29 Март, 2024
0.0353

Лов на вештерки

Објавено во: Колумни 12 Декември, 2012

Добивај вести на Viber

На обичниот човек му е тешко е да замисли дека во 21-от век сеуште постои лов на вештерки. И тоа класичен лов на вештерки, онаков каков што можеме да видиме само во холивудските филмови. Но, она што за поголемиот дел од светот е фикција, во некои земји од Африка претставува сурова реалност. Примери за лов на вештерки можат да се најдат во Танзанија, Камерун, Бенин, Нигерија и сл. Во тие „егзотични“ земји се случува одредени индивидуи да бидат обвинети дека со своите „натприродни“ способности придонеле да се случат одредени несреќи: лоши жетви, болести, поплави, суши итн. Соочени со силните „аргументи“ на обвинителите, жртвите немаат никакви изгледи да се одбранат. По кратка постапка стекнуваат статус на вештерки, а начинот на кој ќе бидат погубени зависи од фантазијата на нивните џелати. За разлика од африканскиот континент, Европа важи за лулка на цивилизацијата и демократијата. Класичниот лов на вештерки на стариот континент заврши во 18-от век. Во денешно време ние кои имаме среќа да живееме на овие простори се соочуваме со некој поинаков „лов на вештерки“. Пред еден месец во Република Македонија пристигна најновиот Извештај на Европската комисија, каде што се дадени оценки за напредокот на нашата земја на патот кон Европската Унија. Во Извештајот, меѓу другото, се дава оценка и за нашите достигнувања на планот на борбата со перењето пари. Притоа, Европската комисија излегува со став дека бројот на доставени извештаи до Управата за финансиско разузнавање во текот на 2011 година е намален за 32%. Таквата појава Европската комисија ја смета за сериозна слабост во поглед на имплементацијата на процесот на спречување на перење пари. И, што од тоа? Каде е тука проблемот? Сите оние кои се малку поупатени во таа проблематика (претпоставувам дека тука спаѓаат и господата од Европската комисија кои го пишувале Извештајот), знаат дека перењето пари претставува кривично дело. За да биде еден субјект осомничен дека можеби е вклучен во перење пари, потребно е оној кој го изразува сомневањето да има одредени аргументи, или барем индиции за своето тврдење. Аргументите или индициите дека некој се занимава со перење пари се стекнуваат преку постапката наречена анализа на клиентот (customer due dilligence). Да претпоставиме дека една финансиска институција во текот на еден месец извршила 50 анализи на своите клиенти. Врз основа на проучувањето на дејноста на еден својот клиент, географското подрачје од кое истиот доаѓа, производите или услугите што тој клиент ги користи, трансакциите што ги извршува и слично, таа финансиска институција дошла до заклучок дека за нејзиниот клиент не постојат ниту аргументи, ниту индиции дека истиот е вклучен во процесот на перење пари. Понатаму да претпоставиме дека финансиската институција во сите 50 анализи дошла до заклучок дека нејзините клиенти не се вклучени во процесот на перење пари. Притоа, анализите се издржани, аргументирани, во целост е почитувано „словото на законот“ при нивното спроведување. А сепак, таа институција не доставила ниту еден извештај за извршена сомнителна трансакција до Управата за финансиско разузнавање. И сега следува прашањето: Дали таа институција треба да биде казнета зашто не исполнила одредена квота или треба да биде почитувана зашто во целост ги применила домашните и меѓународните стандарди за анализа на клиентот? Што е поважно за Европската комисија? Квантитетот или квалитетот? Или можеби е полесно да се критикува само за она што претставува статистичка категорија (бројот на доставените извештаи), без притоа да се согледа суштината на работите и да се обрати внимание на квалитетот на доставените извештаи. Крајно е несериозно да се бара од финансиските институции (и другите субјекти кои имаат обврски согласно Законот за спречување на перење пари) да доставуваат извештаи со кои ги сомничат своите клиенти дека е можно да се вклучени во извршување на кривично дело, само за да бидат задоволени одредени „норми“ на Европската комисија. А аргументите за доставувањето на извештаи на тој начин? Сите во лов на вештерки! д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?