24 Септември, 2017
0.4637
    ALK 7297.6    -0.03%     GRNT 870    -0.99%     KMB 2883.3    -1.59%     KPSS 485    -2.81%     KVAS 10670    -3%     MPT 30201    -2.58%     MTUR 4700    2.17%     OKTA 3300    10%     PKB 14500    0.07%     RZUS 120    -1.64%     SBT 2219.26    -0.89%     STB 938.54    -1.78%     STIL 134    3.08%     TEL 279    -0.49%     TNB 13300    0.4%     TPLF 1601    -0.32%     TTK 776    -3%

Македонија не е Србија!

Објавено во: Колумни 18 Август, 2017

Интервјуто на македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска за американската агенцијата Блумберг, одново ги разгоре страстите на дипломатска Москва. Официјалниот претставник на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова во вторникот се огласи со одговор на поставено прашање од медиуми: „Како Вие би ја прокоментирале провокативната публикација на агенцијата „Блумберг“ со обвинувања за вмешување на Русија во внатрешните работи на Република Македонија? Захарова не го чекаше редовниот брифинг со новинарите, кој го одржува секој четврток, туку тоа го направи два дена порано во вторникот, што говори за серизна вознемиреност на Русија од искажувањата на Шекеринска.

А што кажа ново Шекеринска што не им се допадна во руското министерство за надворешни работи? Според официјалниот документ објавен на сајтот на Министерството за одбрана на Македонија таа рекла дека: Новата влада на Република Македонија ги засилува своите напори за влез во НАТО, тврдејќи дека членството во воениот сојуз ќе ја заштити оваа балканска земја од „мешањето“ на Русија во нејзините внатрешни работи. Исто така дека : „Влијанијата кои се плеткаат во оваа стратешка цел не се корисни и не се пријателски. Протекоа определени информации, дури и пред изборот на владата, за руските обиди за влијание во клучните политички и безбедносни области. И загрижени сме за нив. Ние веруваме дека членството на Македонија во НАТО може да стави крај на овие обиди“. Би рекле ништо ново што не е кажано во јавноста, а сега и офцијално од власта.

Токму овие зборови на Шекеринска ја поттикнаа Захарова да побара разјаснување.

„Со оглед на основаните сомневања во добросовесноста на „Блумберг“ сметаме на разјаснување од македонска страна во однос на вистинитоста на искажувањата што и се припишуваат на Радмила Шекеринска, до денес недемантирани и дури опубликувани на сајтот на Министерството за одбрана на Македонија. Ваквите искажувања се во остар судир со уверувањата на официјално Скопје за стремежот на Владата на Македонија за развој на конструктивни и заемно корисни односи со Русија и на сите можни начини проширување на руско-македонската соработка.“

Таа побара и од „Блумберг“ да го публикува целиот текст на интервјуто или снимки или аудиозапис од него. За неа станува збор за провокација на агенцијата, како што од таа агенција било направено со српската премиерка Ана Брнабиќ. Српската премиерка, после објавеното интервју за „Блумберг“ предизвика зовривање на страстите во Белград, но и во Москва со своето тврдење дека „Ако Србија мора да бира меѓу ЕУ и Русија, би се одлучила за ЕУ“. По реакција на Москва таа со стенограм од средбата отишла кај рускиот амбасадор во Белград, по што е констатирано дека американската агенција погрешно ги интерпретирала нејзините зборови и дека нема таква изјава.

Захарова истовремено изјави дека „Обвинувањата за вмешувањето на Русија во внатрешните работи на Македоија се измислени и се потпираат врз невистинити обвинувања од страна на русофоби…Во тие инсинуации гледаме обиди на непријателите  на Русија и Македонија да ги отежнат традиционално пријателските врски меѓу нашите земји, да го оттргнат вниманието на македонските граѓани од реалните закани врз суверенитетот и територијалната целосност на нивната земја, поврзани во тие рамки со линијата за туркање на Скопје во НАТО по било која цена, без да се води сметка за основните национални интереси.“

Е, Радмила Шекеринска не е Ана Брнабиќ или поточно Македонија не е Србија. Сето погоре искажано е повторување на досега давани изјави на руската дипломатија. Таа никако да свати дека Македонија не сака да биде неутрална земја како Србија. Барем мнозинството нејзини граѓани. Во Србија ситуацијата е обратна, па таму може рускиот амбасадор да бара појаснувања од Брнабиќ. Впрочем текстот од „Блумберг“ го има на сајтот на МО што значи дека тоа што е во него е искажано од Шекеринска и нема потреба од објаснувања или разјаснувања.

Како да се сфати рускиот однос? Русија нема да ја остави Македонија раат се до нејзиното влегување во НАТО. И неа и е јасно дека и Македонија, како што тоа го направи и Црна Гора, сака да влезе во НАТО што побрзо. Во отсуство на стратегија за настап на Балканот кога сите држави од регионот, освен Србија засега, сакаат да влезат во НАТО и ЕУ, Русите се однесуваат како слон во продавница за стакло. Заборавија дека возот замина во почетокот на деведесеттите години. А обидите во последниве две до три години да се спаси нешто, освен празна реторика не успеваат. Дури и Мило Ѓукановиќ, кој дуваше во иста свирка со Русите додека му требаа, сега ги отфрли и ја прифати понудата од Западот.

Затоа она што се случуваше со Црна Гора во наредниот период ќе се случува и со Македонија. За такво нешто мора да бидеме подготвени. Русија ќе направи се да ни го загорчи тој пат. Нема да се откаже од пропагандата, дали директно преку руските медиуми или српските и наши домашни, таа ќе продолжи со нејзината приказна. Можеби ќе влијае и врз Грција да биде непопустлива. Впрочем и мнозинството руски експерти веруваат дека Грција нема да попушти во спорот за името. Но, ниту еден од нив не кажува како може Русија да има двојни стандарди во поглед на членувањето во НАТО на балканските држави. На пример, нејзините односи со Словенија се „медени“, а таа е членка и на НАТО и на ЕУ и воведува санкции кон Русија! Ако веќе го обвинуваш Западот за двојни стандарди не го прави тоа и ти самиот. Наместо да се зафатат со работа и да создадат визија за соработката со балканските земји по нивното влегување во НАТО, да имаш пријатели, а не да создаваш непријатели, Русите сакаат патот кон Алијансата да го постелат со трње.  Некои политички коментатори дури предупредуваат. „Политичарите во Македонија...треба да стравуваат дека нивните американски покровители им ја доделиле улогата на сакрални жртви заради тоа, да можат потоа се’ да натоварат на Русија и на тој начин да ги турнат тие земји во Северноатлантската алијанса. Според црногорското сценарио...“ Што е ова ако не закана за формирање сили внатре во државава кои како во Црна Гора ќе настојуват да внесат смут, не дај Бог нешто повеќе. Таа ли ќе биде цената што ќе ни ја испорачаат Русите за влез во НАТО?

Но, како и секаде и во Русија има луѓе кои со своите погледи отскокнуваат од мнозинството копи-пејст експерти хранети од еден центар. Па така еден таков новинар-експерт си го поставува прашањето: „Со што може Русија да се спротивстави на Запад во Македонија? Прашањето е отворено. Според се’- многу малку. Притоа да се игра таму со големи влогови нема никаква смисла (таква е вкупната вредност на таа земја) – со крупни влогови требаше да се игра во Црна Гора. За разлика од неа, Македонија нема излез на море, речиси од сите страни е опкружена со земји од НАТО и претендира на бронзен медал за најпроблематична ( од социјална, економска и политичка точка на гледање) земја   во Европа, ако не се сметаат Украина, Молдавија и Косово.Постои и ваква верзија: на Американците и Германците им се сака токму вовлекување на Москва во борба за Македонија. Бидејќи Москва во крајна линија секако ќе ја загуби Македонија, но истовремено би се оттргнала од многу поважни за играчите правци – Украина и Сирија.“

Очигледно е дека во моментов Москва нема начин, освен да го отежни со некое црногорско сценарио, да го сопре одењето на Македонија кон НАТО. Но, навредените големи играчи на светска сцена не ги забораваат ударите. Русија е постојан член на Советот за безбедност. Ако дојде Македонија, по некој случај, на дневен ред таму, тогаш Русија ќе возврати. Не знам дали може такво нешто да се случи за прашањето со името.  Да не го заборавиме минатото. Авантурата на Васил Тупурковски и неговите пајташи со признавањето на Тајван ја чинеше Македонија војна. Кина, постојан член на СБ на ОН, кога требаше да се гласа за продолжување на мандатот на силите на УНПРЕДЕП, распоредени на границата со Косово, стави вето. Знаеме што се случи потоа. Неа воопшто не и беше гајле за тоа што може да се случи со Македонија. Нејзиниот реванш имаше страотни последици.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Нови пропагандни фронтови

Нови пропагандни фронтови

Моралот, политиката и градските татковци

Моралот, политиката и градските татковци

Стимулирање на трансферот на знаења и иновации во земјоделството

Стимулирање на трансферот на знаења и иновации во земјоделството

Ѕвечка оружје на северот од Европа

Ѕвечка оружје на северот од Европа

Наука и политика

Наука и политика