18 Април, 2024
0.0337

Колумни: Фактор СТРАВ

Објавено во: Колумни 24 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Се плашите ли од пајаци, змии, разни бубачки, евентуално духови, вампири и демони? Нормално дека би требало да се плашите. Но што ако ви нудат награда? Ете, би скокнале ли од работ на вселената ако некој ви понуди на пример милион долари? Би спиеле ли во вилата на Водно со-духот-на-незнам-кој ако ви понудат сто илјади евра? Би ја ставиле ли главата во кутија зо змии и шкорпии (ете нека се и неотровни) за десет илјади евра? Признавам, и јас не сакам да гледам страшни филмови, крвови, гадни животинки, не сакам да скокам од авион, а камоли од вселенска ракета и слично. Ама за милион долари? Ете, не сакам да гледам ни туѓа крв, а камоли моја, и цел живот им се чудам на луѓето кои се решиле да студираат медицина и работат по цел ден со болни луѓе. Нивната мисија е општопотребна, платена, ценета, тие луѓе спасуваат животи, сечат, шијат, крпат и наплаќаат за тоа - едно ,,да те ѕирнам,,  и отишле 1200 денари или сино картонче. Некои од нив без причина ќе ве смируваат, други без причина ќе ве уплашат, но на крај купопродажбата на страв се сведува на економски однос – они го победуваат своето гадење од туѓата болест, а пациентот треба да им плати да го ѕирнат, прегледаат на овој или оној апарат, ќе плати да му продадат апчиња, инекции, витамини итн. Значи факторот страв ќе го натера пациентот да брцне во џебот и испроба се, од лекови на PFIZER и Алкалоид до иљачи од разно-разни врачеви и бајачки, за да се спаси колку-толку, и да биде жив и здрав уште некое време. Што кога ситуацијата е обратна: ви се нуди награда ако свесно влезете во циклусот СТРАВ-РИЗИК-НАГРАДА/ШТЕТА? Пример метроата и автобусите во Бостон се излепени со понуди од разно-разните болници, доктори и медицински куќи да им бидете заморче да тестираат врз вас лекови за одреден надомест. Или играчите во реалното шоу од насловот ја ставаат главата во полна кутија со пајаци, скакулци, змии и слично, други јадат најразлични гадотии, трети висат на јажиња и шетаат по кровови на стокатници во Аргентина. Ете, Монк се бори со своите стравови, но успева да разреши криминални случаи дури и под притисок на сите свои 256 фобии(толку ли беа?). Значи безбедноста контра стравот - да се остане дома без пари или да се ризикува животот, здравјето или своите пари во џунглата надвор и да се заработи некој долар? Ваквите дилеми се пред секој трговец при поголема зделка, пред секој индустријалец при исфрлање на нов производ и пред секој инвеститор на секоја берза. Факторот СТРАВ е присутен во деловните одлуки, и добро е што е така. Но, што станува кога стравот ја парализира секоја акција на приватните претприемачи, инвеститори, потрошувачи, банкари? Кога секој обид е поврзан со ризик да се изгуби главницата? Во таквите случаи имаме раст на штедењето, пад на инвестициите, пад на потрошувачката и девалвација на вредностите на пазарот поради помалата побарувачка и немањето пари, инвестиции, кредити  и потрошувачка.. Едноставно – економијата се закочува. Токму тоа се случува на регионалните берзи веќе 4 години. Факторот СТРАВ е прејак, бидејки пари нема или „имат снемано„ во моментов, па и на најиздржливите инвеститори им пука филмот и распродаваат со зијан, да се спасат колку –толку, иде Дунав. Ќе речете, сите знаеме, берзата е за нигде, што уште ти ќе ни кажеаш? Епа да ви кажам дека кога беше вака во 2005-та година, повеќето тогаш купени акции, можеа да се продадат со ќар од 500-1000 па и 2000% во 2007-ма, 2008-ма, 2009-та па и во 2012 година. Се плашев ли кога во 2005-та ја ставав главата во кутијата со змии, пајаци, демони, лопови со кои никој не излегол на крај? Признавам, не колку денес, можеби бидејки животот беше поевтин, јас бев 8 години помлад, а големата депресија не се беше се случила по втор пат, па не знаев како тоа изгледало во 1929-та/1933-та . Да се вратам на докторите - прво ќе ни всадат страв, па ќе ни го лечат. Има ли на берзата кој да го залечи стравот? Како и на доктор, и на берза стравот се лечи со ПАРИ. Значи ќе се залечи кога ќе се видат пари. Е пари имат снемано, пак ќе кажам. И тоа одамна, ова денес е тотална распродажба, какви гледаме по Скопје последниве месеци - ФИНАЛНА ЛИКВИДАЦИЈА ПОРАДИ ЗАТВОРАЊЕ НА ПРОДАВНИЦАТА. Но при ликвидација, секогаш има некој кој ќе го совлада стравот и ќе ја искористи приликата да купи нешто ефтино. Колку помалку се таквите како него, поевтино ќе си испазари. И ако си купил патики на попуст, среќно ќе си ги шета наредните две-три години. А ако купил акции, ќе се надева дека за две-три години ќе може да ги продаде пет до десет пати поскапо. Нормално, кога ќе го снема стравот КАЈ ДРУГИТЕ. Методи Мајнов  Авторот е инвестициски советник,  основач на МОЈ БРОКЕР

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?