23 Јануари, 2018
0.4135

Кој ја прекрши „Бесата“?

Објавено во: Анализа 08 Јануари, 2018

Голема конфузија настана во засега најголемата парламентарна опозициска партија од албанскиот блок Движење Беса, откако скопскиот огранок донесе одлука да го разреши од претседателската функција  Билал Касами и да назначи нов лидер поради тоа што претседателството не преземало одговорност за неодамнешниот пораз на локалните избори и не ги почитувало одлуките на членството.

Тешко е да се лоцира која ја прекрши „Бесата“, дали вината е во Билал Касами кој како лидер станал заслепен од личната амбиција да не се откажува од моќта која ја носи претседателската функција на така важна и голема партија, или пак амбицијата на пратеникот Карајмани да создаде ефикасен „пуч“ и да спречи одржување на прв Конгрес на партијата кој би бил под строга контрола и без израз на волјата на членството.

БЕСА на некој начин ја следи тракторијата на повеќе албански „хит“ партии од последните 15 години кои правеле успеси или на локалните избори или на парламентарните но, подоцна најчесто од внатрешни несогласувања и нетрпение губеле чекор и или пропаѓале или се претопувале во други партии. Ако некогаш од ДУИ излегуваа голем број на незадоволни кадри од внатрешните политики и лидерството на Ахмети, тој вид на „канибализација“ на албанското политичко движење продолжи и во ДПА од каде произлегоа исто така повеќе партии.

БЕСА од друга страна имаше своја автентичност и не зависеше премногу од пребегнати кадри кои се незадоволни од ДУИ и ДПА, нудеше нов вид на политика кој можеби беше премногу остар за македонската јавност со термините редифинирање на државата, но покажа и голема конструктивност при изборот на новата влада и поддршката за одредени итни реформи. 

Токму иновативноста во првичното водење политики, автономноста која се демонстрираше со инсистирањето да не се легитимизира Ахмети како главен албански политички фактор што доведе и до потпишување на заедничката албанска декларација во Тирана, како и необичните чекори за спротиставување на авторитети на некој начин му пресудија на Касами. Таа нетрпеливост, но и страв дека ќе се изгуби внатрепартиската слобода доведе повеќе ограноци меѓу кои скопскиот и кумановскиот да го блокираат актуелното претседателство. 

Потоа следеше тежок пораз на локалните избори каде БЕСА не освои ниту едно градоначалничко место иако се надеваше дека ќе направи пресврт во Чаир и Тетово кои се бастиони на ДУИ, а следеше и чудно затоплување на односите со ВМРО-ДПМНЕ преку неофицијална коалиција која на терен не донесе никакви позитивни резултати, напротив сите „оперативци“ беа тешко поразени и препознаени од политичкиот противник каде пак, коалицијата СДСМ и ДУИ беше официјализирана и оперираше како подмачкана.

Што ќе се случи со БЕСА, дали таа ќе остане единствена партија или пак ќе се расцепка на повеќе делови останува да се види во овој судир меѓу ограноците и различните партиски струи, но веќе пристигнаа повеќе повици за наоѓање на компромисно и мудро решение од албанската политичка јавност која и натаму има доверба во ова движење и принципите кои почетно ги наметна.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Со жалење пренесени националистичките протести во Грција и прогласот на предавници

Со жалење пренесени националистичките протести во Грција и прогласот на предавници

Како Владата ќе ја оцени „петката“ на Нимиц?

Како Владата ќе ја оцени „петката“ на Нимиц?

Владата ќе ја оценува „Рамката“ на Нимиц

Владата ќе ја оценува „Рамката“ на Нимиц

Што чека ВМРО-ДПМНЕ за да се вклучи во консензус за името?

Што чека ВМРО-ДПМНЕ за да се вклучи во консензус за името?

Нимиц со терминот „Македонија“ за решението ги побесна грчките десничари

Нимиц со терминот „Македонија“ за решението ги побесна грчките десничари