваше со Русите, па ги изневери. Русите ќе мрморат, ќе има некое соопштение, можеби „Роскомнадзор“ ќе „најде“ црви во доматите и зелките, па ќе ни даде привремена забрана за извоз. И толку.

Ова за аналитичариве ме враќаат повеќе од 20 години наназад. Во времето на атентатот на претседателот Киро Глигоров. На 7 октомври 1995 година во „Нова Македонија“ излезе ексклузивното интервју што го имав со генералот Александар Лебед а на 3 октомври беше атентатот. На ден два по објавување на текстот ми се јавија од Редакција во Москва и ме прашуваат за интервјуто и слично и патем дознавам дека на интервјуто реагирале некои одозгора. Дури повеќе, посочиле дека Лебед е можен организатор или еден од организаторите на атентатот! На 10 октомври на цела страна во весникот излезе „аналитичен“ текст во кој Лебед го направија ремпере. Констатација за Лебед сигурно произлегла од тогашните „аналитичари“, кои како да сакале намерно да ги замрсат трагите на атентаторите. До ден денес атентатот не е расветлен, а сите индиции говорат дека во него е можно да учествувале луѓе од внатре.

Па така, сегашниве аналитичари и тие од кабинетот наместо да го „убиваат“ премиерот, сметајќи дека му помагаат, мора да го запознаат дека во руската надворешна политика во тек е промена на кадрите кои досега ја креираа неа на Балканот. Алексеј Мешков, до пред две недели заменик министер за надворешни работи, задолжен за Европа, еден од промоторите на политиката за неутрална воена зона на Балканот, таканаречена Б4, каде што не ставаа и нас, замина за амбасадор во Франција. Таму наместо креатор на политика, како што беше, ќе спроведува инструкции од Министерството за надворешни работи на Русија. Не е чудо да има и смена на дипломатскиот персонал, амбасадори, во некои држави од Балканот. Во моментов за Европа е задолжен Владимир Титов, прв заменик на министерот за надворешни работи. Промената на кадрите ќе носи и промена на политиката. Секако не драстична, но ќе биде поинаква со оглед на развојот на настаните на Балканот.

 Русите го слушаат ехото што се шири. Дека Македонија догодина може да стане член на НАТО. Дека Србија е под голем притисок од Западот. Наредниве денови во Москва кај Путин треба да патува српскиот претседател Александар Вучиќ. Не е случајна таа средба. По неодамнешната посета на американскиот помошник на помошникот на државниот секретар, Хојт Ји, на Србија и целата драма што произлезе од таа посета, Вучиќ оди во Москва каде ќе мора да каже јасно, кои и какви се намерите на Србија. Дали и натаму ќе седи на две столчиња или ќе се определи за руско или европско-американско. Не треба да се сметне од ум дека секоја држава во последниве две децении што стана членка на ЕУ, прво се зачленуваше во НАТО. 

Во Русија некои експерти надвор од бирократските коридори дискутираат за надворешно-политичките приоритети на таа земја. Па се констатира дека времето на супердржави е поминато. И главна задача е вистинскиот распоред на приоритетите-национални и регонални. Еден од напознатите политиколози во Русија, Фјодор Лукјанов во тој контекст вели: „Да речеме, желбата да се игра каква-било „голема игра“ на југоистокот на Европа, на Балканот, може да се засили во услови на криза на ЕУ и паѓање на интересот на Вашингтон кон тој дел на светот. Но освен одвлекување на сили и ресурси од многу поважни цели и одново стекнување на главоболка  на пространството од Украина до Босна, други резултати не може да се очекуваат. И тоа е само еден пример за тоа каде можат да се отворат опасни ниши.

Полека станува јасно дека Русија го губи Балканот. Се е прашање на време. И токму на тој план треба да се докажува Заев, дека нашите приоритети се НАТО и ЕУ. Тој и за тоа, меѓу другото, доби мандат од граѓаните. Но не треба да заборава дека во Европа покрај ЕУ и НАТО е и Русија, и дека не треба да се уриваат мостовите со некакви изјави за „ликвидација“. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ поради една своја изјава стана „персона нон грата“ во Русија. Заев сигурно не сака Москва да му ги затвори вратите. А за тоа треба да се направи многу малку. Тие што го „убиваат“ да ги преслуша, па ако треба нека направи и селекција. Да најде луѓе кои вистински ќе му помагаат, ако треба и да му се спротивстават со аргументи, се со цел да го заштитат од излети како оној во Подгорица.

Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?