23 Јуни, 2017
0.1502

Лицитација со рокови или купување време, ново ветување за исплата на земјоделските субвенции!

Објавено во: Агробизнис 13 Април, 2017

Исплатата на субвенциите за 2014 и за 2015 година ќе почне после велигденските празници, поточно во вторник, вакво ветување пред два дена добиле дел од земјоделските здруженија од директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Игор Златков. Според информациите, Златков имал средба со дел од земјоделските здруженија од Овчеполието, на која што ги донесол потпишаните налози и им кажал дека во вторник ќе има пари за субвенциите за 2014 и за 2015 година, а субвенциите за 2016 година ќе се исплателе до крајот на јуни. На ова ветување земјоделците возвратиле, дека доколку не биде исполнето, следниот ден поточно во среда ќе го блокираат патниот правец Штип-Велес.Дел од земјоделските здруженија пак се соменеваат во ваквото ветување на Златков и сметаат дека се работи за нова манипулација и купување време, оти како што велат за нив е нејасно како би се извршила исплатата кога поради велигденските празници, петок и понеделник се неработни денови.

Од друга страна Златков во телефонски разговор за Фактор изјави дека негова обврска се само потпишувањето на налозите, а исплатата сега е во рацете на Министерството за финансии.

„Немам информација, не е тоа моја работа, моја работа е е да ги потпишувам налозите и сеуште потпишувам. Сега ќе ги подготвувам налозите за субвенциите за тутунот за 2016 година. Инаку веќесе потпишани и пратени налозите за субвенциите за 2014, 2015 и 2016 година за млеко, овци, полјоделски култури и градинарски култури.Вкупно за исплата има 92 милиони евра“,вели Златков.

Министерството за финансии сеуште молчи зошто не се исплаќаат субвенциите за земјоделците. Фактор деновиве побара одговор од финансии зошто нема исплата и дали во Буџетот има пари за субвенциите, но одговор досега не добивме. Од СДСМ обвинија дека поради несериозноста и неодговорноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните пратеници, илјадници земјоделци и нивните семејства го дочекуваат Велигден без пари.

„Луѓето се оставени без субвенции токму во времето кога највеќе им се најпотребни за нови вложувања.Дел од нив се задолжуваат за да продолжат да работат. Дел од нив немаат кој да им помогне, и тие, ако не посадат род, следната година нема да има ни од што да се прехранат.Со недели досегашната власт ги лаже земјоделците дека исплатата на субвенциите само што не почнала. Тоа се случува додека секојднево смислуваат нови изговори да не им ги исплатат парите на луѓето, префрлувајки ја одговорноста од една на друга институција“, изјави Љупчо Николовски од СДСМ.

За земјоделците е нејасно зошто сега исплатата ја кочи министерот за финансии Кирил Миноски.

„Прво оправдување беше дека законски оти немало нова Влада па не можело да се врши исплата, се надмина тоа, потоа се бараше нов директор на Платежната агенција, се најде и директор, па тој немал положено испит по англиски, го положи и испитот, и сега што е работата? Зошто Министерството за финансии ја кочи исплатата? На последната средба со министерот за земјоделство Михаил Цветков ни кажа дека сите проблеми се надминати. И министерот Цветков кажа дека има 100 милиони евра за исплата на субвенциите, каде се тие пари сега? Ние сме во полн ек на пролетната сеидба, ама тешко оди без пари“, вели Драги Мицкоски,претседател на здружението Аграр од Прилеп.

Исплатата на субвенциите е стопирана веќе шест месеци.Новата производствена сезона земјоделците ја почнаа без субвенции иако сега им се најпотребни.

„Состојбата е лоша, има луѓе што воопшто ни денар немаат земено за 2014,2015 и 2016 година. Дополнително се затрупани со залихи од пченица и јачмен од лани, сеуште не им се откупени, а сега откупната цена е намалена на 8 денари за килограм.Земјоделците ја почнаа новата производствена сезона без пари, земаат кредити се заглавуваат за да можат трошоците да ги покријат.Субвенциите треба да се даваат кога во периодот кога им се потребни, а оваа состојба ќе влијае врз намалување на земјоделското производство.Земјоделците се разочарани, се продаваат по цели стада добиток, ниви, го напуштаат земјоделството.Овчеполитето е втора житница во земјава по Пелагонија, 3.000 семејства живеат од земјоделство во овој регион“, вели Дејан Гичев претседател на здружението на земјоделски производители „Овчеполски аграр“.

Земјоделските здруженија досега на актуелната влада и дадоа неколку рокови за исплата на субвенциите. Минатата недела дел од земјоделците излегоа на протести пред подрачните единици на Министерството за земјоделство, но залудно, пари на сметка сеуште немаат.Од првиот рок што го дадоа, помина повеќе од еден месец, а земјоделците не видоа пари на сметка. Се чекаше мислење од Антикорупциската комисија, и отакако даде зелено светло се чинеше дека проблемот е решен, но потоа се бараше нов директор на Платежната агенција. Првиот што се постави си даде оставка за пет дена па потоа за нов директор се постави сегашниот Игор Златков. Но повторно се појави проблем, неговата функција не можеше да се официјализира оти немаше сертификат за англиски јазик, па се чекаше да го положи испитот. Сите овии случувања само дополнително ја пролонгираа исплатата на субвенциите. Но сега исплатата заглави во министерството за финансии. Дел од упатените коментираат дека постојат две причини зошто финансии ја кочи исплатата, или во Буџетот нема пари или министерот Миноски не дава дозвола за исплата оти не сака да го прекрши Изборниот законик според кој не смее да се вршат вонредни исплати како што субвенциите се до формирање на нова Влада.

Т.Т


Можеби ќе ве интересира

Ќе се спасуваат земјоделците со дополнителна финансиска поддршка

Ќе се спасуваат земјоделците со дополнителна финансиска поддршка

Николовски им даде ветер во грб на овоштарите чии праски завршија на депонии

Николовски им даде ветер во грб на овоштарите чии праски завршија на депонии

Расфрлани праските по улица-Градско-Прилеп под „опсада“

Расфрлани праските по улица-Градско-Прилеп под „опсада“

Кај соседите ова овошје сега е најисплатлив бизнис

Кај соседите ова овошје сега е најисплатлив бизнис

Црни прогнози за жетвата на пченицата

Црни прогнози за жетвата на пченицата