29 Март, 2024
0.0255

Ксенија Собчак - „протеже на Кремљ“ или нова руска „царица“

Објавено во: Колумни 27 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Се почна кон крајот на август. Во медиумите во Русија се појавија текстови за тоа дека кандидат за претседател на Русија може да биде и жена. Причина - на тој начин би се зголемила излезноста на избирачите. А за Кремљ тоа е важно,  бидејќи друго е сигурната победа на Владимир Путин да биде со излезност од над 60-тина проценти, отколку од 40-тина. Самиот Путин тогаш истакна дека руското законодавство им дозволува на жените да претендираат на претседателската функција.

Да нема залажување, текстовите беа поттикнати од Кремљ. Нивните автори се повикуваа на извори блиски до Кремљ. Па така почна лицитацијата. Веднаш испливаа неколку имиња на жени од политиката и надвор од неа. Но,  според  еден соговорник близок на претседателската администрација „Идеална варијанта би била Ксенија Собчак, која претставува еден вид современа млада жена, која би сакала да влезе во политиката: паметна, маркантна, интересна, која не одговара во се’ на изглед на типична руска жена, прашање е дали таа ќе се реши“. Прес секретарот на Путин, Димитриј Песков , во свој коментар нагласи дека во администрацијата не размислувале за учество на жена на изборите.

Пуштениот глас од Кремљ не остана без брз одговор. Само по еден ден Собчак на Инстаграм напиша дека не знае што „таму некој разгледува во кабинетите“, но дека таа одамна и внимателно го следи политичкиот пејзаж во земјата. Притоа таа нагласи дека не соработува со администрацијата на претседателот и нема намера, со што многу се гордее. Денешната состојба на политиката и се чини досадна. „Досадно и одвратно“, напиша Собчак. Не речи два пати не. Само по некој ден  BBC пренесе дека Собчак била во Кремљ и се сретнала со Путин.  И лавината тргна. Собчак соопшти дека била таму да го интервјуира Путин за филмот што таа го подготвува за нејзиниот татко, Анатолиј Собчак, градоначалникот на Петербург и творец на политичарот Путин. А потоа кратко раговарале и за други работи. И повторно не поминаа неколку дена, па Собчак изјави дека ќе се кандидира за претседател. Интригата траеше неполн месец. Нејзиното објаснување за промената на ставот беше дека немала можност на должен начин да ги прокоментира текстовите за нејзината кандидатура. Па затоа упати големо писмо да медиумот каде што ја споменуваа со образложение на нејзината најнова одлука.

Која е Ксенија Собчак? Веќе спомнав, ќерка на градоначалникот Собчак, го сметаа за либерал, од чии пазуви се изнедри во политичар дотогашниот офицер на КГБ-Владимир Путин. За време на мандатот на таткото Собчак имаше неколку криминални афери во кои беше споменува и идниот претседател на Русија. Ксенија Собчак го има завршено со највисоки оценки Московскиот државен институт за меѓународни односи. Но, наместо да оди на работа во дипломатијата таа влезе во шоу бизнисот. Во дипломатијата нема пари, изјави нејзината мајка Људмила Нарусова, член на Советот на федерацијата. Па така Ксенија Собчак  до својата 36 годишна возраст се испроба во најразлични ролји. Глумеше, пишуваше, пееше, водеше емисии на телевизии, креираше облека, водеше реално шоу, политичка емисија, а сега има своја авторска емисија чии гости се видни јавни личности и политичари. Учествуваше на протести, се вршеа претреси во нејзиниот дом по тој повод, се омажи, роди дете, и конечно, најави дека ќе се кандидира за претседател.  

Во својата најава за кандидат за претседател Собчак изјави дека ќе се кандидира за да се чуе гласот на нејзиното поколение, да им даде пример на своите врсници, кои сакаат активно да учествуваат во политичкиот живот, јавно да го искаже своето несогласување со она што се случува во земјата. „ Јас не сум човек кој претставува партија, кој што се подготвува да организира или да струга буџети...Јас излегувам сама и велам, дека јас сум против“. Ова против, не значи дека е против избори, туку дека е сама „против сите“. Во јавното писмо околу кандидатурата таа мошне сериозно се зафаќа со проблемите, ги детектира, анализира и нуди решенија.  Тоа е своевиден предизборен манифест. Документ кој допрва ќе треба да се разработува.

Кандидатурата на Собчак наиде на претежно негативни коментари во јавноста. На пример дека е протеже на Кремљ и дека ќе ја игра улогата што таму и ја намениле. Игра која треба да ги фрли во сенка проблемите со кои се соочува Русија. Пред се на внатрешен план. Со кревање врева околу Собчак да се заборави на економските проблеми, проблемите со платите, пензиите, здравството, буџетот...Некои ја поистоветуваат Собчак  со разгалено дете на богати и влијателни родители, кое решило да игра политичар. Други дека со овој потег оди против Алексеј Наваљни, кој долго гради инфраструктура за учество на изборите за претседател, иако, засега , како што стојат работите законски нема можност да учествува на нив. Самиот Наваљни, не е против Собчак, но  потенцира дека на Кремљ сега му одговара да дојде до кавги меѓу идните противници на Путин на изборите.

Собчак веќе го најави тимот што ќе работи со неа на изборите. Во него учествуваат политички технолози и медиумски личности. Првиот човек е Игор Малашенко еден од првите личности во изборниот штаб на Борис Елцин, кога тој во 1996 година, со црна пропаганда и американска помош го победи својот противкандидат комунистот Генадиј Зјуганов. И сите други во штабот се експерти во својата работа со искуство во учество на избори дома и во странство.  Негативното однесување на јавноста кон Собчак го потврди и едно најново истражување, според кое таа во моментов нема доверба кај 16 проценти од испитаниците и е на чело на таа листа. Тоа главно се темели на на ставот дека таа е скандал мајстор, дел од разгалени деца на богаташи, со што го раздразнува руското традиционално и патријархално општество со исто таква политичка култура. Згора на тоа анкетите покажуваат дека руското општество се' уште во мала мера сака да има жена претседател.

Но за неа и за нејзиниот тим тоа како да нема значење. Од таму велат дека за да се добие рејтинг, најнапред треба да се стекне антирејтинг. Лошото да се претвори во добро. А за тоа уверуваат дека се способни да го направат. Колку навистина ќе направат ќе се види, но оценките се дека таа може да освои гласови во рамките на статистичка грешка, а можеби да дојде и до 6 или 7 проценти. Па тогаш зошто е започната целата оваа игра?

Можеби е далеку од реалноста, но не треба да се исклучи дека Путин, кој знае дека ќе ги добие глатко изборите, сака да им покаже на луѓето од неговата околина дека и една жена може да освои повеќе гласови од нив, доколку би оделе на избори. Најверојатно ова се последни избори на кои ќе учествува Путин по кои ќе остане на чело на државата до 2024 година. Путин можеби и ќе и помогне на Собчак да собере 300.000 потписи неопходни за кандидат кои се самокандидира. Или пак ќе се најде партија која ќе застане зад неа па тогаш ќе бидат неопходни 100.000 потписи. Кремљ може да замижи и на начинот на кој Собчак ќе треба да собере десетина, дваесет милиони евра за кампањата.

Што ќе значи сето ова за Собчак? Таа сега добива шанса да влезе во политиката на голема врата. Можеби Кремљ и ја подотвара неа. Дали Путин е толку алтруист? Или пак Ксенија Собчак е толку тврдоглава и се решава на чекор кој колку што е предизвикувачки, толку е и опасен. Опкружувањето на Путин ќе демне во наредните години за да не дозволи некој од надвор да му го наруши комодитетот. Ксенија Собчак може да успее само во еден случај. Ако ја има целосната поддршка директно од Путин и тој да ја води во наредните години кон врвот на власта. На тој начин таа во 2024 година ќе може да се кандидира на изборите со голема шанса да ги добие и да стане петта „царица“ на Русија. По двете Катерини, Елисавета и Ана Јоановна. Некои од нив се заслужни за Русија многу повеќе од одделни мажи-цареви. А можеби е и ред на чело на државата да дојде жена, колку тоа и да не го сака руското општество. И Катерина Прва не ја сакале, ама станала царица со поддршка од Петар Велики.

Собчак е пред голем испит. Таа смета дека нејзиното учество на изборите може и треба да биде полезно и за опозицијата и за целото општество и да придонесе за преобразба на земјата. Колку и да има поддршка од Путин, дали ќе успее најмногу и пред се зависи од неа. Сопките од чиновниците, обидите за компромитирање од страна на кремљовските интриганти, шпекулациите од канцелариските политиколози нема да изостанат. А тој дел од битката ќе биде нејзин. Пред неа се години на опасно живеење, но и години на надеж дека ќе успее во своите намери.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?