Макрон се среќава со Меркел за иднината на Европската унија
Објавено во: Свет 15 Мај, 2017
Само ден откако стапи на должност новиот претседател на Франција Емануел Макрон ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел.
Во Берлин двајцата ќе разговараат реформирањето на Европската унија и развојот на односот меѓу двете земји. Доказ за тоа се зборовите на Меркел, која на предизборен митинг во саботата рече дека сака поблиска соработка со Макрон и двете страни ќе направат се за да ја обликуваат европската политика.
Веројатно меѓу темите за разговор ќе биде и желбата на Макрон Германија да го ограничи трговскиот суфицит, како мерка за помагање на другите европски економии.
За време на изборите канцеларката на Германија неколку пати ја истакна поддршката за центристот Макрон против ултрадесничарската Марин Ле Пен, а од своја страна, претседателот на Франција ја посети германската престолнина во текот на својата кампања.
Ова ќе биде прва посета на Макрон во странство како француски шеф на државата, а по традиција прва посета на некој претседател на Франција по преземањето на функцијата е во Германија.
Вчера претседателот официјално стапи на должност и за него претстојат многу предизвици и во Франција - намалување на невработеноста, борба против тероризмот и обединување на една длабоко поделена земја.