КОЅИАС ВЕЛИ ИМА ДЕБАТА: Горна Македонија, Северна Македонија, Вардарска Македонија или Македонија – Вардар?
Објавено во: Балкан 16 Февруари, 2018
Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас вели дека претпочита име на словенски без превод.
Коѕиас објаснувајќи дека месецов ќе дојде во Скопје со план на 20 страници, вели дека првиот дел е готов, а се однесува на името и на изведенките од името.
„Јас претпочитам име што во меѓународни рамки ќе зборува дека тој дел на Македонија е сега делот на ФИРОМ, Скопје, со Албанци и Словени и дека тој дел нема ништо заедничко со грчка Македонија – не сакам да се случуваат забуни“- вели Никос Коѕиас, грчкиот министер за надворешни работи во интервју за грчката телевизија „Алфа“.
Се очекува Коѕиас да биде првиот грчки висок функционер што ќе слета на скопскиот аеродром, како гест на добра волја по неговото преименување од „Александар Велики“ во Меѓународен аеродром Скопје.
Тој им порача на политичките сили во Грција дека нерешавањето на спорот ќе остави големи можности за мешање на Турција во регионот.
„Оние што сакаат Уставот да се смени сега и тука, знаат дека тоа нема да се случи. И тоа се тие што не сакаат договор. Но, сакам да појаснам дека несогласувањето со северниот сосед ќе значи продолжување на проблемот. Тоа ќе значи дека во регионот ќе имаме постојан извор на нестабилност, поради што Турција ќе се обидува да интервенира. Заев беше во Турција, како што знаете, војската на северниот сосед е обучувана од Турција. Сметам дека е добро да ги развиеме нашите односи, за тие работи да се одвиваат во добра соработка“ – изјави Коѕиас.
Или Горна Македонија, или Северна Македонија или Вардарска Македонија или Македонија – Вардар, се имињата за кои Коѕиас сака да има дебата.
За премиерот Зоран Заев вели дека кај него има оптимизам и дека разгледуваат точка по точка.