29 Март, 2024
0.0242

Македонија во слободен пад (дали само) според перцепцијата на корупцијата

Објавено во: Колумни 26 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Според сите извештаи и оценки за состојбите во земјава, особено сериозно се издвојува проблемот со корупцијата. Република Македонија со потпишувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата - UNCAC, согласно обврските кои произлегуваат од неа, во 2002 година формира Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Основната задача на Комисијата е да креира краткорочни, среднорочни и долгорочни превентивни политики со кои ќе се стесни просторот за корупција во републиката, ќе се воспостават соодветни механизми на контрола на движењето на парите, јавните набавки, имотот и имотната состојба на избраните и именувани лица во законодавната, извршната и судската власт, на централно и на оние избрани и именувани лица кои извршуваат јавни функции во локалната самоуправа. За таа цел ДКСК донесува Државна програма за спречување на корупцијата која е обврзувачка за сите институции од законодавната, извршната и судската власт на сите нивоа. 

Инаку, Комисијата согласно позитивните законски решенија, за остварување на своите надлежности, нема оперативни капацитети да води истраги, но има законска обврска да поднесува прекршочни и кривични пријави во сите случаи кога ќе оцени дека во конкретен случај има основи на сомнение дека има судир на интереси или е сторен прекршок или кривично дело од корпусот на коруптивни казниви дела.
Стартот и работата на ДКСК беше следен со голем број контраверзи, од избор на лица кои истовремено извршуваа функции на кои владата ги именувала; отворен судир со Јавното обвинителство; професионализација на комисијата; периоди на нетранспарентност во работењето, се до именување на нејзини членови и поставување на нејзин претседател кои отворено ја финансирале кампањата на партијата на власт.
Сепак, во првите десетина години од постоењето на ДКСК, Република Македонија напредуваше на глобалната листа на Транспаренси, за перцепцијата на корупцијата, така од 103, се најде на 62 - ро, водечко место, пред земјите од опкружувањето и поширокиот регион, изземајќи ја Словенија, а клучот на прогресот беше што се работеше транспарентно и отчетно.

Од 2011 година, Република Македонија почна полека да паѓа на таа листа, за во извештајот за минатата 2016 година да се најде во слободен пад и зад нас, од земјите од опкружувањето и регионот, да биде само Косово.
Поразително! Но дали е проблемот само во ДКСК? Сигурно дека ДКСК има сериозна вина за моменталната состојба заради нејзиното нетранспарентно, неотчетно и дилетантско работење (потсетете се на пресот на Миленков во врска со имотниот лист на Груевски), но Комисијата не е единствениот виновник за слободниот пад на листата. 

Одговорноста се крие пред се во Собранието и Владата на Република Македонија, во институциите на законодавната, извршната и судската власт.
Борбата против корупцијата не е ексклузивна обврска на ДКСК, таа е обврска на сите, на полицијата, регулаторните тела, ревизорските куќи, а особено на јавното обвинителство и секако судовите. Ако се погледнат поднесените кривични пријави од ДКСК против избрани или именувани лица од централната или локалната власт, ќе може да се констатира дека најголем број од нив произлегуваат од незаконитости и сомнежи за незаконско трошење буџетски средства и корупција констатирани со конечни ревизорски извештаи, поткрепени со материјални докази, но обвинителството тие предмети ги чува и со години ништо не презема, не затоа што не може, туку затоа што не смее, бидејќи корупцијата е спирала која ако почне да се следи оди до највисоките структури во власта. Секако, тие што се поставени од власта, и да сакаат, не смеат заради сопствениот интерес и кариера да се замерат со оние кои имаат моќ со еден телефонски разговор да ги разрешат или да ги решат.

Непосредно по објавувањето на последната листа за перцепција на корупцијата, на сите национални телевизии, се појави актуелна пратеничка, која онака полна со себе, за слободниот пад го обвини екс техничкиот, а сега актуелен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, бидејќи, како што кажа, за цело време на неговото раководење со МВР, не презел и не реализирал ниту една акција за борба против организираниот криминал и корупцијата. И во право е...но не само Спасовски, туку ниту еден министер пред него не презел и не реализирал каква и да е акција против организираниот криминал и корупцијата, а никој нема ни да преземе. 

Разбирливо, секој неупатен ќе се запраша зошто, а одговорот е едноставен - затоа што министерот за внатрешни работи е политичка фигура, која согласно Законот за организација на органите на државната управа предлага, а Владата именува директор на Бирото за јавна безбедност, а тој, директорот е тој што раководи со полицијата и тој е одговорен да ги планира, организира и реализира, меѓу другото и акциите против организираниот криминал и корупцијата. Во конкретниот случај имавме технички министер, кој беше лимитиран во водењето на кадровската политика, особено во делот на предлагањето и именувањето на директорот, така што во тој поглед виновни се креаторите на Пржинскиот договор.

Наместо топката да се префрла од едни на други, треба убаво да се препрочита извештајот од д-р Рајнхард Прибе, да се исчистат и проветрат институциите од која било партиска смрдеа, особено МВР, регулаторните тела, обвинителството и судовите, а ДКСК да си ги препрочита своите законски надлежности, да се зафатат за работа или ако не можат да се носат со обврските, нека си поднесат отставка, бидејќи има луѓе со знаење, капацитет и идеи кеко да се превенира корупцијата.
Корупција имало, има и ќе има се додека постои и човекот, но клучното прашање е како државата се справува со случаите за кои постои сомнение за корупција. Во некои земји ригорозно се казнуваат сторителите, во некои други се изрекуваат сериозни казни, трети држави и не реагираат, затоа што корупцијата е стил на живеење и функционирање во нив.

Имајќи предвид какво ни стојат работите, треба ли да го следиме примерот на некогашната Австриска монархија, која не можејќи да се справи со овој проблем во анектираната Босна, донесе закон со кој ја утврди висината на средствата со кои може да се потплатат одредени категории службеници.

Лично сум убеден дека просторот за корупцијата може да се стесни, но потребна е политичка волја, но не како онаа до сега, декларативна, неопходно е сите институции да ги вршат работите од своја надлежност, согласно Уставот и законите, што подразбира нулта толеранција за корупцијата, за што е потребен проактивен однос на граѓаните, институциите и особено на носителите на јавни функции.

Тоа е единствената надеж и единствениот пат Република Македонија да застане во слободниот пад, да се смени не само перцепцијата, туку фактичката состојба со корупцијата, да стане нормална, слободна, демократска држава која граѓаните ќе ја имаат во свое владение и нема да робуваат на волјата на партизираната администрација, туку ќе ги уживаат благодетите од правните принципи и јавно објавените правила што треба да важат подеднакво за сите и за секоја прилика.

Може во републикава да се потпишат бројни меморандуми и договори за борба против корупцијата, но проблемот е вековната практика, во менталната матрица и генетскиот балкански код останат како реликвија од минатото.

Се до тогаш како граѓани на оваа држава ќе пропаѓаме во амбис без дно, се повеќе ќе се оддалечуваме од евро-атланските интеграции, а државата ќе ни ја перцепираат како црна дупка во демократскиот свет.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?