КОЅИАС ЗА КАТИМЕРИНИ: Името треба да биде решено до првата половина на 2018 година
Објавено во: Балкан 05 Ноември, 2017
Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас изјави дека Владата има намера да го реши спорот со името со Македонија. Тој додаде дека националната рана, која е отворена пред 26 години, треба да биде излекувана до 2018 година, пишува весникот Катимерини.
„Верувам дека прашањето треба да биде решено до првата половина на 2018 година“- изјави Коѕиас.
Според него, во спротивно ќе има „големи компликации“. Тој додаде дека по неговото решавање ќе останат „три-четири месеци бирократија во ОН “.
Според министерот, ова прашање треба да се реши до крајот на 2018 година, затоа што изборите ќе се одржат во следната 2019 година и тоа во Македонија и во Грција. Тој смета дека такви прашања треба да се решат во релаксирана атмосфера.