26 Април, 2024
0.0256

ЛОИ – 2016 или за морализирањето во политиката како манипулација

Објавено во: Колумни 09 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Една од скриените, а сепак темелните мотивации на авторитарната и тоталитарна политичка свест е, што не сака само да управува, ами да владее. Поточно, да господари со животите на луѓето. И да се разбереме – во такви тоталитарни општества прераснуваат сите современи, неолиберални држави, кон какви тендираме и ние (барем во овој аспект). Не мора да го докажуваме она за што на долго и широко говорат плејада современи теоретичари, од Фуко, до Агамбен, инагуирајќи го поимот „биополитика“, како објаснувачка теоретска рамка за тие современи феномени. Она што во случајов ќе се обидеме да го анализираме се домашните состојби, пуштени токму низ таа теориска рамка. Уште Џорџ Орвел, во познатата му „1948“ опишува како една од основните цели на „партијата“ е да загосподари со јазикот, како би загосподарила со мислите на своите поданици. А зошто треба да го прави тоа? Што треба да се импутира во мислите на поданиците? Треба да се истераат „зломислите“, а да се импутираат „добромислите“. Секој тоталитаризам, сака од главите на своите поданици да ја истера секоја мисла што не треба да се мисли, просто, како што вели Орвел, „да биде немислива“. Оти само така системот ќе им овозможи на поданиците „добромисла“ - илузија на среќа. Тоа е навистина точно, контрадикторно, но точно – во тоталитарен систем, неговите граѓани можат целосно да поседуваат чувство на среќа. Интенцијата на системот е да креира илузија на среќа. И токму од тие причини, „грандиозните“ социјални интервенции се пропратени со интервенции во јазикот, како средство за посредување кое треба да го перпетуира ова чувство на среќа. Но, затоа прво треба да го одреди, т.е. да дефинира што е среќа. Затоа, многу често, тоталитарната идеологија, особено на почетокот, го облекува плаштот на моралот. Етиката, како наука, се разбира, е повикана на разграничи што е добро, а што е зло, да одреди што е добар, а што лош живот. Затоа прво кон што посегнува тоталитарниот наратив е етиката. Но, при тоа - што е особено важно - не етиката сфатена како теориска наука во која се дебатираат и анализираат овие морални феномени, туку етиката како нормативна наука, која пропишува поведение! Е, токму само и единствено тоа - да пропишува и ја интересира тоталитарната моќ. Таа не е заинтересирана за етиката како теориска етика каде би требало да се дебатира и да се брусат аргументите, пред конечно да се одреди во некоја ситуација што е добро, а што зло. Не, неа ја интересира само проскрипцијата - моќта само сака да пропише, а не и да преиспита. Моќта не прашува, не се извинува, не пардонира – наредува; во случајов злоупотребувајќи ја етиката, криејќи се зад етички категории. И токму затоа тоталитарната идеологија обожава да се преоблекува во морал. Облекувајќи го плаштот на моралот, тоталитарната моќ се прекрива за да не се покаже што всушност навистина е: идеологија во одбрана на ситни (а бога ми и на крупни) интереси на грст луѓе. Затоа на идеологијата и ù треба етиката - за да покаже дека говори за „вредности“, а не за „обични“, „приземни“ интереси. И колку повеќе, почесто и за повисоки вредности говори, верувајте, толку поголеми интереси се во прашање. Затоа, на пример секој Американец верува дека „Америка ис д грејтест нејшн“, и затоа не само што Американците се борат за „вредности“, ами тие се умислени дека се и епитомизација на сите вредности во современиот свет и на сето вредно вооопшто, што им дава за право да ги „дистрибуираат“ таму каде што, според нив, ги „нема“... а во основа на сето ова стои само еден интерес на грст луѓе, ништо повеќе. Затоа, секогаш кога ќе видите обид за промовирање на вредности од страна на институционализирана моќ, бидете внимателни! Во принцип, затоа што промоцијата на одреден сет морални вредности, секогаш тендира да се универзализира, да се промовира во единствен сет вредности, а таа универзализација транспонирана на општествено-политичко ниво, секогаш значи инклинација кон тоталитаризам. „Природата“ на етиката која нормира е да се промовира не како „една“ од можните етики, туку како „единствена“; и кога таквата единствена, универзална етика ќе се понуди во форма на социјална етика, како етика која треба да ги нормира односите во општеството, таа нужно од „универзална етика“, прераснува во тоталитарна социјална стварност. Затоа „ми бодат очи“ сите реклами за „трето дете“, па дури и за тоа дека со имањето деца сме „поблиску до Бога“!? Како тоа „поблиски до Бога“ – та зар монасите, испосниците, аскетите, кои се бездетни, веројатно и девствени, се најодалечени од Бога, бадијала што се во манастир!? Затоа сум крајно сомничав кога системот се „грижи“да „не пушам“, „да не пијам алкохол“, да „спортувам“, да „водам здрав живот“... не затоа што тоа не е добро, секако дека сето тоа е добро, туку затоа што е „нормирано“ од неприкосновена институционализирана инстанца на моќ, која во својот краен мотив секогаш крие волја за моќ, а оттука и тоталитатрен хабитус. Затоа и го гасев телевизорот, или го менував каналот на полувремето во текот на Европското првенство во фудал (за кое, патем сум разочаран што победи тимот со најлоша игра) и посегнував во фрижидерот по добро, ладно пиво, наместо по трето дете! Се надевам дека на паузите за време на Олимписките игри, нема да не советуваат на секоја пауза да правиме дете!? д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД