24 Април, 2024
0.0264

Македонија може да учи од Словенија: Кротко јагне од две мајки цица!

Објавено во: Економија, Колумни 05 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Може ли да се биде пријател со Русија, а истовремено член на НАТО и ЕУ? За многумина одговорот на ова прашање е во изборот меѓу змијата и магарето. Словенија веројатно го најде вистинскиот одговор. Кротко јагне од две мајки цица. Нејзиното членство во НАТО и ЕУ мина спокојно во Русија. Дури повеќе од тоа денес тие две земји имаат односи незамисливи за ниту една членка на Алијансата или на ЕУ. Словенија воведува ембарго, Русија го прифаќа тој факт, воведува контрасанкции, а Словенија се помирува со тоа. И, згора на тоа меѓусебните односи се оценуваат како одлични и од двете страни. Повод за текстов е последната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Словенија. Тоа не е негова прва посета. Беше пред пет години, како премиер. А пред тоа како претседател во далечната 2001 година на средбата на врвот со тогашниот американски претседател Џорџ Буш, при што имаше средби и со својот домаќини, претседателот Милан Кучан. За посетите на првите лица од Словенија на Русија да не зборуваме. Милан Кучан и Јанез Дрновшек беа во Москва или Сочи по неколку пати. Русија ја имаат посетено и Данило Турк, Јанез Јанша, Антон Роп и сегашниот претседател Борут Пахор. Кој како премиер, кој како претседател. Која е магијата на ваквите односи и дали воопшто станува збор за магија? Дали фактот дека Словенија многу посветува на славјанската култура, на што „паѓаат“ Русите? Или пак тоа што Словенија за разлика од некои други славјански држави членки на НАТО нема никакви претензии и не „р’жи“кон Русија? Секако имаат улога и едното и другото, но сметам дека најглавен е прагматизмот на Словенците. Државниот интерес пред и над се. Словенечко руската соработка кулминираше во далечните 2001-2002 година. Претходно Стопанската комора на Словенија направи СТРАТЕГИЈА на стотици страни за стопанска соработка со Русија. Беа повикани сите компании кои имаат некакви економски односи со Москва да се вклучат во разработка на документот. И кога беше подготвен им се понуди на политичарите. Во тој период, премиерот Јанез Дрновшек имаше дури четири средби со претседателот Путин. Три пати со него се среќаваше и претседателот Милан Кучан. Тој тогаш во една прилика изјави:„ Го поправаме без основа долгиот прекин кој траеше од 1991 па речиси до 2001 година“. Во 2001 година, според руски податоци, размената меѓу двете земји порасна за 41 процент и дојде до 600 милиони долари. Според тогашните очекувања на Путин, стоковната размена се очекуваше да достигне една милијарда долари. Која беше причината за наглото свртување на Словенија кон Русија? Според некои словенечки експерти од тоа време, „Словенечката политичка елита е насочена кон Запад каде што владеат мултинационалните компании, па на словенечкото стопанство му е тешко таму да најде простор за себе“. Оттука и посетите на словенчките лидери на Русија, пред се носеа стопански карактер. И најмногу создавање правна и политичка клима за унапредување на соработката. Како и другите земји и Словенија тогаш увезуваше од Русија најмногу нафта, гас и други суровини. Но затоа пак таму пласираше готови производи од бела техника , електроника, лекови...КРКА дури изгради фабрика за лекови во Подмосковјето. Едно време дури 80 проценти од сите цариници во Словенија разговараа преку телефонските централи на ИСКРА, како и некои специјални служби. Што се однесува до клириншкиот долг во 2010 година беше договорено, долгот од речиси 130 милиони долари, да се врати дел во готовина и дел во стока. Словенците успеаја во намерата и добија 76,62 милиони долари готовина. Другите републики од поранешна Југославија, колку што знам целиот долг го наплатија со стоки. Според податоците за билатерланите економски односи меѓу Словенија и Русија во 2013 година стоковната размена надмина една милијарда евра, но во 2015 година падна на близу 800 милиони евра. Годинава таа се очекува и натаму да опаѓа.И тоа најмногу во делот на словенечкиот извоз во Русија.Руските санкции си го прават своето. Во структурата на словенечкиот извоз сега доминираат лековите, па потоа производи од машинската индустрија, електро апарати, хемикалии и разно бои и лакови. Додека пак од  Русија најмногу се увезуваат и натаму суровини. Било да е нафта, алуминиум, сурова кожа, но и алатки, прибори за јадење и целулоза и разни хартии. И токму во ваков момент дојде до посетата на Путин на Словенија. Официјално двајцата претседатели ги разгледале проблемите на безбедноста, борбата со тероризмот, различни прашања од билатералната соработка, а посебно во трговско-економските и хуманитарните сфери. Што се стои за оваа формулација, може да се нагаѓа. Но, со сигурност може да се каже дека се разговарало за односите со НАТО,. Особено што пред самата посета од Москва стигна абер дека таа е подготвена да разговара со Алијансата, па дури и даде конкретни предлози за темите на разговорите. Борут Пахор во јавниот дел на средбата со Путин повика на дијалог и обединување на силите за борба со сериозните закани врз современоста и покрај оддалечувањето на двете земји една од друга, по сила на приликите. „ На Словенија и требаат пријатели, и таа сака да има што повеќе пријатели. На Словеија и треба мир за да може нопрмално да се развива...“, рече Пахор. Путин од своја страна, пак, акцентот го стави на економијата, иако нагласи дека за час и половина, колку што се возеле до Крањска гора со автомобил, тој со Пахор разговарале и за прашања поврзани со безбедноста и борбата со тероризмот. Според Путин се разговарало и за трговските односи меѓу Русија и САД и Русија и ЕУ. Трговската размена со САД од 28 милијарди долари е пданата за три до пет милијарди, додека онаа со ЕУ од 445 милијарди е падната на 225 милијарди! Официјалниот повод за посетата на Путин всушност беше отворањето на споменикот на загинатите руски и советски војници во двете светски војни, во Љубљана. А имаше и меморијална церемонија по повод 100 годишнината од изградбата на Руската капела на планинскиот премин Вршич. Оваа посета беше повод за љубезности од двете страни. И посебно благодарност на Путин кон Словенија и Словенците за се она што го прават и го направиле за зачувување на сеќавањата кон жртвите. Што правиме ние? Од неколку компании кои имаа свои претставништа или фирми во Русија сега паднавме на една (Алкалоид). Неколку градежни компании кои имаа углед на рускиот пазар си ги свиткаа опашките и заминаа. Извозот на мебел, кожни производи и чевли е нула. Извоз на машински производи речиси е исто така. Стоковната размена со Русија е катастрофална. Имаме постојан дефицит во неа. Извозот понекогаш во изминативе години бил десет пати помал од увозот. Според Државниот завод за статистика во 2014 година извозот бил околу 42 милиони долари, а увозот над 140 милиони долари. Сега во извозот се’ се сведува на лековите, земјоделски производи, акумулатори и нешто машини. Но тоа е толку малку. Посебна приказна е наплатата на клириншкиот долг. Изградбата на гасоводот во замена на речиси седумдесетте милиони долари е нечија игра. Се чини најскапо платен гасовод. На политички план, пак, власта не знае што да прави. Едо око гледа на Запад, а друго кон Русија. Јавно е за едно, тајно е за друго. Така е кога во изминативе години државниот интерес се стави на заден план. Кога нашите политичари се водеа и се водат од лични и партиски интереси. Дури и во односите со странците. А во меѓувреме државава пропаѓа и прашање на ден е кога одвнатре ќе се јави некоја сила што ќе ја распадне. А Словенија? Ние можеме само да учиме од неа, како се става здрав темел на државата, како се сака држава, како се гаи државен интерес и како се води политика во интерес на граѓаните.  Независно дали зад тебе стојат змијата или магарето. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата