Колку ќе се наполни буџетот со повратот на ДДВ?
Објавено во: Економија 25 Ноември, 2017
Поврат на ДДВ-то кај граѓаните од 2019, најави вчера премиерот Заев.
Тој вели дека проектот кој е дел од предизборните ветувањаќе стартува во два региона во 2018 година, а од ефектите што ќе се покажат, се очекува да се прошири на целата територија во 2019 година.
Заев очекува ова да придонесе за намалување на даночната евазија кај ДДВ-то која според податоците до кои дошла Владата е 30 проценти.
Премиерот на вчерашната собраниска седница каде им одговараше на прашањата на пратениците рече дека Македонија има слабости во наплатата на ДДВ од воведувањето во 2001 година, а ефектите што ги очекува од повратот на ДДВ на граѓаните се поголеми приходи во буџетот и дополнителни средства кај домаќинствата кои се проценуваат на годишно ниво на 25 до 30 илјади денари.
„Граѓаните го плаќаат ДДВ-то кога купуваат, добиваат сметки и прашањето е од каде не се уплаќаат средствата во буџетот, вели премиерот и додава дека се очекуваат дополнителни 300 милиони евра во буџетот од овој ДДВ кој сега не се уплаќа и со што, како што истакна, се создава незаконско енормно богатење на поединци во државата за сметка на даноците на државата кои треба да бидат распределени на сите граѓани“, истакна премиерот.