19 Април, 2024
0.0254

Колкава плата ќе наследи новата директорка во „Европа“?

Објавено во: Анализа 09 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

За долгогодишната директорка Савка Димитрова лани „Европа“  исплатила бруто плата од 50.000 евра. Димитрова од пред десетина дена повеќе не е „пали и гаси“ во „Европа“,  а на нејзино место доаѓа Марика Караџова, раководител за комерцијални работи во „Фершпед“. Дали Караџова ќе ја наследи платата на Димитрова? Зошто е направен голем ремонт т.е. “прва специјала“ во раководството на „Европа“

Савка Димитрова, долгогодишната директорка на скопската фабрика за чоколади и вафли „Европа“лани имала бруто плата од 50.000 евра односно 3,12 милиони денари. Димитрова по долгогодишно раководење со најпозната македонска кондиторска индустрија од крајот на мај годинава повеќе не ја врши функцијата претседател на управен одбор во таа компанија. Димитрова воопшто не е меѓу лицата избрани за членови на новиот Одбор на директори на „Европа“. Податоците за бруто приходите на Димитрова се објавени во годишниот извештај за 2016 година за работењето на „Комерцијална банка“ чиј претседател на Надзорниот одбор беше токму Савка Димитрова.

Димитрова во оперативното управување со „Европа“ ќе ја замени Марика Караџова, која доаѓа од раководно место – шеф на комерција во „Фершпед“. Караџова сега е извршен член на Одборот на директори и е генерален директор на „Европа“. Логично е „Фершпед“ како најголем поединечен акционер во „Европа“ да има одлучувачки збор при изборот на нов генерален директор во компанијата. „Фактор“ во почетокот на мај ја најави промената на Димитрова, но тогаш никој од повиканите страни ниту Димитрова ниту Драган Наков не дадоа одговор за причините заради кои Димитрова ја напушта „Европа“.

Голем ремонт во управувачката структура на „Европа“!

Од достапните јавни податоци се гледа дека акционерите во „Европа“ одлучиле и направиле голем ремонт во раководењето со компанијата. Прво, одлучено е компанијата да не се управува двостепено и затоа се избришани Управниот одбор и Надзорниот одбор. Од крајот на мај компанијата се управува со едностепен орган кој се вика Одбор на директори. Во него има седум членови од кои четири членови се неизвршни, а тројца се извршни членови. Од извршните еден член е генерален директор на компанијата.

Интересно е тоа што од плејадата „стари борци“ од управниот одбор на „Европа“ во новиот орган на управување повеќе покрај Сава Димитрова не е ниту Штерјо Наков, таткото на Драган Наков најголемиот поединечен акционер во „Фершпед“.  Во новиот состав на Одборот на директори од старите членови на Управниот одбор е само Јасмина Цветаноска, додека Ивана Левентиќ, која е во роднински врски со големиот акционер Мила Левентиќ, и Александра Младеноска повеќе нема да учествуваат во управувањето со компанијата. Од „старата гарда“ од Надзорниот одбор во новиот состав на Одборот на директор не поминаа ниту Коста Младеноски, претставникот на големиот акционер „Макошпед“ и Стерјо Зиков, досегашен претседател на Надзорниот одбор. Во новиот состав на Одборот на директори од страрите членови на Надзорниот одбор заедно со Драган Наков преминаа и големите поединечни акционери во „Европа“: Есамедин Хасани, застапник за „Европа“ на Косово и кичевецот Селаудин Арифи, сопственик на фирмата „АС Сењак“ која поседува 18 отсто од акциите со право на глас во „Европа“.

Нови членови на Одборот на директори на „Европа“ се две жени кои заедно работеле досега во „Фершпед“. Едната е Марика Караџова, која сега е генерален директор на „Европа“, а другата е Наташа Милева најголем поединечен акционер во „Уготур“. Милева, која е независен член во Одборот на директори, поседува 24,9 отсто од акциите во „Уготур“ и нив ги стекна во период пократок од половина година. Во јавноста Милева стана позната по тоа што купи одредена количина акции во „Уготур“ по цена од 7 денари за акција од „Фершпед брокер“. Тие акции пак претходно „Фершпед брокер“ ги купи по цена од 101 денар од својата фирма мајка „Фершпед“. Во претходна трансакција Наташа Милева купи акции во „Уготур“, а ги продава „Технометал Вардар“.  

Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!