19 Април, 2024
0.0262

Кој ќе го води сега случајот „Монструм“ и дали бомбите ќе „пукнат“?

Објавено во: Анализа 03 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Голема нејаснотија во правните процедури има откако Врховниот суд реши да ја поништи правосилната пресуда на Апелациониот суд за случајот „Монструм“ со што се овозможи повторено судење за претходно осудените, а сега осомничени лица за најтешкото кривично дело тероризам со ликвидацијата на четирите момчиња од Радишани и рибарот од Црешево. 

Предметот пред Кривичниот суд каде е вратена постапката треба да го води повторно Јавното обвинителство на Република Македонија со надлежното одделение. Засега се уште нема информации кој обвинител ќе го преземе товарот да го води одново случајот пред судските власти, дали ќе ја продолжи предистражната постапка, дали во неа ќе бара нови докази, нови распити на сведоци, барање на нови осомничени и така натаму.

Исто така постои и дилемата дали СЈО може да го презеде истражното дејство за случајот „Монструм“ со оглед на тоа што сега веќе премиерот Зоран Заев додека ги објавуваше снимките од прислушуваните разговори тврдеше дека има бомба и за велигденскиот масакр кај Смилковското езеро но, поради сензитивните содржини тие никогаш не „пукнаа“ и за содржините не е запознаена јавноста иако шпекулации има еден тон, од нарачателите, па се до помагачите и извршителите. 

Непреземањето на случајот додека СЈО имаше мандат за покренување обвиненија се должеше на тоа што не беше донесен законот за заштита на сведоци кој Катица Јанева го побара за специфичните предмети, но сега веќе е најавено дека ваков закон ќе се донесе, што може да помогне во истрагата. Секако, СЈО нема да исчезне преку ноќ со самата идеја да прерасне во посебно одделение во ОЈО, па така никогаш не е доцна за поведување на формално обвинение или нов предмет.

Во меѓувреме од слобода ќе се бранат претходно осудените на доживотен затвор за тероризам Сами Љута, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Хаки Хазири. Во бегство, некогаш осудени, а денес осомничени се и двајцата првообвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ за кои обвинителството тврдеше дека се директните извршители на масакрот.

Случајот „Монструм“ од самиот старт беше многу проблематичен, првата прес конференција на екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска содржеше речиси небулозни тврдења за мотивите на убиството без конкретни докази, уште тогаш албанската јавност се бунтуваше и тврдеше дека има друга позадина и протестираше за уапсените и обвинети лица за тероризам. 

ДУИ трпеше најголема политичка штета бидејќи нивниот заменик министер за внатрешни Џелал Бајрами ја придружуваше Јанкуловска на пресот, а дури сега преку партиско соопштение конечно можеа да кажат дека ја поздравуваат одлуката на Врховен во потрага по целосна правда. Политички од случајот најмногу доби СДСМ и Заев ветувајќи дека еден ден овој случај целосно ќе биде расветлен. 

Надежта како за семејствата на обвинетите, така уште повеќе за семејствата на убиените, но и на целата македонска јавност лежи во испливување на вистината на површина, колку и да е таа болна за граѓаните без оглед дали се Албанци, Македонци или Јужноафриканци, на сите им е потребно овој случај да се остави затворен за никогаш повеќе да не биде причина за недоверба, а уште помалку за можни нови меѓуетнички тензии, ширење на омраза, страв и гнев. 

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!