20 Април, 2024
0.0666

Ламбе Арнаудов: Јас сум демократ, а Вие ги загрозувате слободите и човековите права!

Објавено во: Колумни 25 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Одговор од Ламбе Арнаудов на колумната на професор др. Татјана Стојаноска Иванова, „Скокај Ламбе“, објавена на Фактор на ден 25 10 2016 година

Мојата трајна определба за највисок степен на почитување и пиетет кон мајка, сестра, ќерка , внука, баба, патем кажано многу од нив се заминати по патот од каде што нема враќање, досега не ми дозволуваше да полемизирам со понежниот пол. Верувам несаќајки предводена од Вашиот бес, гнев и омраза, беше потиснато Вашето разумно и рационално однесување кон мене. Вие од левицата сте велемајстори да извлечите делови од кажаното со кое можете да манипулирате. За жал, почитувана госпоѓо, денеска тешко се насанкавте и во еден натпревар си дадовте три автоголови и затоа сум убеден, Вашиот тренер ќе ве отстрани од екипата, или  на клупата или во публиката на подолго време.

Цела своја кариера секогаш кога сум можел да усреќам некого со вработување, тоа сум го правел без никакви предрасуди било тоа да са партиски, верски или национални. Тоа со гордост ќе го правам и понатака, а за вистинитоста на ова мое тврдење може да се распрашате насекаде низ Македонија. Во прилог на моите добри намери за наше помирување, тоа ќе го направам и за Вас.

Слушам дека сте биле висок позициониран член на политичката партија ГРОМ и партијата сте ја напуштиле од возвишени патриотски причини, односно затоа што Вашата сестра не била поставена за директор на детска градинка. Врвен патриотски чин, за симнување капа и длабоко поклонение. Затоа, уште денес, пратете ја сестра ви кај мене, веднаш ќе ја поставам за директорка, бидејќи како што ме анализирате јас сум полн со себе и самоуверен и немате причина да не ми верувате. Должен сум да Ви објаснам Вам како експерт, зошто во мојата политичка кариера врвен приоритет се вработувањата на луѓето. Вие како социолог сигурно знаете дека четирите прво рангирани причини да го разорат животот на поединецот и семејството се : смрт на близок член од семејството, тешка болест во семејството, отслужување на затворска казна и останување без работа на главата на семејството – хранителот. Со тоа што четвртата е најтешка, затоа што може да биде повод и акцелератор на сите горе наведени причини.

Во изминативе години на независна Македонија сите бевме сведоци на бројни трагедии, лични и семејни, од останувањето без работа на стотици и стотици илјади луѓе. Интересно е дека тоа се манифестирало тогаш кога левите владееле со Р.Македонија, а десните партии кога биле на влст и од 1998 до 2002 година и последните десетина години, максимално можно ја поправале таа апокалиптична состојба, не затоа што сакаат да се докажат дека се подобри од Вас, туку затоа што се грижеа за својот народ. Заканите на Вашите пријатели дека кога ќе дојдат на власт повторно ќе бркаат вработени, за среќа никогаш нема да се остварат, бидејќи народот не Ви дава доверие за да ја спроведувате Вашата мазохистичка хистерија и паталошка омраза кон сопствениот народ.

Сега малку за Вашата стручност и кредибилитет, која воопшто ниту имам право ниту сакам да ја оспорам, напротив, изразувам најдлабок пиетет кон Вас како докажан експерт. Но изразувам длабоко разочарување од Вашата селективност при давањето на Вашите скапоцени стручни услуги. Никаде во текстот не го сретнав најдоминантниот термин во психолошко социјалните науки за која Вие имате заработено титула Доктор на науки, а тоа е поимот Ресоцијализација. Незнам каде Ви испарила Вашата професионална етика, барем малку да ме посоветувате како да се излекува мојата морална патологија и да ми предложите соодветна терапија, најдобро истата што ја применувате за Вас, бидејќи сме потполно исти, освен што никогаш не сте биле, ниту пак посакувам да сте биле во затвор, ниту Вас , а ниту било кому. Да Ви кажам зошто сме исти. Прво, во областа на вработувањето. И Вие и јас ги почитуваме партиските книшки за вработување. Со тоа што јас давам, а Вие барате. Исти сме и во заедничката оцена, да даваме одредени судови и мислења за личности и дејанија. Само што јас бранам, а Вие осудувате. Пораката ,,Скокај Ламбе,, со која ми порачувате да скокнам ама подалеку од политиката, најдиректно ги загрозувате моите права и лични слободи, колку Вас да Ви изгледаат неморални и неетички, сепак со закон не се забранети. Освен поседувањето на звучната титула д-р по Социолошки науки не Ви дава за право да ги поседувате судбините и животните определби на луѓето. И тука сме исти. Само што јас сум демократ, а Вие ги загрозувате слободите и човековите права.

Но, сега разбирам дека сум премногу дрзок, барајќи од Вас рабирање за моите проблеми. Повеќе од десет години како д-р по социолошки науки постојано сте окупирани да ја лечите моралната патологија на луѓето околу Вас. За жал, незнам дали заради Вашата недоволна ангажираност или безнадежноста за можното излекување на Вашите пациенти тоа не дава плод и покрај Вашата долга терапија и стручен надзор. Вашите пациенти и понатаму продолжуваат со своите стари навики.

Сега за моите лудувања, баханалии, пијанки и ручеци од 30.000 евра. Да почнам од последното. Парите вистина ги дадов ко бајаги за ручек, на изричита молба на тогашниот сега покоен Претседател на Р.Македонија г-динот Киро Глигоров, кој беше покровител на традиционалниот Охридски маратон во пливање. Го направив тоа за да го спасам образот на Претседателот и срамот на Р.Македонија, затоа што маратонците ден пред одржување на маратонот го откажаа учеството, бидејќи немаше обезбедени финансиски средства за награди. Бидејќи беше неработен ден, банкарска трансакција неможеше да се изведе и сите се согласивме така да го направиме иако ризикот беше само замене. За пијанките што ги спомнувате. Може секој да Ви потврди дека алкохол во живот не се имам напиено. Во кафеани ми е мачно да седам повеќе од 40 минути, деловни ручеци во животот не сум имал повеќе од пет, 200 дена во годината постам на леб, вода и јаболка, а во мрсни денови јадам колку едно седумгодишно дете. Ова може да го проверите во секој ресторан во Македонија. Што се однесува за баханалиите. Никогаш во животот не сум го прифатил таквиот срамен начин на однесување бидејќи сум возрасен човек, скоро ќе влезам во осмата деценија од животот и можеби сум и по малку сенилен, ако негде сте ме виделе, Ве молам да ме потсетите. Убеден сум дека ќе ја забележев Вашата несекојдневна убавина.

Повторно за препораката ,,Скокај Ламбе,,. Сум скокал од многу големи височини доброволно, но најчесто сум бил и турнат, ама секогаш и од кај да паднев застанував на нозе. За обвинувањата дека сум арамија нема да ви се правдам, затоа што невин човек нема потреба од правдање и ќе Ве благословам: да имате многу, многу повеќе здравје радост, среќа и напредие Вие и Вашето семејство. Ако Ви посакав да имате колку што мислите дека имам јас, ништо ќе немате.

Сосема за крај. Сум бил и на многу високо, ама сум бил и на дното на пеколскиот казан, но никогаш пред никого не сум потклекнал ниту сум ја свиткал својата кичма. Впрочем и така ме опишавте за што сум Ви бескрајно благодарен. Знаето зошто? Ќе Ви кажам. Секогаш кога ќе се качував по скалата нагоре, никогаш не заборавав да ги поздравам пријателите, луѓето што ги знам, но и оние што не ги знам, затоа што бев свесен кога ќе почнам да паѓам, повторно ќе ги сретнам. Заради тоа, а на Ваша жалост и на тие како Вас, имам многу верни пријатели и се чувствувам како најбогат човек во светот. Нормално имам и непријатели. Тие се од висок калибар. Вие тука не припаѓате, не му се ни до глуждовите на НИВ и ги почитувам исто како и моите најдобри пријатели, затоа што вредноста на човекот се мери по вредноста и големината на неговите непријатели.

Автор на текстот Ламбе Арнаудов бивш робијаш, целосно ресоцијализиран и рехабилитиран, за среќа без Ваша помош.


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок