28 Март, 2024
0.0273

Македонија гори, Ахмети го „чешла“ јазикот!

Објавено во: Економија 20 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

Во време кога сиромаштијата и обесправените во земјата открија дека за нивните проблеми е виновна врхушката на власт и се изборија за формирање  на Специјално јавно обвинителство на Али и другарите им текна да бараат „преку леб погача“. И не дека многу се заинтересирани „погачата“ да ја поделат со своите партиски симпатизери, туку повеќе од очигледно  е дека работат на добивање на време и пролонгирање на решенијата. Целта е да им се помогне на старите тендер коалиционите партнери,  а најмалку на  сопственото гласачко тело.

Навидум од ненадеш, но сигурно со добро обмислен план Али Ахмети, го промени приоритетот на целите. Наместо да се забрзаат активностите за да се  формира влада која веднаш треба да се зафти со спроведување на реформите на кои се укажува во извештаите на Прибе , „факторот“ од кој зависи формирањето на нова влада, се отиде кон неразумни барања. Почнаа да се барат форми на гаранции кои повеќе личат на уцени отколку на конструктивни барања на граѓани кои протежирааат граѓански концепт на живот во Македонија.

Без контакт со актуелностите во земјата,  Али на прво место го постави официјализирањето на албанскиот јазик, иако во предизборната кампања тоа и немаше „тежина“ на проблем. Заинтересираните граѓани беа задоволни со опозициските ветувања за целосно спроведување  на уставните одредби со кои се  операционализира Охридскиот договор. Голем дел од нив тоа го изразија и со гласање за кандидатските листи на опозицијата. Потврдија дека приоритетот на власта е борбата против криминалот, а клучна претпоставка за тоа е на СЈО да му се создадат услови за поефикасно работење.

Може да се разбере, но не и да се оправда ваквиот пресврт во однесувањето на Ахмети. Јасни се проблемите со кои се соочува и тој и неговата партија, по преполовувањето на освоените пратенички места во новиот парламент. Меѓутоа, дибидуз е нечесно поволната позиција што му ја пружаат тесните изборни резултати да ја користи и за уценување со  противуставни барања до потенцијалните коалициони партнери за формирање на влада. Упропасти 40 дена во преговори, а без трунка одговорност не се либеше да каже или во негово име кажуваа неговите, дека тој процес може да трае и со години. Божем сега му е мајката да се оствари и нешто повеќе од утврденото со Охридскиот договор и да се поврати довербата на гласачите во неговата партија. Како да е тоа услов без кој не се може државата да мрдне напред. А заборави на се‘ она за што граѓаните, вклучувајќи ги и албанските, бараа изминатите две години. 

Токму кога албанските гласачи повеќе од јасно го покажаа својот сенс за државотворност, Али им се „наплука“. Но нивната предизборна порака веќе е пратена и албанските лидери колку и да сега се обидуваат да играат на картата на национализмот само дополнително предизвикуват револт кај сопственото гласачко тело. Тие го покажаа сопствениот приоритет и вербата дека дека  со ослободувањето на „заробената држава“ од оптужените за криминал во врвовите на власта нема прашање за кое нема да може да се разговара, со цел да се унапреди рамноправноста на сите граѓани. Тоа е интерес и на мнозинскиот народ, за да се обезбеди просперитет во државата. А демократски ориентирани партии тоа нема да го пренепрегнуваат.

Загрижувачка е пораката на и „платформашот“ Зијадин Села. Кога за кратко се почуствува како фактор, наместо да го послуша гласот на албанскиот граѓанин, по инерција ја „лапна“ националистиката реторика, па ќе рече, решението за јазикот мора да биде во согласност токму со заедничката платформа од која нема отстапки, бидејќи во спротивно нема да дадат поддршка за формирање на нова влада. Невидено агресивно на јавна сцена. Дури и без чувство дека тоа може да предизвика и контрареакции од сите што се чувствуваат загрозени од одлагањето на избор на влада во недоглед.

Во овој контекст, запрепастувачки е потценувањето на бројните проблеми од животно значење на сите граѓани за сметка на „јазичното“ прашање на Албанците. Имајќи предвид што се‘ ја чека новата реформска власт, а за „што“ на Ахмети му требаат години, нема оправдување за опструкциите што побрзо да се формира влада. Тој не ќе може да ја избегне одговорноста за штетите што се случуваат секој ден. И најнеинформираните чувствуваат дека Македонија гори, а Ахмети го „чешла“ јазикот.  Неверојатно е дека не сфаќа оти сите опции освен брзо формирање на влада се наведување на водата на воденицата на оптужените за криминал. А тоа значи поддршка за нив, на сметка на расчистувањето со криминалот и корупцијата во земјата. А со таков товар  нема можности за поместување на земјата од дното на сите табели кои ги прикажуваат реалните остварувања за стандардот, за платите, за пензиите, за условите во здравството и образованието. Да не зборуваме за неповолните трендови во економијата, дефицитот во пензискиот фонд, за порастот на нееднаквоста во општеството, за партизираната држава, за контролираните медиуми, за  цветањето на корупцијата...

Грижите за иднината ги погодуваат сите, а најмногу сиромашните и обесправените. А такви има во сите етнички заедници.  Тие сите имаат потреба од подобрување на социјалните позиции. Неизвесности ги притискаат и бизнисмените. Загрижени се за неисплатените побарувањата од страна на државата и негативните реперкусии од тоа врз нивното работење. Грижа искажа и Европската комисија. Смета дека политичката неизвесност е ризик за земјата. Таа ќе направи притисок врз девизните резерви, врз банкарските депозити, врз странските инвестиции и дознаки, а може да дојде до намалување на фискалните приходи. Јавниот долг продолжува да се ѕида поинтензивно, без соодветни ефекти врз растот. Голем број граѓани преживуваат со задолжување на кредитни картички, како што државата опстојува со нови задолжувања за да ги враќа старите. Меѓутоа, и граѓаните и државата тоа не можат да го прават во недоглед. Долговите мора да се платат.  А тоа боли. Несреќа е што граѓаните ќе треба да ги плаќаат и своите и државните долгови произедени од Груевски и Ахмети и во периодот додека бараа чаре како заедно да си ја спасат сопствената кожа и во изминатиот десетгодишен период кога ги „делкаа“ граѓаните за да ги задоволат сопствените и партиските финансиски апетити .

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон