16 Април, 2024
0.0257

Kолкав раст на инфлацијата измери НБРМ?

Објавено во: Економија 13 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, се одржа вчера на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна и беше одлучено аукцијата на благајнички записи  на 13 декември да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25%.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите макроекономски проекции, при што беше заклучено дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Сепак, беше истакнато дека сѐ уште постојат сегменти каде што постојат одредени ризици и за кои ќе треба да измине време за да се подобрат очекувањата и довербата на економските субјекти. Во вакви услови на здрави економски основи, но и понатаму присутни ризици, потребна е внимателност во однос на промените во монетарната поставеност.

„Во однос на најновите макроекономски показатели, по падот на активноста во првата половина на годината, проценетите податоци за БДП за третото тримесечје упатуваат на одредено закрепнување и умерен раст на годишна основа од 0,2%. Од гледна точка на структурата,  растот на активноста во третиот квартал се должи на извозната и на личната потрошувачка, додека инвестициската активност продолжи да се намалува, но со побавно темпо споредено со претходното тримесечје. Овие остварувања не отстапуваат значително од очекувањата за третиот квартал. Бројот на досега расположливите високофреквентни показатели за активноста во последното тримесечје од годината е мал, заради што тешко може да се даде попрецизна слика за движењата во овој период. Сепак, засега овие показатели упатуваат на нешто подобра состојба во економијата во однос на претходниот квартал. Податоците за инфлацијата за ноември покажуваат континуитет на досегашните движења, односно на умерено забрзување на растот на цените, при што просечната годишна стапка на инфлација во првите единаесет месеци изнесува 1,3%. Растот на инфлацијата во најголем дел се должи на базичната инфлација, а делумно и на цените на енергијата. Инфлациските остварувања се движат во рамки на проекциите“- информираат од НБРМ. 

Во однос на показателите од надворешниот сектор, податоците за билансот на плаќања заклучно со септември, покажуваат умерен дефицит на тековната сметка од 0,6% од БДП, кој е помал споредено со претходната година, но воедно е во рамки на очекувањата. Во склад со проекциите, во финансиската сметка се забележани нето-одливи врз основа на отплата на долгорочен долг, а одливи се карактеристични и за валутите и депозитите. Од друга страна, краткорочните должнички текови и странските директни инвестиции креираа нето-приливи во првите девет месеци од годината. Расположивите податоци за надворешниот сектор за последното тримесечје упатуваат на нешто подобри остварувања кај трговското салдо и кај приватните трансфери од очекуваните. Последните расположливи податоци за девизните резерви за последниот квартал покажуваат умерен раст, при поволни движења на девизниот пазар и нето-откуп на девизи во текот на кварталот. Движењата на резервите се во рамки на очекувањата, a сите показатели за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Првичните монетарни податоци за ноември, слично како и во претходниот месец, покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем како резултат на депозитите на населението, но и на прирастот на корпоративните депозити. На кредитниот пазар кредитирањето продолжи забрзано да се зголемува, при што речиси рамномерна е распределбата на кредитите кај секторот „население“ и кај корпоративниот сектор. Засега се оценува дека депозитните и кредитните текови се движат во согласност со очекувањата.

На девизниот пазар, поволните движења забележани од август наваму, се задржаа и во првата половина од ноември, овозможувајќи подобрување на девизната ликвидност на банките и натамошни интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизи во износ од 19,6 милиони евра. Овие движења привремено запреа кон крајот на ноември кога се зголеми побарувачката на девизи од корпоративниот сектор, која, пак, во најголем дел беше надоместена од сопствените средства на банките, а во помал дел и од страна на Народната банка (во износ од 6 милиони евра). Во првата недела од декември дојде до постепено стабилизирање на побарувачката, што во услови на вообичаено сезонско зголемување на понудата на девизи од страна на менувачниците, овозможи намалување на меѓубанкарскиот девизен курс.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидносниот потенцијал на банките се задржа на релативно стабилно и солидно ниво. Банките го пласираа вишокот слободни средства во 7-дневни расположливи депозити кај Народната банка, но и во подолгорочни и повисокоприносни инвестициски инструменти. Со оглед на релативно високата ликвидност, во текот на ноември банките имаа намалена потреба за финансирање преку пазарот на пари, каде што речиси подеднакво се тргуваше со меѓубанкарски депозити и со хартии од вредност на секундарниот пазар. 

За декемврискиот период на задолжителната резерва се очекува сезонски раст на денарската ликвидност на банките, којашто вообичаено кон крајот на годината се користи за кредитна поддршка на приватниот сектор.

Во ноември, на меѓународните финансиски пазари курсот на еврото зајакна, а приносите на државните обврзници се зголемија во услови на согледувања за пониски политички ризици и умерено повисоки ценовни движења во еврозоната. Од другата страна на Атлантикот беше забележано натамошно израмнување на кривата на принос на американските државни обврзници, заради очекувањата дека на состанокот во декември ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки. Цената на нафтата забележа нагорна промена во исчекување на одлуката за дополнително намалување на понудата на нафта од страна на ОПЕК и по март 2018 година.

Сумирано, на седницата беше заклучено дека тековните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици укажуваат на тоа дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здравите економски фундаменти.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски индикатори и случувањата во домашната економија, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.

Можеби ќе ве интересира

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ОВА ПРАШАЊЕ СОЗДАВА РАСКОЛ ВО ЕВРОПА: Кој е за, а кој против нуклеарната енергија?

ОВА ПРАШАЊЕ СОЗДАВА РАСКОЛ ВО ЕВРОПА: Кој е за, а кој против нуклеарната енергија?

Која транспортна фирма ќе ги израдува акционерите со 2,3 милиони евра дивиденда?

Која транспортна фирма ќе ги израдува акционерите со 2,3 милиони евра дивиденда?

ИНДИЈЦИ, НЕПАЛЦИ, ФИЛИПИНЦИ РАБОТАТ ВО ЗЕМJAВА: Дали газдите се задоволни од „увезената“ работна сила?

ИНДИЈЦИ, НЕПАЛЦИ, ФИЛИПИНЦИ РАБОТАТ ВО ЗЕМJAВА: Дали газдите се задоволни од „увезената“ работна сила?

ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА: Колку ќе заработи првиот приватен ветерен парк во Македонија?

ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА: Колку ќе заработи првиот приватен ветерен парк во Македонија?

КАРПОШ ПОВТОРНО ВИСОКО НА ЛИСТИТЕ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ – Охрид останува уште една „медина“ за градежниците, еве каде најмногу ќе се гради

КАРПОШ ПОВТОРНО ВИСОКО НА ЛИСТИТЕ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ – Охрид останува уште една „медина“ за градежниците, еве каде најмногу ќе се гради

И ЗЛАТОТО ПОСКАПЕ: Која е новата цена на една унца?

И ЗЛАТОТО ПОСКАПЕ: Која е новата цена на една унца?

СЕ НАОЃА ВО БОСНА: Ова е град на милионери

СЕ НАОЃА ВО БОСНА: Ова е град на милионери