19 Април, 2024
0.0255

Кој се плаши од моќта на руската економија?

Објавено во: Колумни, Свет 20 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

Од 16 до 18 јуни во Санкт Петербург треба да се одржи Петербуршкиот економски форум. Според организаторите на него свое учество до почетокот на месецов потврдиле над 3.500 бизнисмени, од кои половината биле странци. Станува збор за собир на бизнисот на кој обично домаќин е рускиот претседател. Овој форум има и мала македонска сторија. Во руски дипломатски кругови ден денес се споменува обидот на еден наш поранешен претседател да замине таму официјално непоканет и да се сретне со Владимир Путин. Бил примен, ама на мала врата. Петербуршкиот економски форум е можност политичари и бизнисмени од целиот свет да се сретнат и да продискутираат на разни теми, а секако во центарот е економската соработка со Русија. Годинава ќе се одржи јубилејниот 20 форум. Како и досега Тој  водечките политичари и бизнисмени ќе расправаат за клучните проблеми што стојат пред Русија, пред пазарите во подем и пред светската заедница, и ќе се трага по заедничка цел и варијанти за решавање на проблемите. Годинава форумот ќе биде трет по ред во услови на економски санкции кон Русија. Како што пренесуваат руски медиуми, повикувајќи се на високопоставен чиновник претседателот Владимир Путин ќе сака да „им прати сигнал на странците“ дека на Русија изминатов период и било тешко како резултат на дејството на надворешни сили и ситуацијата на финансиските пазари, но успеала да издржи, и порано или подоцна ќе почне економскиот раст, а странскиот бизнис кој сега би се вратил, би добил повеќе дивиденди, доколку тоа го направи пред другите. Добро е што Путин ќе бара помош од странските инвеститори, но на тој пат се испречува силата која е главна во воведувањето на економски санкции кон Русија – Соединетите Американски Држави.  Под огромен дипломатски притисок ширум светот се бизнис заедниците да не одат во Петербург. Пред неколку дена Стејтдепартментот соопшти дека на форумот во Санкт Петербург американската влада нема да учествува на било какво ниво. Вчера, пак, Стејтдепартментот ги предупреди американските компании од посетување на Петербуршкиот економски форум. Официјален претставник на Стејтдепартментот во изјава за РИА „Новости“ вели: „Нашата позиција не е променета. Ние јасно им дадовме до знаење на американските компании дека има очигледни ризици поврзани со економијата и со репутацијата, поврзани со нивната соработка со претставниците на власта, која се меша во работите на соседна земја“. Според него  невозможно е враќање на САД кон нормален бизнис со Русија се дотогаш, додека таа не ги исполни Минските договори и не го врати Крим. „На крајот од краиштата раководството на секоја компанија треба сама да донесе одлука. Повеќето американски компании, меѓутоа, признаваат дека посетата на тој форум праѓа лош согнал за прифаќање на дејствувањето на Русија“, изјавил претставникот на Стејтдепартментот. Инаку, кон крајот на април швајцарскиот весник Le Matin, извести дека американски дипломати ги убедувале швајцарските бизнисмени да не одат во јуни во Санкт Петербург и им предлагале на швајцарските власти да излезат со соодветна препорака до бизнисмените. Вчера и комесарот за надворешни работи на ЕУ Федерика Могерини најави продлжување на санкциите кон Русија. Тоа може да се случи во јуни, како своевиден поздрав-честитка за 20 годишниот јубилеј на Петербуршкиот форум. Очигледно дека политиката се обидува да влијае врз бизнисот и тоа на државно ниво. Но Русија нема каде да оди. И таа мора да ги влече своите потези. И таа ги има впрегнато сите сили во Санкт Петербург да дојдат еминентни претставници на политиката и бизнисот од светот. Па така во игра се вклучени и руските олигарси со успешен бизнис надвор од Русија. Милијардерот Роман Абрамович, сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи, упатил покана до Илон Маск, основач на компаниите Tesla и SpaceX, да дојде на форумот. Зошто Абрамович упатил лична покана не се знае, но од организациониот комитет на Петербуршкиот форум го поздравуваат неговиот чекор и додаваат дека тие веќе упатиле официјална покана до Маск. Инаку компанијата Руски железници има сериозна намера да соработува со американската компанија Hyperloop One, која се занимава со разработка на супербрзи возови според идеја токму на Илон Маск. Според  сајтот РБК поканата до Маск е со намера тој да биде  „ѕвезда“ од бизнисот присутна во Петербург. Но организаторите не се големи оптимисти на тој план. Но затоа тука е Џек Ма, сопственикот на Alibaba. Тој го потврдил своето доаѓање на форумот. Лани тој бил еден од модератор на една од сесиите. Во сето ова појасно е како ќе се однесуваат европските компании. Многу од нив ќе се појават во Санкт Петербург. Голем е отпорот на бизнисот во Европа против санкциите од страна на Западот кон Русија. Во Германија, Франција и Италија тој гласно бара нивно укинување. Но не само бизнисот, лани италијанскиот премиер, Матео Ренци се заложи за укинување на ограничувањата кон Русија. Се очекува сега тој да биде главната политичка ѕвезда во Санкт Петербуг.  Каков може да биде американскиот одговор на евентуалната соработка на европските компании со рускиот бизнис. Според веќе виденото може да се очекува носење на некој акт со кој ќе се казнува секоја компанија која ќе соработува со Русија или со руски компании кои, пак, се на црниот американски список. Но тоа би било мач со две острици. Тоа би било почеток на вербална  војна со сегашните американски сојузници. Бидејќи допрва треба да се разгорат дискусиите околу Трансатлантскиот договор за слободна трговија. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок