КРИТИКИ ДО ВУЧИЌ ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА ДИПЛОМАТИТЕ: За опозицијата тоа е незрелост
Објавено во: Балкан 24 Август, 2017
Опозициските пратеници во српскиот Парламент денеска ги критикуваа претседателот, Александар Вучиќ и Владата поради настаните поврзани со Македонија. Тие велат дека тоа што се случи е невообичаена дипломатска пракса.
Независниот пратеник Јован Јовановиќ, кој е поранешен амбасадор, оцени дека во конкретниот случај станува збор за невообичаена дипломатска пракса, откако пред неколку дена Србија ги повлече сите дипломати од амбасадата во Македонија.
Вели дека тоа е непотребно создавање тензии, што е во спротивност со дипломатската пракса.
„Би било добро компетентните служби да ни кажат за што станува збор, а не да нагаѓаме, пред новинарите во Парламентот“- изјави Санда Рашковиќ Ивиќ, од парламентарната група „Нова Србија - Движење за спас на Србија“.
Таа смета дека она што се случи ја покажува политичката незрелост на првите луѓе од власта.
Србија во неделата вечерта го повлече својот дипломатски персонал од амбасадата во Скопје, без да ги посочи причините за тоа. Потоа наведоа дека станува збор за разузнавачки активности против нив.