МАДРИД СО УЛТИМАТУМ ДО БАРСЕЛОНА: Пуџдемон да „дејствува разумно“
Објавено во: Свет 18 Октомври, 2017
Мадрид ѝ даде нов рок на Барселона.
Официјален Мадрид ѝ постави ултиматум на Барселона, а доколку не го испочитуваат, шпанскиот парламент ќе и ја укине автономијата на регионот Каталонија. Ова го потврди вицепремиерката, Сораја Саенз де Сантамарија од собраниската говорница во Мадрид.
Каталонските власти имаат рок до утре да се изјаснат дали ја повлекуваат одлуката за независност или не.
„Доколку сепаратистичкиот лидер Карлес Пуџдемон не обезбеди задоволувачки одговор до утре, тогаш тој ќе испровоцира активирање на членот 155 од Уставот“- изјави Саенз де Сантамарија.
Овој член предвидува дека Владата во Мадрид има право директно да интервенира во автономен регион доколку тој не ги исполнува своите обврски кон централната Влада или пак работи на штета на Шпанија. Можно е Мадрид да распредели војска во сепаратистичкиот регион и целосно да ги укине локалните институции.
Шпанскикот премиер Маријано Рахој упати апел до каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон да „дејствува разумно“ бидејќи се приближува рокот за откажување од независност. Рахој побара од каталонскиот лидер да ги стави интересите на граѓаните во прв план.
Синоќа околу 200.000 луѓе во Барселона бараа ослободување на Жорди Санчес и Жорди Куишарт, водачите на сепаратистичките организации „Национално собрание на Каталонија“ и „Омниум култура“, кои беа уапсени поради поттикнување бунт.
Регионалната Влада пак оцени дека одлуката на Врховниот суд на Шпанија за одредување притвор на каталонските сепаратистички лидери претставува „провокација од страна на шпанската држава“.
Референдумот за независност има и економски последици. Иако нема санкции од официјален Мадрид, туризмот во Каталонија, кој изнесува голем процент од регионалниот БДП трпи сериозни штети. Само за две недели по референдумот, туризмот забележа пад од 15%.
Каталонците на 1 октомври на референдум се изјаснија дека сакаат отцепување од Шпанија.